Појужно - потажно

29.06.2015 01:02
Појужно - потажно

Имам поминато две убави години во Грција. Тоа можам да го кажам сега, после 25 години. Тогаш, додека студирав и додека ја работев магистерската тема, беше тешко, беше стресно, беше напорно, ама после сè останува впечатокот дека беше убаво. Една година бев во Хања, на островот Крит и една година во Солун во Институтот за Северна Грција и Тракија, кој сега се вика (погодувате) Македонија. Таму морав на дневна основа да комуницирам со техничарот Апостолис (нагалено Толи) кој не знаеше англиски, а јас не знаев грчки. Сакала – нејќела, морав да го научам јазикот. Како што си е редот, почнавме со цртање, пишување и пантомима, па ги совладав пцовките, бројките, деновите во неделата и, на крајот на мојот престој, можевме дури и за политика да зборуваме. Нормално, во комбинација со претходно споменатите пцовки.

Во тоа време „Македонското прашање“ не беше актуелно. Во тоа време, Грција процветуваше и безмилосно ги трошеше европските фондови. Учителките одеа во пензија на 35-годишна возраст, а на нивно место се вработуваа нови. Успешно се реализираа предизборните ветувања, со туѓи пари. Доаѓајќи од земјата на едноумие и еднопартиски систем, баш и не ми беше јасно зошто се крева толкава еуфорија околу изборите. Апостолис ми објасни дека партијата на власт добива можност да им се оддолжи на своите гласачи со убави места во администрацијата. Звучи познато, нели? Еден од првите грчки глаголи кој го научив беше „клепсо“. Во превод – краде. Беше употребуван на сметка на политичарите од двете актуелни партии ПАСОК и Неа Демократија. И ова ќе ви звучи познато. Толи велеше дека и едните и другите – крадат и успешно го замајуваат народот.

А народот, како и секој народ од регионов, сака да јаде, да пие, да пее и игра и по можност, да не работи. Неверојатно сме слични, ние и Грците. Срдечни, и во љубов и во омраза. Се смееме на исти работи. Вицовите ни се исти, само се имињата и топонимите различни. Плачеме на патетични песни, дури и на исти стихови ги кршиме чашите. Се качуваме на маса на „Стани моме да заиграш“ која кај нив се вика поинаку, ама пораката е иста. После 25 години македонска демократија, испадна дека и политичарите ни се слични.

 

Доаѓањето на Ципрас и неговата левичарска партија Сириза на политичката сцена беше голема победа над двопартизмот во Грција. Иако од самиот почеток беше јасно дека наследуваат девастирана економија и национален долг кој сосема ја оправдува сентенцата „Должен како Грчка“, тој вети дека ќе ќе ги омекне мерките на штедење и дека ќе ја зголеми вработеноста. До неодамна ми беше дури и симпатично како Ципрас и неговиот министер за финасии успеваа да ги надзборат, разубедат и убедат меѓународните кредитори да добијат време за остварување на ветеното. Времето истече. Во вторник, 30 јуни, најдоцна до 18.00 по вашингтонско време, на сметката на Меѓународниот монетарен фонд треба да легнат 1,6 милијарди долари, уплатени од Атина. Пост фестум, можеби пост мортем во случајов, четири дена после истекот на рокот, Ципрас го повикува грчкиот народ на референдум да се изјасни дали е за или против мерките кои ги предлага ММФ. Каде е сличноста со нашите политичари? Неговиот македонски колега, Никола Груевски, кој ја базираше изборната програма на два столба – економски развој и разрешница на спорот за името, во даден момент рече дека народот е тој кој преку референдум ќе се изјасни за името. Економскиот развој нема да го дискутирам, и онака сите го „уживаме“. Заедничкиот именител за двата случаја би бил – политички кукавичлук. Кога не се во состојба да го реализираат ветеното, кога ќе сфатат дека чекорите кои се преземаат ќе бидат непопуларни, обајцата се кријат зад народот и му ја префрлаат одговорноста за која лично се заложиле.

Неодамна дознав дека е Апостолис жив и здрав и дека е уште на работа. Му посакувам нему долг живот и здравје, а на сите Грци, што поскоро и со најмали можни последици - да го најдат својот пат до стабилност. Што се однесува до демократијата, за жал, имаме уште долг пат да одиме. И ние и нашите јужни соседи.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Стефанос

ОкоБоли главаВицФото