Ќе добие ли Хрватска велосипедска магистрала?

02.07.2015 15:29
 Ќе добие ли Хрватска велосипедска магистрала?

За време на изминатите две декади Хрватска доби импресивна мрежа на автопати какви што нема во многу други земји и тоа на ниво на стандардите на западноевропскиот свет. Во овој текст нема да расправам за тоа на кој начин беа финансирани тие автопати, ниту дали се исплатливи, туку повеќе ми е важен фактот дека речиси сите возачи на автомобили се задоволни од нив бидејќи им овозможуваат сигурно и удобно возење. 

Што мислите, ако Хрватска можеше да изгради такви автомобилски патишта, дали е желна и способна да изгради и мрежа на велосипедски патеки кои би биле на ниво на стандардите на западноевропските земји? При тоа не мислам буквално на физичко градење патеки, туку повеќе во смисла на обликување мрежа на соодветни велосипедски патишта, било постоечки (патишта со помалку промет), било новоизградени патишта специјално наменети за велосипедисти. 

Последниве години во Хрватска е забележан силен пораст на бројот на велосипедисти кои постојната (слаба) инфраструктура едвај ги задоволува. Најдобра илустрација на таа состојба е Загреб кој доживува велосипедски бум, и покрај тоа што „мрежата“ од велосипедски патеки се состои од многу неповрзани, поголеми и помали, патеки со помош на кои е многу тешко да поминете било кое растојание вдолж градот без да се изложите на животен ризик или опасност од плаќање казна поради возење преку пешачки премин на кој не е исцртана велосипедска патека,  која довстасува од двете страни на зебрата, но не оди и по неа. 

Но за разлика од градските велосипедски патеки, кои сепак до некаде ги има, вистински приградски и меѓуградски велосипедски патеки во Хрватска речиси не постојат и верувам дека самата идеја за можноста за постоење на такви патеки кај нас, автоцентрична земја каква што сме, кај поголем дел од велосипедистите наидува на скептично смешкање: „Замислите, зарем на некому би му паднало на памет да гради такви нешто?“

Но, факт е дека овие денови се разговара за еден проект од тој вид, градење на велосипедски патеки вдолж реката Сава помеѓу словенската граница (кај местото Бреганa) па до Дубравчак Лијеви, села јужно од Загреб. Должината на тој правец изнесува импозантни 121 километри од кои поголем дел претставуваат новоизградени патеки наменети исклучиво за велосипедисти и пешаци. Звучи неверојатно, зарем не? За споредба, целиот тек на Сава има отприлика 990 км, а некои веќе го извозија од изворот до устата. 

Да видиме каква е сегашната состојба на велосипедскиот промет помеѓу населените места во Хрватска. Туристичките заедници на општините, градовите и жупанијата во поголем дел го препознаа интересот за велосипедски туризам и многу од нив веќе означија велосипедски патеки од различни должини, тежински фактор и секако квалитет.

Самиот проект не чини многу – некој со малку подобра кондиција и разбирање за желбите и потребите на велосипедистите треба да седне на велосипед, да пронајде колку-толку смислена патека, тоа да се исцрта на карта која ќе се објави на Интернет и тоа е тоа. Минимален трошок, а ете, целиот проект е фрлен на маса и сигурно на крајот од годината однекаде ќе се извлечат и бројки колку велосипедисти поминале по таа патека и за колку проценти тоа допринело да се зголеми туристичкиот промет на таа и таа  општина, град или жупанија. И, што е најдобро, ако трасирањето на патеките е добро изведено, а нацртаната карта квалитетна, тогаш навистина може да се работи за доста добра можност за поминување на активното слободно време. 

За жал, тоа не е случај. Често е проблем такви патеки да се трасираат по доста прометни патишта, што ги прави не само неугодни, туку и опасни. Затоа, и со најдобра карта сепак овде и онде е потребна и по некоја ознака на терен – нив некаде ги има, но најчесто ги нема. А и кога ги има, не се нужно поставени на најдобар начин. А да не зборувам за квалитетот на картите (било поради преголемите мерила, било поради кривото исцртување на трасираните патеки) и со површни описи кои доведуваат до заблуда. 

Неодамна имав можност да ги споредам нашите патеки со оние во соседните земји, Словенија и Австрија, со оглед дека се превезов по Дравскиот велосипедски пат помеѓу Рушe и Марибор во Словенија, па Муравскиот велосипедски пат помеѓу Грац и Лајбниц во Австрија. Еве ги моите впечатоци. 

Трасирање

Словенија: Главно добро, но на некои кратки делници патеката е пресечена со главен регионален пат со голем промет. Колку што успеав да забележам, постоеја можности и за подобро водење на патеката преку локални патишта, како на пример во Австрија, каде што на тие неколку делници во вкупна должина од 600-700 м едноставно беше изградена посебна велосипедска патека. 

Австрија: Идеално. Патеките на ниту едно место не поминуваат по прометни улици/патеки туку се спроведени исклучиво низ локални патишта. Некои премини на главните патишта се изведени на две нивоа. Сѐ почесто е случај делниците да се состојат исклучиво од велосипедско -пешачки патеки. 

Патокази:

Словенија: Постојат, но најчесто се поставени ретко и покажуваат погрешни насоки (или поради интервенции на вандали или поради негрижата на надлежните), што значи не се баш задоволувачки. 

Австрија: Означувањето по правило е квалитетно спроведено, со доволно патокази и сигнализација ( вертикална и хоризонтална) и тоа на вистински места. Патоказите често содржат податоци за оддалеченоста на клучните места, а не само насоката на движење. 

Попратни материјали:

Словенија: Вообичаено постојат, но често се премалку. 

Австрија: Постојат, обично во добра мера, а ги има најчесто на Интернет, бесплатно. 

Останати содржини:

Словенија: Главно се сведуваа на по некоја клупа или корпа за ѓубре, во зависност од љубезноста на локалната самоуправа низ која поминува патеката. 

Австрија: Исто така зависи од локалната самоуправа, но многу често тоа се одморалишта со питка вода (доста важно!) која може да се најде на оддалеченост од 4-5 километри, потоа патокази до угостителски објекти и сместување, попатни занимливости. Повремено можат да се најдат и детски игралишта, информативни плочи...

Заклучокот и не е изненадувачки – Австрија, која има подолго искуство со велосипедски туризам (велосипедската патека вдолж Дунав на австриско тло е уредена уште во 1983. ) има најдобро уредени патеки, додека Словенија, која има доста помал стаж во таа гранка на туризмот, сè уште не е целосно доградена. 

А ние Хрватите?

Во мигот кога ќе се осмислуваат нови проекти како овој, во ситуација сме да учиме од најдобрите и да го преземеме сето она што се покажало како добро, корисно и сигурно при проектирање на велосипедски патеки. Се надеваме дека нашата велосипедска магистрала ќе биде уште подобра и попогодна за возење од автомобилските!