Новите искуства

04.07.2015 13:29

1966 /
Во Бајрот /
пред една изведба на операта „Тристан и Изолда“ /
уфрлив /
на еден паркинг /
за првпат /
една монета /
во еден автомат /:
за мене тоа беше искуство ново /
и бидејќи човек се гордее /
со новите искуства /
и јас се гордеев /
со искуството ново;

Се прашував:
„Кога за првпат сум затворил врата со сопствени раце? /
И каде за првпат со парче леб сум изел мравка? /
И под какви околности за првпат сум видел да испарува вода? /
И каде за првпат под целофанска вреќа не можев да дојдам до воздух? /
И кога за првпат сум пратил ЕКСПРЕС писмо?“
Еднаш /
во која година? /
се разбудив /
за првпат во туѓа соба /
и забележав за првпат /
дека сум во некоја соба.

Еднаш /
на кое место? /
ми викна некој /
- Брзо! Брзо! /
кон себе /
преку некој пат /
и кога јас одвратив /
- Да! Да! /
и потоа трчав /
и потоа дојдов /
забележав за првпат /
дека јас /
пред да пристигнам /
сум трчал.

1948 /
на баварско-австриската граница /
во местото Бајриш-Гмајн /
„во една куќа со кој број?“ /
видов /
врз креветски ногари /
под ленено платно /
зад цвеќиња /
за првпат /
еден човек /
што беше мртов.

Во Австрија /
подоцна /
„Кога?“ /
Не знам /
„Под какви околности?“ /
Кога еднаш погледав /
и ја видов мајка ми /
на извесно растојание /
„На кое растојание?“ /
На растојание од мене /
до масата стоеше /
и пеглаше /
ме обзеде /
бидејќи таму /
ЈА ВИДОВ /
за првпат
СРАМ /
така што растојанието /
до масата /
срамно растојание стана.

1952 /
во летото /
кога /
(од задушницата на баба ми, која штотуку ја закопаа, ме пратија дома на еден од ужалените да му ги донесам цигарињата, што ги беше заборавил) /
во празната /
тивка /
соба /
стапив /
во која мртвата /
три дена /
испружена беше /
и /
во тивката /
празна /
соба /
не видов ништо /
освен една валкана баричка /
од една вазна /
на подот /
за првпат /
во животот /
се уплашив /
од смртта /
и само бидејќи се вели /
дека во стравот од смртта /
на човек морници му одат по грбот /
можев /
со тоа што /
како заштита /
на ум ми дојдоа зборојте што се велат /
уште еднаш /
да се одбранам /
од стравот од смртта.

Подоцна /
видов /
(откако постојано слушав за опасни луди) /
за првпат /
еден безопасен луд /:
за првпат истурив /
КОКА КОЛА /
во снегот /
во Гросглокер-Хохалпенштрасе /:
за првпат видов /
во еден филм /
на заповед: РАЦЕТЕ ГОРЕ! /
како еден еднорак /
раката /
ја крена /:
видов /
за првпат /
кукла со очила /
во излог /:
за првпат /
(кога сакав да се искажам) /
немав /
веќе никому ништо да му кажам.

Сега се прашувам:
Кога за првпат ќе слушнам за некого, кој можел со себе во смртта да земе чадор?

Денес /
(иако би можело да се рече: „Тоа го гледам како за првпат“) /
не гледам /
за првпат /
слика /
на која еден претставник на власта /
гони /
еден претставен од власта /
и не за првпат /
читам за тоа /
дека некој бил сè дотогаш тепан /
додека не бил спремен /
да изјави /
дека не бил тепан /
но /
навистина за првпат /
гледам денес /
во улицата во која живеам /
пред ХОТЕЛ РОЈАЛ /
како на тротоарот /
лежи една простирка за нозе /
и пред неколку дена ја видов /
за првпат /
внатрешноста на подвижните скали /
и видов /
за првпат /
токму тогаш на јадица фатена риба /
во тупаницата /
на еден крал /
и видов /
за првпат /
ЗА ПРВПАТ /
како кафето /
брзо се прелеа /
врз белиот чаршаф /
во ТРАНСЕВРОПСКИОТ ЕКСПРЕС.

Препев: Душан Томовски

Оригиналната песна

Петер Хандке (Peter Handke, 1942), австриски писател со германско-словенечко потекло. Живеел во Грац, Диселдорф, Берлин, Париз, Кроненберг, во САД и во францускиот град Шавил. За важноста на Хандкеовата работа зборува и фактот дека австриските институции Книжевниот архив и Народната библиотека за половина милион евра ги откупиле ракописите од последниве две децении на неговото творештво. Хандке е познат и по соработката со филмскиот режисер Вим Вендерс.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото