Марсеј 2013 – ЕПК за туристи

01.07.2015 12:03
Марсеј 2013 – ЕКП за туристи

„Refont nos quartiers
Et nous virent
Pendant que la misère s’accroît.
Tranquille se pavanent les touristes
Pendant que mes frères sont au placard.
Partout les caméra nous fixent
Pour mieux aseptiser chaque place
Et l’identité de la ville!“

„Ги преуредија нашите квартови,
и не исфрлија
додека бедата расте
туристи мирно парадираат
додека моите браќа се во затвор
насекаде не следат камери,
за подобро да се стерилизира секое место
и идентитетот на градот“

Наведените стихови се дел од песната Capitale de la rupture (Престолнина на кршот) од аргентинско-француската хип-хоп артистка Кени Аркана во која оваа ангажирана уметница го искажува своето незадоволство од процесите кои се случија во текот на 2013 година, кога нејзиниот роден град Марсеј беше Европска престолнина на културата. Во својата песна Кени луто рапува за тоа како Марсеј доспеа до насловните страници претворајќи се во нашминкан град на француската ривиера, истовремено справувајќи се со сиромашното население од центарот на градот со иселување и трупање во затвор ситни дилери на кои продажбата на дрога им е единствен начин на преживување. Накратко, создавање на урбан апартхејд од град во кој отсекогаш живееле различни заедници и тоа, иронично, на штета на традицијата и културата на Марсеј.


Од друга страна, очекувано, во извештаите за проценка на Европската комисија, после спроведениот проект Европска престолнина на култура, за Марсеј има само суперлативи.

„Со иницијативата ЕПК поттикнато е широко делување во културата преку многу случувања на отворено кои се одржаа во јавноста. Имаше посебни случувања за млади и проекти преку кои се направи обид да се допре до луѓе кои обично не посетуваат културни настани или живеат во неразвиените делови на подрачјето, на пример - проектот Quartiers Créatifs (Креативни соседства)“

„Престојот во хотели и посетата на странски туристи во Марсеј се зголеми за 9, односно за 17 проценти во однос на претходната година.“

„Постојат и докази дека се подобрува негативната слика на Марсеј, како кај домашното население, така и на национално ниво, така што Марсеј за прв пат се смета за културна дестинација.“

„Во Марсеј – Прованса е спроведена опсежна серија на активности и се проценува дека се привлечени повеќе од 11 милиони посетители, а со тоа е можеби најпосетената Европска престолнина на култура воопшто,“ стои во извештајот за проценка за Европска престолнина на култура за 2013 кој Европската комисија го приложува на Европскиот парламент.

Така што одговорот на прашањето дали и на кој начин Марсеј профитираше, зависи од тоа кого прашувате. 

Најпрвин за бројките 

Инаку, во Франција беа примени осум пријави, а во јануари 2008 година, четири града влегоа во потесен избор, за во септември истата година да се одлучи за регионот Марсеј – Прованса. Марсејската програма е замислена како приказна во три поглавја заснована на главните предности на тој регион - отвореност спрема светот, отвореност спрема природата и богатството на неговиот идентитет, Марсеј – Прованса како домаќин на целиот свет (од јануари до мај), Марсеј – Прованса под отворено небо (од јуни до август) и Илјадници лица на регионот Марсеј – Прованса (од септември до декември). Средствата кои беа вложени за припрема и реализација на проектот се чини дека само донекаде ги исполнија очекувањата.

Во периодот од 2009 до 2013 година за припрема на проектот, Марсеј имаше буџет од 98 милиони евра, како што вели Улрих Фукс, германски културен менаџер, кој беше заменик директор на проектот Европска престолнина на култура, а сега и еден од членовите на комисијата за избор на ЕПК за 2020 година во Хрватска. Најголем дел од парите, 69 проценти од вкупниот износ (70 милиони евра) беа вложени за продукција на културни случувања. 20 проценти од буџетот (18 милиони евра) беа потрошени на оперативни и координативни трошоци, како што се плати и други општи трошоци. За комуникациски активности беа потрошени 11 проценти од буџетот (10 милиони евра). Во овој износ, како што напомена Фукс, не се вклучени инвестициски вложувања како што се изградба и реновација на музеи и други културни институции. Тие трошоци се проценети на 680 милиони евра.

Финансиската конструкција за самата 2013 година ги премина планираните 14 милиони евра, па најпосле беа собрани 16.5 милиони евра. Интересен податок за хрватската јавност, каде што по повод  кандидатурата на нашите градови, од страна на различни актери постојано се истакнува позитивната страна на можностите за повлекување средства од ЕУ фондовите, е дека Марсеј од наднационалните европски институции ја доби само загарантираната награда од Мелина Меркури во износ од 1.5 милиони евра. Останатото го донесоа спонзорства од компании. Повеќе од 200 компании осигурија 14.5 милиони, а преостанатиот износ го даде локалната власт (13 различни тела на јавната власт) и 11 министерства.

Што се однесува на изградбата на културните институции и инфраструктура за ЕПК, градот реновираше неколку постоечки места како Музејот за убави уметности (Musée des Beaux Arts), зградата на музејот за мода, керамика и применета уметност во паркот Борели, како и комплетно ја уреди поранешната фабрика за цигари (Friche de la Belle de Mai) која сега е претворена во уметнички центар со повеќе од 2400 м2 изложбен простор. Од новите институции, покрај музејот за современа уметност FRAC, најмногу внимание привлекоа зградите Villa Méditerranée, замислена како меѓународен центар за дијалог на Медитеранот, како и Музејот на европски и медитерански цивилизации (MUCEM).

Овој музеј е вреден 200 милиони евра и е изграден со заеднички средства од регионот, градот, департманите и државата. Отворен во јуни 2013 година MUCEM е еден од ретките национални музеи на Франција кој се наоѓа надвор од Париз. Со импозантна архитектура која се состои од старата средновековна тврдина Сен Жен која со 130 метарски мост е поврзана со новоизградената зграда на архитектот Руди Ричоти, на влезот на Старото пристаниште на Марсеј, MUCEM му даде сосема нова визура на тој дел од градот.

Особено навечер кога новата зграда на четири ката, каде што се наоѓаат четири постојани изложби (Настанување на земјоделството, раѓањето на боговите, Ерусалим – трикратно свет град, Граѓанството и човековите права, Од онаа страна на познатиот свет), но и простор за привремени изложби, ќе ја украси светлосна инсталација. Покрај овие две згради, дел од MUCEM е и дислоцираниот Конзерваториски центар за истражување. „За функционирање на музејот издвоени се 25 милиони евра годишно. Од нив 7 до 8 милиони евра доаѓаат од влезници, околу седум се донација, а остатокот го дава државата“, објаснува Денис Шевалиер, главен конзерватор и директор на одделот за истражување. Од 2.5 милиони посетители кои го посетуваат музејот годишно, 20 проценти се странци, половина доаѓаат од департманите, а останатите од други делови на Франција.

Музејот има посебен одел кој се бави со маркетинг, а за цел има привлекување на посетители од градот, особено оние помалку образовани кои не одат често во музеј. „Преку различни програми се обидуваме да ја прошириме нашата публика бидејќи денес музеите не можат да опстанат без финансирање од влезници и приватни донации. Но, исто така се обидуваме да привлечеме и посиромашни луѓе кои не посетуваат музеи. На пример, неодамна имавме изложба на храна, па организиравме вечер на приготвување на традиционални јадења каде што се поврзавме со организации од предградијата со цел луѓето од тие делови на градот да дојдат и да подготват специјалитети од нивните краишта,“ вели Шевалиер. Во текот на 2013 година од Старото пристаниште пловеше брод кон северните квартови по пристапна цена кој овозможуваше брз и лесен транспорт до тие изолирани делови од градот. Денес повеќе го нема, но се размислува за повторно воведување на линијата, но со повисока туристичка цена.

Но не станува збор само за укинување на линијата. После тоа, а и за време на 2014 година Марсеј се соочи со финансиски потешкотии. Пред крајот на годината, снема пари, голем дел од луѓето беа отпуштени, а предвидените манифестации се одржаа со големи потешкотии. 

Многу згради, малку програми 

Денеска Марсеј од ЕПК има многу згради, а малку програми, како што ми раскажа Жан Кристофол, еден од „задругарите“ во Хотел ди Норд, хотел кој е настанат токму поради Европската престолнина на култура.

Особено погубна била 2014 година бидејќи парите за култура воопшто немало и многу организации престанале да работат. Според негово мислење, ЕПК за Марсеј донел и позитивни и негативни последици. „Во прв ред позитивно е што престолнината на културата допринесе да се промени имиџот на градот, а тоа за Марсеј значи многу. Исто така се покажа дека во Марсеј постои публика заинтересирана за културен развој. Првите денови улиците на градот беа полни, и тоа не од туристи, туку од граѓани. Така беше на сите манифестации, особено на оние кои се однесуваа на современата уметност. А особено што во Марсеј луѓето се игноранти, незаинтересирани за култура. Таа година покажа дека тоа не е така, дека на луѓето ги интересираат случувањата во културата. Тоа беше навистина интересно,“ вели Жан. Но веќе споменатите организациски болки предизвикани од недостатокот на финансии или насочување на финансии, според Жан непотребни инвестиции, дефинитивно се негативниот аспект на целата приказна. „Покрај постојниот музеј на современа уметност, добивме уште два – FRAC и преуредувањето на Friche de la Belle de Mai. Толку музеи на современа уметност на Марсеј не му се потребни. Во нив нема доволно изложби и таму ништо не се случува,“ раскажува Жан. Особено е лут бидејќи му се чини дека ЕПК не е спроведен поради граѓаните на Марсеј. „За време на припремите за цела година, сето време се зборуваше за тоа како ЕПК се прави поради граѓаните на Марсеј, но на крајот сфативме дека тоа не е така, бидејќи ние не добивме премногу од тоа,“ вели Жан.

Хотел Ди Норд 

Иако доста критичен кон целиот процес, Жан раскажува како кооперативот Хотел ди Норд настанал токму поради ЕПК. Имено, станува збор за задруга во која се насобрани истражувачи и најмувачи на соби од северниот кварт на градот. Тоа е големо подрачје на Марсеј каде што се сместени социјални згради изградени во шеесеттите и седумдесеттите години, место со висока невработеност во кои единствена можност за заработка на младите луѓе им се продажба на дрога и проституција. Но на тоа големо подрачје живеат и претставници на средната класа, уметници и интелектуалци, кои пред дваесет години започнале да го населуваат подрачјето бидејќи цените на недвижнините биле доста поволни. Во пресрет на ЕПК, сфатиле дека во тој дел од градот не е предвиден никаков проект ниту случување па затоа конзерваторката и историчарка Кристин Бретон, која професионално се занимава со ова подрачје, одлучила да основа задруга која би го истражувало нематеријалното наследство на тој крај и примала уметници за време на целата година. Добиле почетни средства за основање, а денес задругата бори шеесет членови кои се занимаваат со прифаќање на гости во своите куќи, водење туристички тури по северните квартови, како и истражување на просторот. Во текот на 2013 година организирале престој на гости уметници во северните делови на градот. Денеска се финансираат со сопствени средства.

Покрај фактот што Марсеј за тема го имаше мотото „Споделувајќи го северот“, инсистирајќи на културната разноликост на регионот, Жан нагласува дека токму деловите на градот во кои живее разнолико население воопшто не биле опфатени со никаква програма, освен самоиницијативното делување на кооперациите, поради што за време на ЕПК добиле и почетни средства за функционирање. Уредување на центарот, ориентација на туристи и поправање на имиџот на градот се чини дека биле главните водилки на овој процес од кој Марсеј доби нови згради за култура со проблематична одржливост, освен за споменатиот MUCEM музеј. 

извор:pogledaj.to

 

 

ОкоБоли главаВицФото