17 најбунтовни жени во историјата

06.07.2015 10:40
17 најбунтовни жени во историјата

Од Јованка Орлеанка и Хериет Тубман до Pussy Riot, донесуваме краток преглед на најбунтовните жени во историјата!

Тавакул Карман е од Јемен, водителка е на Новинарки без окови, активистка за човекови права и слобода на изразувањето, и ги водела мирните протести против тогашниот јеменски претседател.

Будика, кралица на британското племе Ицени во 1 век од новата ера, се бунтувала против Римјаните откако јавно била камшикувана, а нејзините ќерки силувани. Повела коалиција на племиња во мисија за освета во која го разрушиле древниот Лондон. Иако, нејзиниот бунт пропаднал на крајот, останала запаметена како една од изворните британски хероини.

Аун Сан Су Чи од Мјанмар, е истакната личност во борбата за демократија во државите од југоисточна Азија. Поминала 15 години во куќен притвор иако нејзината партија била демократски избрана на власт во Мјанмар.

Корасон Акино водела мирна револуција против аристократскиот водач на Филипините, по која станала претседателка на островската држава, и воедно првата жена на претседателската позиција во цела Азија.

Фулан Деви од Индија водела серија насилни грабежи насочени кон повисоките касти во северна и централна Индија, вклучувајќи го и масакрот над 20 мажи во еден напад заради освета за убиството на нејзиниот љубовник. Поминала 11 години во затвор.

Анџела Дејвис од САД, политичка активистка, предавачка и писателка, одредено време се наоѓала на листата најбарани бегалци заради сомнеж за вмешаност во убиство на федерален судија. Фатена е, а судот на крајот од процесот ја ослободил од обвиненијата. Интересно е дека многу активисти и музичари барале нејзино ослободување, меѓу другите Rolling Stones во песната Sweet Black Angel.

Голда Меир била премиерка на Израел за време на Јомкипурската војна. Дала голем придонес за ционистичкото движење одамна пред тој мандат, кога за време на посетата на САД успеала да собере неочекувано големи средства кои овозможиле создавање на државата Израел.

Џенет Џаган, по потекло Американка, заедно со својот маж ја основала работничката партија во Гвајана. Заради организирање протести двајцата поминале одредено време во затвор. Подоцна, по смртта на мажот, тогашниот претседател на државата, станала премиерка, па прва претседателка на Гвајана.

Надежда Крупскаја од Русија, заедно со Владимир Ленин ја основала Лигата за борба за еманципација на работничката класа. Двајцата биле уапсени и се венчале во текот на прогонството во Сибир. По враќањето го водела меѓународното марксистичко списание Искра.

Американката Сузан Б. Ентони, заедно со Елизабет Кејди Стентон водела борба за правото на глас за жените во САД. Во една прилика била уапсена заради илегално гласање. Го напишала 19 амандман, но починала пред да биде прифатен.

Емелин Панкхерст ја основала Женската социјална и политичка унија во Британија која спроведувала јавни демонстрации со елементи на палеж и вандализам. Во повеќе наврати поминувала време во затвор, каде штрајкувала со глад и никогаш не престанала да се бори за женските права.

Вима Лусила Еспин, првата жена на Куба, со своето учество во кубанската комунистичка револуција, во воена униформа со оружје во рацете, ја разбила сликата на послушна жена.

Џиан Цин од Кина, по мажењето со Мао Це Тунг станала важна личност во владејачката комунистичка партија и била водач на злогласната „Банда на четворицата“. По смртта и политичкиот пад на Мао, била обвинета и осудена на доживотен затвор.

Хериет Тубман од САД, родена како робинка, прво самата избегала од ропството, а потоа водела 19 мисии за да спаси повеќе од 300 робови преку таканаречената Подземна железница. За време на Граѓанската војна била првата жена која водела воена експедиција, а резултатот бил ослободување над 700 робови.

Мери Вулстонкрафт изнела, за Британија во 18 век, невидено тврдење дека правата на жените се еднакви со правата на мажите. Нејзино дело е Одбрана на човековите права во кое жестоко ги нападнала ставовите на Едмонд Берк, додека Одбраната на човековите права се смета за канонско дело на феминизмот.

Јованка Орлеанка од Франција, поттикната од сништата во кои христијанските светци ја повикувале да се бори против Англичаните, го водела славниот напад со кој ја прекинала опсадата на градот Орлеан. Неколку години подоцна, Јованка била фатена и запалена под обвинение за вештерство.

Русинките Надежда Толоконикова и Марија Алјохина од панк рок бендот Pussy Riot, се светски познати заради изведбата на перформансот Punk Prayer и спротивставувањето на рускиот претседател Путин, заради што одредено време беа и во затвор.

Извор: http://voxfeminae.net