И Општина Аеродром со нов грб

06.07.2015 13:50
И Општина Аеродром со нов грб

По повод пуштањето во употреба на 4118-тата црква во Општина Аеродром, локалните власти го промовираа новиот грб. Очекувано, на грбот се претставени античките симболи на оваа општина – црквите и тренерките со капуљача. Градоначалникот Ивица Коневски најави дека Аеродром нема да запре тука и дека почнуваат нов проект – параклис во секој подрум.

– Според нашите информации, откако ги засадивме црквите на секоја крстосница, бројот на верници драстично порасна и сега постојните 4118 цркви се премали за да ги соберат сите христијани, особено штп една црква во просек собира по 3,14 верници, под услов сите да стојат исправено и ниту еден од нив да не е потежок од 82,4 килограми. Затоа, решивме да поставиме параклиси и по подрумите на зградите. Луѓето сега ќе може да се молат и кога се симнуваат во подрум по туршија – вели Коневски.

Запрашан дали зголемениот број цркви и параклиси ќе доведе по некое време и до нова промена на грбот, Коневски не ја отфрли таквата можност, но промената на грбот не ја доведе директно во врска со бројот на црквите.

– Сфатете не, не сме во можност секој параклис да го аплицираме на грбот. Но, тоа не значи дека ќе нема негови промени во иднина, зашто во даден момент може да се јави потреба од перење пари, а знаете дека промена на грб секогаш нуди широка лепеза можности за перење пари, од ребрендирање целокупно до авторски хонорари – појасни Коневски.

Извор:http://www.kozanostra.net/

ОкоБоли главаВицФото