Филмовите со кои го опишував груевизмот (1 - Идентитет)

04.07.2015 22:27
Филмовите со кои го опишував груевизмот  (1 - Идентитет)

Алиен 4: Воскресение

Иако споменичкото лудило на актуелната македонска власт душа дало за South Park или Симпсонови (баш во Симпсонови имаше една брилијантна епизода со исчезнатата глава од градскиот споменик), мрачноста и претенциозноста на „идентитетските политики“ на вмровскава власт ме потсетува на еден друг филм, Алиен 4: Воскресение. Клонираната Рипли (Сигурни Вивер) влегува во една раскошна лабораторија што наликува на музеј, каде што можат да се видат седум живи прекинати обиди таа да биде клонирана; таа таму ги пронаоѓа онтолошки промашените, дефектните верзии на самата себеси; постои, вистина, и една речиси успешна варијанта кајшто се препознава нејзиното лице, но гуштероликото тело наликува на Алиенот; таа креатура ја замолува Рипли да ја убие, но Рипли се решава за порадикален чекор: ја уништува целокупната изложба на ужасот.

Во самицата на својот ум

Јас сум легенда

Македонсково современо безумие ме потсетува на уште еден хорор филм, Јас сум легенда, со Вил Смит (постојат, всушност, четири филмски верзии на романот на Ричард Матисон од 1954 година). Приказната е уште една фантазија за сопственото отсуство (за Македонецот кому го крадат идентитетот): Невил, единствениот преживеан од катастрофата која ги убила сите луѓе освен него, лута низ напуштените улици на градот. Но, наскоро открива дека не е сам, туку дека го демнат мутирани видови на живи мртовци. На крајот на романот живите мртовци го фаќаат Невил, и додека тој чека да биде погубен самиот сфаќа дека неговата судбина е иста со судбината на вампирите, кои некогаш биле сметани за легендарни чудовишта што напаѓале луѓе на спиење. Невил, со оглед дека е последниот преживеан човек, всушност сега станува митски лик кој ги убива вампирите и заразените луѓе на спиење. Тој станал легенда, како што некогаш биле вампирите...

Во самицата на својот ум

Матрикс

Наместо бесполезно да си го драматизираме сопствениот неоспорен идентитет, подобро ќе биде да се обидеме да ги усогласиме борбите на многубројните мали фронтови кои ја сочинуваат поголемата слика. Во моментов поважни ни се водачите кои умеат да гледаат барем десет или педесет години напред од оние кои понираат 2500 илјади години наназад. А да се дојде при себе, богами, можеби покорисно ќе биде да се слушне како Морфеус се обидува на Нео да му објасни што е Матриксот, отколку да се залажуваме со чудовишните скулптури на Груевски, во оваа јадна долина на плачот, во пустината на реалното:

Морфеус: Тоа е она чувство што го имаш целиот живот. Чувство дека нешто не е во ред со светот. Не знаеш што е тоа, но тоа е тука, како трн во твојот ум, што те излудува. (...) Матриксот е насекаде, секаде околу нас, дури и овде во собава. (...) Тоа е светот со кој ти ги прекриле очите за да те ослепат за вистината.

Нео: За која вистина?
Морфеус: Дека си роб, Нео. Дека си, како и сите други, роден како роб... заточен во самица којашто не можеш да ја помирисаш, вкусиш или допреш. Во самицата на својот ум.

Во самицата на својот ум

Клубот на борците

Идентитет на една нација не се прави по експрес постапка, во два мандати на една партија. Новиот Македонец не се прави со парчиња собрани по ѓубришта, болнички контејнери и месарници (а кајшто ќе зафали живо месо може да послужи и протетика; на тоа ли мислел Горан Стефановски со своето „Диво месо“?! Месо што нит на живо се смее, нит на мртво плаче? Се сеќавам и како Бред Пит и Едвард Нортон во „Клубот на борците“ правеа луксузен сапун од лојот на дебелите пациенти добиен по липосукција и фрлан во специјални контејнери, од каде што го крадеа славниве суберзивци - еден беше, додуша, ама „идентитарно удвоен“).

Франкенштајновото јагне

Х-Ман, First Class

Во петтото продолжение на филмскиот серијал Х-Ман, First Class, има една интересна сцена, поврзана со „идентитетските прашања“. Еден од главните ликови во филмот, Ерик Ленсхнер, во народот познат како Магнето (во инспиративното толкување на Мајкл Фасбиндер) се обидува да го улови нацистот којшто во логор ја убил мајка му. Потрагата по нацистот го доведува Ерик во некакво полупразно кафеанче зафрлено во внатрешноста на Аргентина. Ерик почнува муабет со единствените двајца посетители на кафеаната, а тие лажно и малку иронично му се претставуваат како типични Германци; едниот е одгледувач на свињи, а другиот шнајдер. „А ти од кај си? Како ти се викаат родителите?“, го прашуваат Германците Ерик. „Моите родители немаа имиња. Имињата им ги земаа одгледувачи на свињи и шнајдери“, им одговара Ерик на двајцата Германци. „Кој си ти?“, прашуваат сега веќе малку подисплашените нацистички бегалци. „Јас сум нешто налик на Франкенштајновото чудовиште и го барам својот креатор“, одговара Ерик (кој е нешто како мутант, човек со малку поинаков генетски код) и ги парчосува двајцата злосторници.

Зборот ми е, денешнината и иднината ни ја земаат „шнајдери и одгледувачи на свињи“, груевисти и ахметисти. Голема е веројатноста да се појави „Франкенштајновото чудовиште“ кое ќа ја побара својата одмазда. Голема е веројатноста тоа безимено чудовиште да ги парчоса манипулаторите со имиња, одгледувачите на свињи и шнајдерите. Но, за разлика од филмот, од тој судир меѓу чудовиштето и неговите креатори никој од нас нема да биде поштеден и дури и гледачите и сеирџиите ќе си го примат своето подароче од раскантаната Пандорина кутија.

Пандорината кутија



Птици

Можеби Хичкок во филмот „Птици“ се обиде да ја дофати границата за кој пишува Агамбен, меѓу небото и земјата, телото и местото, внатрешното и надворешното, немото и зборлестото... Познато е дека, меѓу многуте технички експерименти во филмот, Хичкок особено внимание посветил на звукот. Звукот игра големо влијание и во славната последна сцена на „Птици“ кога Роберт Тејлор ја отвора вратата и прв пат, во некаков постапокалиптичен кадар, ги гледа птиците насекаде, целиот хоризонт е исполнет со птици. Хичкок вели дека за таа сцена барал тишина, но не каква било туку електронска тишина, толку монотона за да одговара на шумот на морето кое се слуша оддалеку. Хичкок вели: „Претворен во птичји дијалог, звукот на вештачкава тишина како да сака да каже: ’Сеуште не сме спремни да ве нападнеме, но се подготвуваме. Ние сме како мотор што тивко брмчи. Наскоро ќе тргнеме.’ Шумот е толку слаб што гледачите не се сигурни дали го слушаат или замислуваат.“

Птици и биополитика

(продолжува)



ОкоБоли главаВицФото