1003 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:03
Во ова време во кое живееме човекот се обесчовечува, се обездушува.
...Омразијата меѓу луѓето – тоа е она што мене ме измачува.
Нема добар збор повеќе и затоа да се пишува за нешто друго е невозможно.
Поезијата го влече коренот од животот, а животот ни е загрозен.
Михаил Ренџов
Важно е духот да ти биде високо во светот на вистинското разбирање, а при тоа да не ја заборавиш вредноста на она што е обично. Секогаш барај ја вистината на убавината, секој пат врати се на светот на обичното доживување...
Мацуо Башо
Точно пред три години го објавив мојот прв текст. Тогаш имав чувство како да сум затворена во експрес лонец, дека вријам и секој момент ќе експлодирам. Имав чувство дека ние во оваа земја сме под тој тежок капак -сач кој ни го сокрива небото, не притиска во нашите мали гетоизирани светови, отцепени од остатокот на светот. Задушени без воздух постепено умиравме.
Од таквото расположение потекна почетниот импулс да пишувам. Првиот текст го пратив во Утрински весник, ми одговорија дека бил долг и за да се објавел во рубриката Писма ќе требало да се скрати. Навистина беше долг, сакав наеднаш да кажам сè и да се ослободам. Го објавија во Глобус, а го презеде Окно.
Еве, веќе три години јас секој пат го пишувам својот „последен текст“ за да се ослободам, и, никако да стигнам до крајот на тоа патешествие.
Се надевам дека со овој мој ангажман (од самиот почеток мојата работа е волонтерска) успеав колку толку да размрдам некои заспани духови, да разбијам некои предрасуди, како на пример големите недоразбирања околу духовноста.
И овој јубиларен текст го посветувам на таа тема.
Афоризмот „Спознај се самиот себе!“ (Gnothi seauton) е изгравиран на влезот на храмот на Аполон во Делфи.
Вметни си крилја и вивни се во бескрајното многуслоевито духовно небо како во ова слика на Франтишек Купка!
Но, да го спознаеме сопственото битие, да се самоспознаеме, неопходно е многу трпение, долгогодишно внимателно одгледување и негување на растението-себство, од семе до раскошно разгрането дрво!
Да, потребно е многу време, и континуирано вложување голем напор и труд за да го изградиме тој величенствен храм од фините нишки на духовниот раст. А ние, современите луѓе, немаме време. Современиот човек е суштество кое нема време за сите задоволства кои треба да ги изживее, а дури потоа, евентуално, да се посвети на духовноста!
...............................
Појавата на духовното (спиритуалното) во сликарството на почетокот на XX век (јас се заложувам за ревитализација на духовното во сликарството, на почетокот на XXI век) е поврзано со големиот духовен бран, од крајот на XIX век и почетокот на XX век. Тој духовен бран ги преплавил сите континенти во синхронизам: и Азија и Европскиот континент и Американскиот континент. ( До Македонија допира преку учењето на Петар Данов од Бугарија, кој, пак, инспирација црпел и од богомилското учење. Тука е врската на Македонија со таа светска духовна струја.)
„Мистичните аспирации во XX век, меѓу кои тие на теозофите, од Мадам Блаватски ( Helena P. Blavatsky) во САД до Ани Бесан ( Annie Besant) и Чарлс Лидбитер (Charles W. Leadbeater) во Англија и антропозофот Рудолф Штајнер (Rudolf Steiner) во Германија претставуваат еден општ спиритуален амбиент и за Кандински и за Мондријан и за Франтишек Купка и за други апстрактни сликари во Европа. Разни мистични доктрини кои добивале голем замав уште во претходниот век ги поттикнувале во духовното трагање, во изнаоѓањето оригинален ликовен израз и градење на чист беспредметен јазик. Влијанијата од источната духовна традиција, посебно хиндуизмот и будизмот вградени во овие мистични учења и симболизмот од крајот на XIX век се суштински за спиритуалниот развој на овие сликари.
Парадоксот кој е карактеристичен за апстрактното сликарство и е во контекст на духовното, е во претставувањето на нештото што „нема форма“, низ апстрактна беспредметна форма. Тој парадокс (добива форма нешто што нема форма) неминовно води кон трансцендентирање на дихотомијата - подвоеноста на нештата како облик и содржина, и преминување во еден простор каде што едното се претопува во другото.
...Би рекле, чувството за апстракција во сликарството е пронаоѓање и/или некакво извлекување на нови форми во кои се синтетизирани нови хармонии на бои и/или облици, а произлегува од внатрешната нужност. Исто така, би рекле дека битно за чувството за апстракција е разликата меѓу подражавање (имитација, копирање) и неподражавање (творење). Ако во првиот случај нема апстракција, нема процес на преработка на импресиите, во вториот случај импресиите (внатрешни или надворешни) се „преработуваат", се екстрахираат. А токму низ тој процес на екстрахирање треба да се помине за да се извлечат вистинските линии, облици и прочистени бои во една слика.
Значи под апстракција не подразбирам само сликање на непрепознатливи облици, туку, пред сè, го подразбирам чувството за апстракција, кое е духовно екстрахирање. Ова, исто така, не значи дека сè што е насликано без препознатливи облици, значи „апстрактно", е и духовно-душевно екстрахирање!“
(Т.М., Возвишена Убавина, од есејот Духовното и апстракцијата)
Џексон Полок се интересирал за психоанализата на Јунг, мистичните ритуали на американските Индијанци, јогата на Кришнамурти.
Марк Ротко бил длабоко религиозен човек. „The people who weep before my pictures are having the same religious experience I had when I painted them... I’m interested only in expressing basic human emotions- tragedy, Ecstasy, doom, and so on. And the fact that a lot of people break down and cry when confronted with my pictures shows that I can communicate those basic human emotions… And if you, as you say, are moved only by their color relationship, then you miss the point.“
“Субјективистичките аспекти ( животот, личноста на уметникот) и објективистичките аспекти (алхемијата во делото) се во фузија во творечкиот чин, во моментот на креација, но, и потоа кога делото се изложува. Уметничкото дело е случување, настан...во тишина. Алхемија во матерјалното дело и тишина во восприемањето на делата “ на Барнет Њумен.( Т.М., Возвишена Убавина , од есејот Возвишеното е сега ( и овде))
................................
Духовното (спиритуалното) не е крут концепт туку секогаш нова свежина која обновува, моќ за преобразба, флуид. Во сите религии појавата на силни духовни личности носи освежување. Павле од Тарсус видел „необично -блескава светлина“ и станал апостол на љубовта. Шестиот патријарх на Чан будизмот, Хуи Ненг, вовел апсолутна слобода од секакви клишеа на лажна духовност, се смета за татко на Зен-от. Суфисти како Џалал ад-Дин Руми, Јунус Емре, Атар, Газали, Хафиз итн. се спој на слобода- небеско сино и земскиот мир- зелана нурнати во длабокото море на спиритуалноста - препознатливата тиркизно-сина боја на суфизмот. Шри Ауробиндо со интегралната јога спровел реформи во хиндуизмот во минатиот век. Според него ЧОВЕКОТ КОНЕЧНО ЈА ПРЕЗЕМА ОДГОВОРНОСТА ЗА СИТЕ СВОИ ПОСТАПКИ, и затоа МОРА ДА СЕ ПРЕОБРАЗИ. (Не случајно неговиот роденден, 15 Август, од 1947 година се слави и како Ден на независноста на Индија!) Во Ауровил, град кој се гради на темелите на единството на нациите од цел свет и е посветен на Ауробиндо, симболот-боите на павилјонот на Индија се бордо и згаснато златна. Тоа многу ме израдува кога неодамна го открив бидејќи во мојата иконографија таа комбинација на бои означува ПРЕОБРАЗБА на физичко, згуснато, ниво. ( види го текстот Рес публика)
Зен будизмот и хундуизмот веќе од 1893 година имаат директно влијание на Западот преку свои духовни претставници. Таа година на 11 септември Свами Вивекананда ја одржа својата прочуена беседа за единството на религиите во салата на Уметничкиот институт во Чикаго, каде заседавал Парламентот на Религиите.
