За ролјата на Бранко Тричковски во современата македонска опстановка

27.06.2015 22:11
За ролјата на Бранко Тричковски во современата македонска опстановка

Протон псеудос (примордијалната лага) наспроти милитарната и радикална критика (или за ролјата на Бранко Тричковски во современата македонска опстановка!)

 

Мораш да бидеш (да ја живееш) онаа промена што сакаш да ја видиш во општеството (Ганди) е поднасловот под кој го ставам делото на Бранко Тричковски, бардот на македонската револуционерна мисла денес. Тој пишува, имено, вообичаената работа на „колумнирање“ ја прави невообичаено добро! Се води, што е секако по мој вкус, од мотото на 60-тите и хипи-движењето дека „…сексот е секогаш и политика…“ Така пишувајки, тој пишува добро или дури исклучително добро, но тоа не е тајната на Тричкота.

Бранко Тричковски денес го исполнува стандардот на Умберто Еко во Македонија – ја одржува жива милитаристичката, радикална критика во новинарството и литературата. А тоа е тешко, ѓаволски тешко во нашава земја денес, под чизмата на диктатурата за која половина народ смета дека е штиклата на Лили Марлен која треба да ги доведе до екстаза.

Во шумата на скрибомани, Тричковски одржува поинаков стандард кој плени бидејќи има три револуционерни тези:

Една, за потребата од културен преврат по симнувањето на политичката гарнитура на диктаторот од власт – тоа што тој го нарекува де-вмровизација на општеството за да се преживее вакво девастирачко искуство на политичка злоупотреба на еден лажен мит за државотворноста на ВМРО.

Втора теза чија детекција ја сметам за парче уметност е онаа за постоењето и репродукцијата, преживувањето и културниот опортунизам во македонската замислена, измислена и умислена културна елита и граѓански талог, кој всушност го овозможува диктаторот – имено т.н. андоновистика: …Гражданите кои се спремни да се тушираат во кабините на Аушвиц, да ги градат ќеле-кулите од закланите за демократијата. Умоболниот хор во чиј фон, преку чие роморење Македонија ужива во сопственото умирање. Андоновистичките слонови на чиј грб дојава диктаторот и ја исчисти шумата. Ние ќе исчезнеме како нација затоа што сме андоновисти. Затоа што обожуваме да се валкаме во сопствената кал на умисленост, измисленост, лажност и патетичност.

Ова се сентенци на Тричковски кои станаа литература.

Де-вмровизацијата и андоновистиката се двете линии кои Тричковски во своите колумни приопштени и во оваа последна книга, „Проститутката која го сакаше својот мевосек“, ги обработува монументално и маестрално. Нормално дека тој не може да биде прогласен за „совест на општеството“ таму каде совест нема, или да добие награда таму каде почестите обесчестуваат, но ќе го добие нашиот благ наклон за убавината и тревожноста на текстовите кои ни ги приопштува.

Не може да има слобода без момент на насилство, драги мои! Таа еманципаторска солидарност, тој повик го има во неговите текстови кои упорно го одвраќаат Македонецот од инерцијата да функционира според геометријата на амбисот (Сјоран), во слободен пад! Но тоа не се само „програмски текстови“ иако и само такви би биле одлични. Истовремено има радост во неговите текстови, како да се правени според догмата на епикурејците: да се живее без жалење, без каење (што посебно ја препознавам и што посебно ми се допаѓа).

Тричко не е новинар кој, како што викаат Србите, „јео траву бунуку“ или откачува. Тоа е само одбранбен стереотип на андоновистите кој го поставуваат пред налетот на неговиот милитарен и критички текст. Тој е сè она што тие не се и што друго можат да кажат?

Но, тој е оној поради кој животот на сите нас останатите ни е полесен и кој ни овозможува да подишеме троа!

Во какво време интервенира текстот на Бранко факинг Тричковски? И зошто, според мене, тој е Мастер – означувач на нашата слобода-која-треба-да-дојде?

Затоа што, драги пријатели, ние ја живееме најмрачната фаза во нашата транзиција – деволуција или остар свиок кон диктатура преку обид за остварување на идентитетот на Македонецот во обликот на „утопијата на десничарскиот популизам‘‘ или, со други зборови, диктатурата на пастирот. Тој национализам на десната утопија конспирира и паразитира против сопствениот народ и нација – спремен да го жртвува него како граѓанско општество и историски народ.

Тој развива и искористува мрачни стереотипи за тоа каков и кој е „вистинскиот Македонец“ и која е неговата судбина. Тој гази една инхибирана, робовска слика на Македонецот за самиот себе како омразен, згазен, поделен и спротивствен на сите и судрен со „светот и векот“ (како што велеше баба ми). Македонецот како архетип на историска будала која секаде бара и гони предавници, конспирации и непријатели.

Таа слика успева да пороби значаен дел од македонското гласачко тело и во тоа е проблемот на македонската диктатура. Таа не е без идеологија на самоперцепција на Македонецот, која идеологија поробува, но која тој самиот ја пие. Диктатурата создава свој – зомби народ! Граѓанството е укинато и забрането, а ние сме сведени на хомо-сакери (Агамбен), во состојба на гол живот на кои им е понуден живот без права, кој само изгледа како „човечки живот“. Тоа е конечно идеалот на преродбата – „Македонец со посебни потреби“ кој постојано бара да биде прероден и повторно затрупан и повторно прероден и така во лоша бесконечност.

Таа трагедија на современиот Македонец ја спознава Тричковски во своите текстови. Затоа се тоа револуционерни и истовремено филозофски памфлети за ослободувањето и за слободата како таква.

А тој е Мастер-означувач на ослободувањето затоа што слободата, како што вели Бадју, не можеме да ја приопштиме директно и сами. Потребен ни е Мајсторот-означувач кој нè води кон тоа што всушност ние сакаме и посакуваме. Тој ја посочува патеката на пристап до слободата, неа ја дефинира како потреба и цел на политичката акција, за неа зборува како себе-ослободување (тоа е последниот или првиот, сеедно, Зен-аспект).

Таа, слободата, во нашиот случај се остварува со идеологија за еманципираниот Македонец како лева-утопија. Таа трага ја гони Тричкоски сето ова време.

Тој ни е содружник и илуминатор на тој пат и го поздравуваме со поздравот на гладијаторите: оние што се подготвени да умрат за слободата те поздравуваат (а тие, драг Тричко, се многу малку, но нејсе).

Скопје 26.06.2015

Извор: Либертас
Слики: Свирачиња