Последниот којунџија во Велес, Стефан Манчев не сака да стави катанец на семејниот дуќан

06.07.2015 10:35
Последниот којунџија во Велес, Стефан Манчев не сака да стави катанец на семејниот дуќан

И Велес имаше свои којунџии. Манче Манчев беше првиот мајстор во градот кој на христијанскиот празник Благовец на женските деца им ги закачуваше првите обетчиња на ушите а за девојките и жените го изработуваше златниот и сребрен накит. Тој овој редок занает прв почнал да го работи во убаво уредениот дуќан веднаш до градскиот саат. Го отворил во 1905 година.

Мајстор Манце, како што љубеле да го нарекуваат неговите сограѓани, занаетот го научил од турски мајстори во Стамбол за потоа да го предаде на својот наследник, синот Андреа. Но тоа не било доволно затоа што Манце посакал да внесе новини во работата па за тоа се досетил и го испратил синот кај својот пријател инаку најпознат мајстор којунџија во Софија. По неколку години кога Андреа се вратил во Велес, Манчеви започнуваат да изработуваат разни предмети од злато и сребро, а муштериите го препознале квалитетот и иновативноста па семејството за кратко време станало едно од поимотните во градот.

Денеска приказната за златни прстени, брезлетни, гердани, обетки, колани, сребрени павти и многу други предмети што ги носеле велешанки и велешани или за изработените сребрени предметите кои ги украсувале нивните донови изворно ја раскажува нивниот правнук Стефан Манчев. Во истиот занаетчиски дуќан, под градскиот Саат во Велес, јас ја слушав и запишував од него.

„Пра дедо ми Манче бил многу добар човек, мајстор со големо срце. Така го учел и дедо ми Андреа да ги почитува луѓето без разлика дали се богати или сиромашни. Тие вредно и чесно го работеле занаетот. Се сеќавам татко ми раскажуваше дека дедо Андреа секогаш во џебовите носел бонбони и кога од дуќанот си одел кон својата убава куќа кај Маалска чешма, по пат на сите деца што ќе ги сретнел им давал од бонбоните што во тоа време биле реткост“, рече внук им Стефан. Тој е последен кујунџија во семејството на Манчев.

Стефан е син на Димче, внук на Андреја и пра внук на Манче. Додека сами седевме во којунџискиот дуќан се пожали што сега веќе никој не порачува златни или сребрени прстени, обетки, брезлетни и ланци. Граѓаните во неговиот дуќан влегуваат единствено ако имаат потреба од поправки поточно лепење на скршени прстени или скинати брезлетни и гердани.

„Којунџискиот занает е чиста уметност. Треба да го сакаш за да можеш на овие стари калапи и со помош на овие алати да го стопиш златото или среброто и да создадеш накит. Ова е многу прецизна и работа што мораш да ја вршиш со големо внимание и концентрација. Дедо Андреа навистина беше голем мајстор. Без да го потценам татко кај дедо имаше мајсторија која мислам дека потекнуваше токму од таа огромна љубов кон занаетот. Јас го засакав занаетот затоа што тој е наш семеен. Некогаш од него можеше многу добро да се живее“, рече Стефан.
Додека разговаравме Стефан од фиоката на старото дрвено биро ги извади уредно стокмените стари калапи и алати. Едни беа од глина, други од дрво, трети од метал. Секое си има, ни рече тој, своја улога во изработката на златните или сребрените предмети.

„Се сеќавам татко и дедо ретко на ручек си идеа дома. Имаа многу работа па затоа секој ден мајка во дуќан им носеше храна. Тука јас дојдов уште како ученик во основно. Дедо со љубов најнапред ќе ми раскажуваше за алатите, потоа за златото или среброто и на крај за предметите. Еве овој прстен што пра дедо Манче го направил уште во далечната 1897 година ми го даде дедо ми Андреа. Ми го остави во аманет велејќи ми да го чувам како очите во главата. Еве јас му ја исполнив желбата и навистина посветено го чувам“, рече Стефан држејќи го во рака прстенот изработен од месинг.

Којунџискиот занает е многу специфичен. Тоа е занает во кој уметноста се покажува преку мајсторствата на двете раце на занаетчијата. За да се направи прстен потребен е калап од специјална земја што занаечиите ја набавуваат од ковачите. Кога калапот ќе се подготви, се топи златото или среброто во специјални алатки па се налева во калапот. Потребно е време за да се излади и потоа се вади накитот па започнува процесот на обработка и тоа полека за да не се оштети. На крајот се покажуваат уметничките квалитети на мајсторот во графурата на накитот. тогаш се исцртуваат цветови, лисја, иницијали на имињата на девојката или момчето.

Токму за овие квалитети сите мајстори во велешката чаршија му симнувале капа на којунџијата Андреа. Тоа го признава и правнукот Стефан иако тој занаетот го учел од татко му Димче. За него до ден денеска во градот се раскажува приказната за муштеријата кој дошол со златник во рака и му побарал да го измери на тасот од вагата. Но тоа воопшто не му било потребно на мајстор Димче бидејќи штом го зел златникот во рака и го префрли од шака во шака веднаш рекол: „ Овие 22 карати тежат 3,2 грама“.Човекот се изненадил кога којунџијата го ставил златникот на тасот и вагата покажала точно 3,2 грама злато.

„Жал ми е што тивко умира којунџискиот занает но што јас можам да сторам. Никој повеќе не порачува златен накит, за украсни предмети од сребро и да не зборуваме. Тие биле обележје на еден сосема поинаков начин на живот. Него денеска не го живеат младите генерации. Одамна веќе сребрените украси не се престиж за градската аристократија. Овој занает единствено се уште живее во старата скопска чаршија, а по некој дуќан има и во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Охрид. Јас не можам да го напуштам исто како и овој дуќан кој за мене е полн со спомени. Единствено се гордеам кога ќе влезе некој граѓанин и ќе ми покаже гравирани златни или сребрени предмети на кои се наоѓа нашиот иницијал, рече Стефан.
Го оставив Стефан во дедовиот и татковиот дуќан со алатите за изработка на златни предмети и со неговата желба да го зачува занаетот. Верувам дека тој ќе успее во намерата исто како и со заветот без да стави клуч на нивниот семејниот дуќан.

Извор: http://duma.mk/

ОкоБоли главаВицФото