Фактички, големиот духовен бран е пробивот на мудроста на Истокот кон Западот и спојот на будизмот и хиндуизмот со христијанскиот мистицизам, суфизмот, кабалата. Тогаш, би рекле, за прв пат се случувала синтеза на религиите за што сонувале и роматичарите и симболистите и панпсихистите, виталистите.
Тоа духовно единство се реактуализира на почетокот на овој век (бидејќи циклично се обновува со уште поголем замав и, се разбира, во нова, на прв поглед непрепознатлива, форма).
На крајот на краиштата изворната духовност (на сите религии) е една иста и доколку допреме до неа сме дошле до коренот на сите религии.
Сепак треба да се направи разлика меѓу религиозен догматизам и спознание како автентично трагање кон вистината. Опасноста е во застранување во сувопарна метафизика и/или окултен мистицизам кои ни ги трошат сите наши сили уште далеку пред да стигнеме до целта. Ако се измолкнеме од овие две стапици можеби ќе успееме да се спознаеме, со други зборови, да се просветлиме. Но за тоа неопходно е да бидеме постојано будни и со отворен ум. Токму како што нè советува големиот поет Башо. ’Важно е духот да ти биде високо во светот на вистинското разбирање...“ и „ секој пат врати се на светот на обичното доживување“...
Многу аргументи ме водат кон заклучокот дека поезијата е вистинскиот пат, средниот пат, ниту лево ниту десно, туку по острицата на мечот (на проникнувачкиот ум).
Будизмот е универзална и секогаш актуелна филозофија (духовна практика, религија, кој како го сфаќа) применлива за сите луѓе од сите времиња, оти во таа филозофија есенцијално е умот да биде отворен, и, да не се врзуваме за нештата бидејќи се проток (панта реи). Овој став-метод ги води практикантите бестрашно да се пробиваат низ сите искушенија што им доаѓаат во пресрет. (Еве еден „светски“ будист за кој не постојат никакви бариери: Далај Лама оваа година го прославува својот осумдесети роденден на музичкиот фестивал во Гластонбери дружејќи се со Пати Смит!)
Во будизмот не е толку битно да се биде верник колку да се биде буден и како и во секоја друга вистинска духовност клучно е да се распоистоветиме од лажните авторитети. Дури и „да го убиеме Буда“ ако го сретнеме на патот значи да ги деконструираме сите петрифицирани концепти на умот кои се пречки во медитацијата. Дали се тоа грозни слики на пеколот на демонот Мара или примамливи слики од рајот со своите ПАЛМИ и тропски овошја, сеедно. Да се ослободиме од стравот од едното и од врзувањето за удобноста, конформизмот на другото.
.............................................
Инаку, кај пионерите на апстрактното сликарство заеднички содржател е токму тој истражувачки дух, освојување на нови непознати региони на нашето битие (ослободување од мракот на несвесното, што е, би рекле, и задача на психоанализата). Медитацијата, како типично источна појава, техника за себеспознание во јогата, ги покрива сите (психо)аналитички процеси потребни за (себе)ослободување. Таков вентил и терапија за душата Западот немаше до пред едне век и нешто. Развивање сочувство и емпатија кон сите суштества, придржување до принципот ахимса -не повредување на другите со мисла, збор и дело, е патот на (себе)излекување и вистинско (себе)ослободувањето. Ако се грижиме за другите, за планетата, за целата креација, и таа ќе се грижи за нас.
