Ограда

29.06.2015 08:49
Ограда

Оградата е симбол на затвореност, на страв, па и на ксенофобичност. Нејзината улога е да го заштити стопанот на оградата од надворешниот свет, кој, по правило, е непријателски расположен, а секако и да ја означи (обележи) сопственоста на која не е пожелно да се најде туѓа или неповикана нога.

Не знам во кој друг клуч би можело да се чита и оградувањето на објектот на Владата на Република Македонија, освен како инсталирање на дополнително обезбедување од несаканите натрапници, а како што сега стојат работите, такви што би се приближиле на релативно опасна оддалеченост од Владата се сè повеќе. Добро, со оглед на цената на оградата (околу 700.000 евра) можни за претпоставка се и други мотиви, иако примарниот веројатно лежи во – стравот.

На крајот на краиштата, може да се извлече и некаква аналогија токму со историјата на објектот што се оградува. Имено, станува збор за некогашната Це-Ка, односно за зградата на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија, а како што е познато, токму Це-Ка, односно зданието што го симболизира овој орган, е носителот на најголемата, да не кажеме на апсолутната моќ во времето на таканареченото едноумие. Значи, дури и во тоа време на еднопартиска диктатура, оваа зграда не само што не беше оградена (или специјално чувана од внатрешниот и надворешниот непријател), туку просторот пред неа беше еден од поубавите и пофункционални јавни простори во градот. За волја на вистината, граѓаните на Скопје во последните седум-осум години навикнаа на узурпирање на градските простори, од парковите и планината Водно, преку плоштадите, па сè до пешачките острови, така што на некој начин станува и нормално гласовите што предупредуваат на целосното девастирање на урбаната комуникација да бидат сè потивки. Едноставно, прагот на толеранција станува сè повисок („Тие го уништија цел град, па сега за една ограда“), што, се разбира, узурпаторите на големо го користат.

И историски гледано, барем според археолозите, оградата е измислена за заштита. Првите огради се направени од дрвени колци и земјени насипи, а основната намена им е заштита од животни, а дури подоцна од непријателите. Првите огради за заштита од непријателите го опкружуваат целото населено место и, исто така, се дрвени и земјени, а нешто подоцна ѕидани. Оттука произлегуваат и градовите, односно утврдените центри. Со ѕидови се оградуваат и цели држави. Најпозната таква ограда е Кинескиот ѕид, наводно единствената градба направена од човекова рака што може да се види од месечината. Деновиве Унгарија, како начин да го спречи мигрантскиот бран, најави градење ѕид на границата со Србија.

Една од најпознатите огради е и Берлинскиот ѕид, урнат во 1990 година, заедно со паѓањето на комунизмот. Но, Берлинскиот ѕид не е единствена таква градба. Израел со бетонски ѕид, висок осум метри, се оградува од Западниот брег, правдајќи ја неговата изградба со безбедносни причини. Во Белфаст, Северна Ирска, до 2009 година се градеа ѕидови на разграничување меѓу католичката и протестантската (англиканската) заедница. Денес овие ѕидови се туристичка атракција, но и потсетник на меѓусебното повеќевековно насилство. Шпанија, исто така, поради бројните мигранти ги има оградено своите енклави Сеута и Малила. Жичана ограда, долга околу 180 километри, ги одвојува турската и грчката заедница на Кипар. Иран во 2007 година започна да гради ѕид на својата граница со Пакистан, наводно за спречување на илегални дејства (шверц, дрога). Овој ѕид би можел да биде долг дури 700 километри, а практично ја преполовува територијата каде што живеат припадници на балучистанскиот ентитет, кои сега се наоѓаат на двете страни од ѕидот. Рио де Жанеиро ги обиколува со ѕид, висок од 80 сантиметри до 33 метри, своите фавели, наводно да не се шират кон Тижуце, еден од најголемите природни резервати во градско опкружување. На една третина од 3.200 километри долгата граница меѓу САД и Мексико е изграден метален ѕид. Мигрантите повторно се наведуваат како причина за овој потфат вреден 2,5 милијарди долари. Ѕидови постојат меѓу Индија и Пакистан, Северна и Јужна Кореја, Боцвана и Зимбабве, Мароко гради ѕид во Западна Сахара итн.

Впрочем, терминот „град“ го има својот корен во „ограда“ (а не обратно). Всушност, основата е прасловенскиот „горд’“ (ограден простор, оградена населба), чие потекло се врзува за индоевропското ghordhlo-, (на санскрит grhas – куќа), а оттука доаѓа и градина, како и англискиот garden.

Сепак, од Кинескиот ѕид наваму, искуството учи дека оградите не се некој ефикасен лек за одбрана на територијата и ресурсите. Напротив. Најчесто се градени за да бидат урнати.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото