Дали сме наивни?

01.07.2015 17:15
Дали сме наивни?

Зоран Заев не го признава судството како независна власт и ги повикува истражните тела да го уапсат. Со ова е ставена точка на уште еден чин од македонскиот театар на апсурдот кој го гледаме со месеци и кој веќе почнува сериозно да ми оди на нерви. Во екот на (кој знае веќе која фаза од) преговорите, договорите или разговорите меѓу лидерите на т.н. најголеми партии во Македонија, кога почна да се наѕира некаков договор за составување привремена влада која ќе стави крај на кризата во мојата земја, одеднаш, со ништо непредизвикани, нашите македонски ем независни судии и обвинители, решија да го активираат обвинението за случајот „Пуч“ против лидерот на СДСМ. И додека шест месеци слушаме од „бомбите“ како партиски е ѕидано, градено и доградувано нашето судство, истото тоа судство, реши да глуми Дева Марија. Да тера строги процедури и уште построги рокови, да покажува стручност, правдољубивост (нели, никој не е над законите) и објективност, а всушност ја покажува сета своја мизерија. Полтронска мизерија од епски размери.


Па добро бре луѓе од власта, до тоа дереџе ли дојдовте што не ја гледате шумата од дрвата? Дали мислите дека кризата може да се решава со нејзино разгорување, односно оганот да се гаси со бензин? Тоа што основното Марфиево правило вели дека ништо не е толку лошо за да не може да биде уште полошо, не значи дека е применливо и во политичката пракса.

А бидејќи за себе сé уште имам мислење како за нормален човек, кој нешто во уката научил, од животот купил и од светот на мудроста позајмил, ќе наведам три прости и логични примери за грешките на власта. Не за девијациите документирани во аудио снимките кои се класични кривични дела (иако за нив нашето партиско судство ќути како залиено), туку за чекорите кои Груевски ги презема за да си ја спаси кожата.

Прво, секој комарџија знае дека најголемиот зијан не е кога губиш партија покер, туку кога пробуваш да си ги вратиш парите. Оваа покерашка филозофија ако се преведе во светот на политиката, би значела дека колку повеќе се обидуваш да се спасиш од јавната компромитација, толку повеќе се компромитираш. Во изминатите неколку месеци првиот ни министер направи серија лупинзи и глупинзи, со уште поголема серија изјави кои потоа експресно ги менуваше, што од себе направи карикатура. И не само тоа, неговиот ужас од она што беше обелоденето за него и неговите најблиски, го туркаше и во правење нови кривични дела, како што е обелоденувањето на ПИМ мерките за разговорите со Заев. Со тоа Груевски дополнително се избламира во очите на своите верни поддржувачи, но и во очите на меѓународната заедница претставувајќи се како исплашен зајак кој е подготвен да ја стави на коцка и сопствената земја, само за да се спаси. Сегашното негово глуматарење и повикување на избори во Струмица личи на крик на очајник, кој се фаќа за последната сламка за излез од безизлезот. А безизлезот се вика така, затоа што не постои задна врата за евакуација.

Второ, радоста и тагата можат да се поделат со другите, ама вината не. Таа сама по себе е индивидуална. Тоа што сега Груевски се обидува да ги замени тезите и наместо да се зборува и реагира за неговата улога во злоупотребата на власта и силувањето на државата, отвора нови теми за корупцијата на Заев, за странските служби и за деструктивните домашни предавници и соросоиди, во суштина значи само едно – обид за колективизирање на неговата одговорност. А тоа е невозможно, бидејќи оние кутри луѓе кои кампуваат пред Собранието, не уриваа туѓи згради, не затвораа невини луѓе, не купуваа скапи мерцедеси и евтини плацови. Ваквиот манир на давеник кој се обидува да повлече што поголем број луѓе со себе, не само што е неморален и кукавички, туку е и предавнички. Тој е на директна штета на државата, на нејзините институции и, пред сé, нејзините граѓани, што претставува злосторство од највисок степен.

И трето, дури и децата знаат дека оној што гласно пее во шума, всушност се плаши. Врескањето на митинзите за сопствената (партиска) супериорност, с’скањето на медиумските комесари да ја продаваат приказната за неговиот неповторлив учинок за државата, всушност го откриваат сиот очај на премиерот. Свесен дека против него не е само опозицијата, туку и сé помоќниот граѓански сектор, а што е уште полошо – и меѓународната заедница (јасно напишано во извештајот на Прибе), на Груевски му остана само врескањето, односно пеењето в шума. Знам дека диктаторите своите најпламени говори ги држат на својот залез, односно кога се свесни дека деновите им се одбројани и дека нив „само историјата ќе ги одмазди“ (изјава на Чаушеску пред стрелачкиот вод).

Јас и луѓето со кои мислиме исто, не сме наивни. Многу добро знаеме со кого имаме работа и што треба да правиме понатаму. Апсурдот не може вечно да трае.

Слика: Свирачиња
Извор: Фејсбук