Ким Кардашијан не сака да ја сметаат за глупа – па се запиша на македонски приватен универзитет!

04.07.2015 18:21
Ким Кардашијан не сака да ја сметаат за глупа – па се запиша на македонски приватен универзитет!

Скопје, 4 јули 2015

На старлетата Ким Кардашијан (34) многу ѝ пречело тоа што голем број од луѓето не ја сметаат за умна, иако станала позната и славна. Поради тоа се решила слободното време да го помине во учење на македонската историја.

„Ким сака да поработи на своето образование откако ја оствари својата кариера како славна медиумска ѕвезда“, вели извор од нејзиното семејство за македонските медиуми.

Одлуката тоа да биде приватен универзитет од Македонија била донесена откако Ким случајно прочитала на интернет страницата Влада.мк за врвните дострели на македонското приватно високо образование.

„Ким одбра приватен универзитет од Македонија зашто беше уверена дека тоа ќе ѝ помогне во напредувањето на сите полиња, вклучувајќи го и љубовното“, изјави истиот извор.

Таа моментално барала курсеви кои може да ги посетува преку т.н. е-учење, односно учење преку интернет. Од сигурни извори дознаваме дека се двоумела помеѓу „Античката историја на православните Македонци“ и „Освојувачките походи на Александар Македонски во Азија“. Пара вести дознаваат дека сопругата на Канје Вест била заинтересирана да го изучува и македонскиот јазик.

„Ким смета дека со познавањето на македонскиот јазик ќе ѝ се отворат неограничени можности за самоостварување во светот на гламурот и на историските науки“, вели изворот од нејзиното семејство.

Веста за најновата одлука на Ким Кардашијан молскавично го обиколи светот и предизвика потреси на неколку светски берзи. Пара вести дознаваат дека курсот на доларот значително ослабнал во однос на денарот, а дека еврото се држи на стаклени нозе. Оваа вест дури и го засени сè поверојатниот банкрот на Грција во светските медиуми, а во најголемиот број од нив нашата држава е спомената под уставното име, што може да се смета за уште еден голем успех на нашата борба за вистината за Македонија.