Поглупави и од новокаледониската врана!

27.06.2015 17:58
Поглупави и од новокаледониската врана!

Македонската „политичка криза“ во која се дави целото општество, може да се дефинира – заедно со своето решение – во логички исказ од три чекори. А: Суштината на македонскиот проблем е што една партија (ВМРО-ДПМНЕ) ја окупира државата, го суспендира уставно-правниот поредок и изврши обединување на партијата и државата, злоупотребувајќи ги сите институции и ресурси на државата во полза на сопственото криминално владеење. Б: За повторно воспоставување на уставниот поредок и демократијата, неопходно е да се изврши темелна департизација на сите институции на државата. В: Во процесот на департизација и возобновување на демократијата не може да учествува партијата што ги окупира државните институции (ВМРО-ДПМНЕ), зашто таа е извршител на злосторството, таа е суштината на проблемот кој може да се реши само со нејзина политичка и институционална екстракција.

Зарем е толку тешко да се сфати каузалната врска помеѓу овие три става? Зошто тогаш и меѓународната заедница, која, патем, веќе покажа дека ги согледала вистинските димензии на „политичката криза“, и еден недефинирано масивен дел од населението на библиската земја, се однесуваат како да не можат да ги поврзат горните три става во јасна причинско-последична низа? Бидејќи упорното вклучување на Груевски и неговата ДПМНЕ, кои се главата и телото на проблемот, во процесот на обезбедување услови за демократски избори, е јасен доказ дека едноставниот логички исказ во три чекори воопшто не го разбрале!

Во што е работата? Несфаќањето на оваа елементарна логичка низа од страна на делот од домашната јавност што уште ѝ е потчинет на фашизоидната партија-држава на Груевски, може да се разбере, зашто тие биле жртви на еден сеопфатен процес на културно-пропагандна кретенизација што траела неполна деценија.

Но, од каква природа е менталниот проблем на претставниците на големите сили на меѓународната заедница? Конечно, се работи за наједноставна форма на рационално мислење, за транзитна релација (како што ја нарекуваат математичарите) во која, доколку А е поголемо од Б, а Б е поголемо од В, тогаш исто така А ќе биде поголемо од В. Па, тоа го воочуваат и деца од претшколска возраст, и претставува ниво на аналитичко размислување за кое се смета дека го одвојува човечкиот вид од најинтелигентните животни. Во рамките на човечкиот вид овој ниво на мисла е граничен помеѓу нормалните луѓе и оние со пречки во менталниот развој.

Инаку, каузалната низа, односно причинско-последичната врска меѓу различни појави или настани прв како универзален принцип ја формулирал Аристотел: „Меѓу работите што настануваат, едни се производи на природата, други се производи на умеењето, а трети настануваат случајно. Но, сите работи што настануваат, настануваат од нешто и со помош на нешто“. Овој универзален принцип на каузалност, севселенскиот однос помеѓу причините и последиците, големиот Кант го сметал за основа на сите промени во природата: „Сите промени се случуваат според законот на врската помеѓу причините и последиците“. Каузалноста е самиот фундамент на индуктивното заклучување и, како таков, таа е во основата на секоја рационална, аналитичка мисла од која се создадени и природните и општествените науки.

Во што е тогаш проблемот? Да го поставиме поедноставно. А: Македонија умира зашто Груевски ја споил неговата ДПМНЕ со институциите на државата. Б: Единствениот спас на земјата е во процесот на корнењето на узурпаторската партија од државата. В: За процесот на департизација не може да одлучуваат Груевски и ДПМНЕ, зашто тие се предметот на департизацијата!

Навистина не ми е јасно што треба човек да има во черепот наместо мозок, па да не може да ја разбере логиката на каузалната врска помеѓу овие три искази. Еве, читам деновиве, дека научниците потврдиле со повторен експеримент, на поголем број единки, дека враната од Нова Каледонија има интелектуален апарат што ѝ овозможува да решава причинско-последично врзани проблеми во три чекори. Човек да не верува! Експериментот се состоел во сложен проблем како да се дојде до вкусен залак што враната може да го види во стаклена кутија, но е далеку вон дофатот на нејзиниот клун. Залакот може да се дофати со долго стапче оставено во друга кутија што, пак, може да се дофати само доколку се употреби друг покус стап, кој, за неволја, виси врзан на јаже на трето место. Сите новокаледониски врани што учествувале во експериментот успеале од еден, два или три обиди да го подигнат со клун јажето и да го одврзат кусото стапче, со него да го дофатат долгото стапче, за конечно со помош на долгото стапче да си го дотуркаат залакот до клунот. Една од нив, очигледно најинтелигентната, потрошила 110 секунди само на гледање и анализирање на ситуацијата, за потоа од прв обид да го реши проблемот од три чекори, односно употребата на три алатки.

Испаѓа дека сме поглупави од новокаледониската врана! Бидејќи не можеме да му доакаме на сличен проблем во три чекори, на едноставната причинско-последична природа на бинарните релации помеѓу смртта на македонската демократија и нејзиниот малиген канцер ДПМНЕ, како и помеѓу возобновувањето на демократијата и отстранувањето на канцерот од телото на болниот. Можно ли е да бидеме интелектуално поинфериорни од една врана? Очигледно. И, не е никаква утеха што процесот на оглупавување не нè опфаќа само нас – избраниот паганско-библиски народ, туку очигледно поприма застрашувачки глобални размери.

Како и да е, колку и да е тешко да се обезбеди плебисцитарното разбирање на длабоката егзистенцијална каузалност на неопходноста Груевски и неговата ДПМНЕ да не се сметаат за никакви партнери или соучесници во процесот на повторно ослободување и демократизација на Македонија, туку злосторници што треба да одговараат за своите недела, природните последици од овој ментален колапс и од опстанувањето на злосторничката партија-држава на Груевски во каква и да е форма, несопирливо и законито ќе ги претвораат во НИШТО сите „компромисни“ и дипломатски артикулирани обиди за нејзино институционално надминување. Решението е едноставно и го знаат и нашите, а не само новокаледониските врани: оние што пишуваат чекови без покритие се праќаат во затвор; оние што се допингуваат во спортот, се дисквалификуваат од понатамошно натпреварување, а претходните резултати им се поништуваат; лажните фирми за перење пари се затвораат заедно со своите сопственици и управители, а имотот им се запленува; криминалците се судат и затвораат, а оние што се одржуваат на власт со лажирање избори и со создавање антинародно чудовиште од партиска држава, се отстрануваат од власта, од институциите на државата, од политиката и од слободното општество. Само тоа, и ништо друго.

Слики: The Royal Art Lodge
Извор: Слободен печат