Никола Груевски претстави акционен план за спас од Никола Груевски

30.06.2015 13:51
Никола Груевски претстави акционен план за спас од Никола Груевски

Скопје, 30 јуни 2015

Премиерот Никола Груевски има акционен план за секој проблем во државата, вклучително и за самиот себе како главен проблем на Македонија во моментов, изјави портпаролот на Владата Александар Ѓеоргиев. Откако во Извештајот на Прибе врвот на Владата и фамилијарно поврзаните високи функционери беа посочени како главна причина што нема демократија во земјава, Груевски направил акционен план од неколку точки за решавање и на овој проблем.

– Владата не бега од проблемите, туку ги решава. Груевски не е како други политичари кои сакаат да дојдат на власт без работа. Тој ги прифаќа препораките на Прибе и веднаш седна и сработи план како тие препораки да се имплементираат. Во планот е предвидено тој да си замине од функцијата и за да нема застој во реформите веднаш да се врати на истата, но освежен, реформиран, очовечен. Само еден нов и реформиран Груевски може да се справи со проблемите што ќе ги наследи од стариот Груевски. Да, Груевски е проблемот на државава, но тој е и решението за неа – вели Ѓеоргиев.

Во ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека за наследник на Груевски го подготвуваат Груевски и велат дека не е фер спрема опозицијата, тие да ги решаваат проблемите што тој ги направил.

– Проблемите треба да ги реши тој што ги направил. Затоа, предлагаме Груевски да го наследи Груевски. Нашиот акционен план ја има поддршката од САД и од ЕУ – вели пратеникот Илија Димовски.

Извор: www.kozanostra.net