К15 – работнички мост од коски

07.07.2015 09:34
К15 – работнички мост од коски

Додека траат преговорите меѓу синдикатот и работодавачите околу судбината на надоместот за годишен одмор за работниците од приватниот сектор, да се потсетиме што во суштина претставува таканаречениот К15. Во светот и низ Европа, во земјите кои меѓу другото ѝ се на Македонија најголеми економски партнери, овој надомест се дава исклучително за работниците да можат да си дозволат вистински годишен одмор. K15 e вишок од трудот на вработените, кој е вложен во дејноста на фирмите во претходната година и доколку не се исплати тој вишок на вредност од преходната година се калкулира како профит со кој располага сопственикот.

Вредноста на фирмите се сoздава од сите вработени, а не само газдата. Според тоа, кога се прави вишок тој очекувано и треба да се распредели на сите кои учествувале во неговото создавање. К15 е само една од работите кои мора да се исплаќаат. Преку К15, бадников и/или рамазански пакет, 13та плата и слично, работодавачот потврдува дека фирмата е друштво кое ги надминува границите на простата експлоатација на трудот. Покрај успех во работата со кој се гордеаат менаџерите и сопствениците, тој успех во форма на добивка треба да создаде и задоволни и мотивирани работници. Во повеќе држави постои регулатива каде работодавачот при исплатата на К15 во минимално пропишаниот износ не плаќа песонален данок на доход за сумата. Најчесто пропишаната висина за К15, според европските искуства, е една просечна плата.

Но, да се вратиме на македонската стварност. Иако К15 треба да е надомест за достоинствен годишен одмор, во случајот на ранливите категории на работници во трудоинтензивните области се перцепира како дополнување на платата. К15 како задолжителна обврска, за прв пат во долгиот период на транзиција, конечно се врати како задолжителна обврска со судни маки преку Општиот колективен договор за стопанството.

Минималниот износ за К15 изнесува околу 8400 денари. Во македонски услови, со таа сума може да се покријат неколку дена одмор за една личност. Износот е понизок од оној на минималната плата која во 2015 изнесува 9590 денари, и сама по себе е понижувачка и крајно демотивирачка.

Од друга страна работник/чка кој/а зема минимална плата и едвај крпи до крајот на месецот не мисли дали да оди на одмор, туку како да излезе од агонијата на секојдневното живуркање. Во колку семејства има само по едeн вработен со минимална плата? Каде се потребите на децата и на останатите потреби важни за семејството?

Фирмата не смее да биде само машина за експолатација туку место на кое десетици и стотици луѓе творат и живеат заедно како семејство, вклучувајќи ги и сопствениците и менаџерите. Но, реалноста е сосем поинаква. Сопствениците и менаџерите веќе 20 години им фрлаат на работниците и работничките коскички како минимална плата. Во одредени случаи ги пријавуваат на половина работно време, а ги тераат да работат цело работно време, или прекувремено неплатено работење под присила, како и бројни случаи на работа за време на празници (како што бевме сведоци и годинава за 1ви Мај). На сето тоа понижување и уништување на луѓето, никогаш не им се дава ниту К15. Што направил работодавачот за мотивацијата на луѓето и што очекува за возврат? Не е доволно работодавачот само да ја повторува капиталистичката мантра наречена продуктивност, тој/таа мора да покаже разбирање за потребите на вработените. Прашање до сопствениците и менаџерите е како очекуваат да имаат мотивирани и задоволни работници, со ентузијазам за работа, кога ги третираат така како што ги третираат сега?

За да сфатиме што се случува деновиве на преговарачката маса со синдикатите треба да ја разгледаме управната структура на оние кои се најгласни заговарачи на барањата поврзани со К15, и конкретно со нивното барање за незадолжителност на исплатата. Имено, токму работодавачите кои се овластени за преговори, номинирани од страна на репрезентативната Организација на работодавачи во Македонија, се од трудоинтензивните сектори кои работат лон производство. Во лон производството не се вклучени домашни суровини, туку само се користи македонската работна рака за потребите на западните капиталисти. Овие „наши“ работодавачи преку кичмите на македонскиот работник/чка прават мост од коски преку кој се капитализираат профити на сметките на налогодавачите од западните европски земји и работодвачите посредници во Македонија.

При тоа, кога зборуваме за трудоинтензивни гранки да не заборавиме дека ова се гранки во кои е најзастапена е женската работна сила во текстилната, кожарската и чевларската, прехрамбената индустрија, во угостителството, туризмот, трговијата, земјоделството, како и сезонските работници од овие дејности кои работат од 6 – 9 месеци во годината. Последиците од губењето на К15 од обврските на работодавачите најдебело го плаќаат жените работнички. Во 21 век, реалноста во Македонија сеуште наликува на почетната фаза на капитализмот од 19 век.

Кога најгласните експлоататори, излегуваат отворено во јавноста, даваат повод за вклучување на експлоататорите и во другите сектори во оркестрираното намалување на работничките права. Овие групации имаат и дополнителни привилегии во однос на исплатата на договорената минимална плата.

Според тоа како работодавачите сега се однесуваат излегува дека најголема опасност за нив е работничкото самоорганизирање и борбата за права кои им следуваат од успехот на работата на фирмите. Преку различни форми на психолошки притисок и континуирани закани, работништвото е целосно обесхрабрено да се самоорганизира во синдикални организации, иако тоа право е гарантирано со законот.

Деновиве, работодавачите се толку брутални во своите барања што дури сакаат правото на давање или недавање на К15, стекнато право со повеќедецениска традиција, да го сведат на терен во кој тие имаат психолошка контрола врз однесувањето на работниците. Затоа, крајно време е самоволието на овие „господа“ да се искорени! Тие ќе мора да се преиспитаат – ако не доброволно, тогаш како резултат на притисокот на работниците.

Гранковите синдикатисе во одредена мерка на нивото на одбрана на работниците/чките, во споредба со кревките синдикални организации, иако и тоа не е доволно. Затоа, во борбата за своите права, работниците мора да почнат да применуваат погласни форми на отпор. Освен синдикалното организирање, на располагање им стои и уставно гарантираното право на штрајк. Работници и работнички, на вас е да преземете чекор кон одбрана на своите права. Ја имате целата наша поддршка, охрабрување и гаранција за заедничка борба за достоинствен живот!

Ќе победиме!

Слики: Paweł Kuczyński

Извор: http://www.solidarnost.mk/