Жените го преземаат панкот – запознајте ја Аника Пајл!

04.07.2015 11:15
Жените го преземаат панкот – запознајте ја Аника Пајл!

Аника Пајл, фронтменка на њуоршката панк бонбона Chumped, неодамна за Vulture напиша опширен есеј во кој ги изложува своите согледувања за тоа како е да се биде жена во музиката, главно во панкот.

Се зборува и за феноменот на зголемен интерес за музичарките во последните години, она што се случувало на панк сцената во 2014 година, но и за тоа што сè би можела да донесе иднината. По повод минатонеделниот концерт на Chumped во Медика, со Аника поразговарав за разни теми; го допревме движењето Riot Grrrl, женскиот идентитет во поп музиката и прашањето дали панкот засекогаш ќе биде boys club.

Неодамна напиша есеј за Vulture насловен 2014: годината во која жените ја преземаа панк музиката. Дали мислиш дека жените навистина го преземаа доменот на панкот?

Како што видовме низ историјата, жените влијаеле на речиси секој нејзин аспект, но она што вообичаено недостасувало е признавањето на заслугите. Исто така, жените отсекогаш учествувале во DIY (Do It Yourself – Направи сам/а) заедниците и создавале музика. Иако DIY заедницата оригинално се поставила како политички коректна и освестена по прашањето на половата рамноправност, таа страда од истите проблеми како и разни други заедници, и признавањето на заслугите често недостасува, со што непосредно се креира култура на сексизам и страв.

Како некој што учествува во панкот од детството, прво само како конзумерка а потоа и како изведувачка, можам да кажам дека поддршка за женските гласови има сè повеќе и повеќе. Уште една од причините зошто мислам дека 2014 беше супер за жените во панкот е купот нови изданија зад кои стојат жени. Cayetana, White Lung, Speedy Ortiz... а тука се и повратничките The Muffs и Sleater-Kinney. Морам да ги споменам и Against Me кои некогаш беа бенд составен исклучиво од мажи, а сега ги предводи жена! Во сето тоа многу е важен фактот дека жените (и општо, профеминистички насочените личности) најпосле се побројни на „позициите на моќта“ во музиката, без разлика дали се работи за пишување музика или организирање концерти.

Кога се спомнуваат жените во панкот, прва асоцијација на луѓето и понатаму е Riot Grrrl движењето од кое веќе поминаа речиси 20 години. Зошто мислиш дека е така?

Riot Grrrls беа многу гласни учеснички во своите заедници, па така беа присутни и во фанзините и андерграунд публикациите. Од некоја причина и мејнстрим медиумите се заинтересираа за нив, и покрај тоа што Bikini Kill и уште некои riot grrrl бендови изрично ги избегнуваа контактите со нив. Riot Grrrl првенствено е изјава, заземање простор: „Ние сме тука, не мораме да одговараме никому, и го разбиваме патријархатот.“

Мислам дека тоа им го поплочи патот на новите генерации и девојките како мене. Кога влегов во панкот, слушав бендови кои беа составени речиси исклучиво од мажи. Потоа, одеднаш го открив светот на жените кои создаваат музика што ми се допаѓа, како некаква посебна заедница која има свој сопствен круг во коцкестиот дијаграм на панк светот. Riot Grrrl имаа голема улога во тоа.

Феминизмот одамна е присутен како идеја во панкот, но не наидов на толкаво преиспитување на самиот пол како што, на пример, тоа го прават некои други жанрови?

Прашањето на полот е нешто за што не се разговара премногу во панк заедницата. Постојат варијации на секоја алтернативна култура. Некои луѓе се многу толерантни и поттикнуваат разговор, но постојат и некои други крајности, кои се сè само не прогресивни. Она што мене отсекогаш ми беше важно кај панкот е постоењето простор во кој можам да ги истражувам алтернативните идеи, да разговарам за нештата кои се проблематични, и да наидувам на луѓе кои не ги осудуваат туѓите мислења.

Би сакала тој простор во панкот да биде малку поширок, особено кога зборуваме не само за половата рамноправност, туку за самиот пол и неговата (не)бинарност.

Забележав дека на многу места сте означени како female-fronted бенд. Што мислиш за таа ознака? Дали таа влијае и на твојот избор на музика?

На почетокот ја означувавме својата музика како female-fronted бидејќи ми беше важно младите жени кои сакаат да пронајдат музика што ја создале жени, да можат да го направат тоа. Но, по многу размислување заклучив дека тоа е мошне проблематичен термин бидејќи и female/male самите по себе се дубиозни поими кои зад себе имаат многу историски контекст со кој не се сложувам. И покрај тоа, многу луѓе (и жени и мажи) воопшто не сакаат да го слушнат бендот затоа што ја гледаат ознаката female-fronted.

Треба да постои некоја поинаква терминологија бидејќи female-fronted не е најсреќното решение ни за бенд кој се состои од двајца мажи и жена, или три жени и еден маж, или две жени... Како да се дефинира бенд каков што е Against Me? Дали Лора Џ. Грејс сака да биде означена како жена, а нејзиниот бенд како female-fronted? Што воопшто бараш ако бараш female-fronted бенд? Дали бараш посебен звук на гласот, дали сакаш да ги поддржиш жените кои создаваат музика, која е твојата мотивација? Во статијата за Vulture намерно го користам терминот woman-fronted бидејќи тоа е многу поинклузивен термин.

Како ја гледаш репрезентацијата на женскиот идентитет во мејнстрим поп музиката?

Сакам многу мејнстрим изведувачи, од Кети Пери до Мајли Сајрус, но и понатаму сум свесна дека не ги доживувам премногу сериозно. Тие се дел од поголем систем кој го креира нивниот идентитет за нив, и често самите не одлучуваат за сè. Критична сум кон нивното претставување на женскиот идентитет и кон она што мислат дека е зајакнување. Супер ми е новиот албум на Бијонсе, но и понатаму мислам дека е проблематична фигура кога зборуваме за промовирање на феминизмот бидејќи е противречна.

Од една страна претставува моќна женска фигура што е идеја за економска независност и зајакнување, а од друга има тим мажи и жени кои се зад неа и донесуваат одлуки за неа. Се разбира дека економската независност е повеќе од значајна за еманципација, но исто така мислам дека идејата на феминизмот не е да се биде доволно богата за да можеш да си купиш дијамант.

За крај, совети за младите панк воинки!

Имам една мантра која сакам да им ја баам на девојките околу себе, најчесто на својата помлада сестра која има 8 години. „Be deliberate and afraid of nothing.“ Авторка е Одри Лорд, и мислам дека зборува за тоа дека треба да стоиме цврсто и независно зад своите одлуки, бидејќи самите можеме да се направиме среќни.

20.03.2015

Извор: http://www.voxfeminae.net

ОкоБоли главаВицФото