Многу недофатно за современиот човек кој хронично страда од недостиг на време и токму затоа боледува од многу тешки и сложени психо-соматски болести. „ Во ова време во кое ...човекот се обесчовечува, се обездушува... човештвото се обезбожува.“
Но современиот човек нема друг избор освен да најде време и сили да ја смени насоката на своето движење. Човештвото е во сериозна криза и сега се повторува Еволуцијата на Мондријан. На првата слика од триптихот женската особа е во состојба на длабок сон (материјалистички кошмар), навалена на перничиња од цветови во црвена и црна боја, на третата слика го започнува будењето на духовниот пат, со движење надолу и нагоре. Во централната слика фигурата е веќе разбудена, со круна на главата и златен ореол, и две сонца на рамењата (или Сонце и Месечина?).
Да ја жртвуваме нашата пониска природа, секој да скрати по нешто од своите потреби, да се солидаризираме со обесправените и да станеме похумани. Ако секој поединец учествува во тој процес ќе има промени кон подобро. Ако не, тогаш сигурно се движиме кон пропаст. Затоа ЖРТВА во овој мој контекст значи и да си замислиме дека ако после десет или дваесет години нема да постои планетата Земја во која уживаме сега, тогаш жртвата денес е многу помала од таа на која ќе бидеме принудени тогаш. Пак се добива повеќе со помалку. Само разумност и скромност, и, се разбира, напор за мала жртва од сите нас се бара сега, не (од) утре.
Ако видокругот го стесниме и се фокусираме на кризата во нашата земја, пак доаѓаме до истиот заклучок: сите треба да се жртвуваме за напредокот. А за тоа веќе пишував во некои претходни текстови.
Подобро е сега да ја визуализираме катаклизмата на ментален и витален план ( што веќе се случува не само во Македонија туку глобално во светот) и да превземеме чекори да станеме подобри, морално да се прочистиме, отколку да доживееме вистинска катаклизма на материјален план после што нема да имаме шанси за враќање назад. Бидејќи дури тогаш штетите ќе бидат непоправливи, а и многу поголеми жртви напразни. Сега се случува „потопот“ и „последниот суд“, теми кои ги обработувал Кандински во своите први апстрактни композиции.
Еве го (автопортретот на) Каземир Малевич од последната Супранатуралистичка сликарска фаза. Се претставува себеси облечен во (нео)ренесансна облека на реформатор. Со десната рака сака да ни соопшти нешто. Дали со овој гест го оформува својот супрематистички симбол- квадратот или ни го посочува патот за излез (од нехуманото општетво)? Или и едното и другото? Со едне фин, суптилен хумор концентриран во знаците скриени низ целиот негов сликарски опус, кои кажуваат сè, а се увидени само од упатените? Како и во другите слики од оваа негова последна фаза ова е приказ каков треба да биде современиот човек: достоинствен, одважен, духовно силен, стамен, со морална цврстина, сериозност и храброст да се соочи со предизвиците и хуманист во „служба на социјалниот протест“.
Малевич е предвесник на новата ренесанса, на новото духовно време. Живеел во ужасни услови на неслобода, под еден суров режим и покрај тоа што имал можност да емигрира. Сето време пружал отпор и останал свој. На крај излегол како морален победник. После мачните страдања, апокалиптични разорувања на сите вредности предизвикани од таа диктатура, овие негови ликови се продуховени, со бистар поглед, како да доаѓаат од некој друг свет.
Зрачат со надеж и оптимизам.
Потребно ни е не само надворешно ослободување, од нечовечки репресивни системи, туку и внатрешно, од секакви предрасуди, суеверија, празноверија и стравови.
Слики:
Василиј Кандински, Последниот суд,1912
Франтишек Купка, Хинду Мотив или Градирано Црвено, 1921
Марк Ротко, Без наслов, 1959
Фотографија од таблата со ознака за Павилјонот – Центарот за култура на Индија во Ауровил
Михаил Матјушин, Сликарска музичка композиција II, 1918
Пит Мондријан, Еволуција, 1910/1911
Каземир Малевич, Автопортрет, 1933