Ало, „eксперти“!

21.04.2009 11:16

Македонија можеби нема силни индустрии, ама има правници. Според веб-страницата на Јустинијан Први, „во последните 55 години со високо образование на факултетот се стекнале преку 13000 правници.“ Тоа се 236 дипломци годишно, или еден правник на 8000 жители. Дел се членови на Владата на Р. Македонија. Дел се членови на парламентот, претпоставуваме избрани поради своите знаења да одлучуваат во име на народот, како пообразовани и поискусни, нешта кои гордо ги потенцираат во биографиите.
Зошто се важни овие експерти и нивниот број? Зашто владеачката ДПМНЕ вчера ни соопшти дека 13000-те правници се џабе инвестиција. Индиректно ги прогласи за непотребни, а со тоа и факултетот Јустинијан Први и „кремот“ на правната фела, судиите на Уставниот суд. Власта (која истовремено сака „дебатата да ја води со аргументи и политички принципи“) вчера на јавноста и’ кажа: Чуму ни се правници и експерти по право?! Навистина, чуму целиот трошок за образување кадри, кога владата има генијално решение – ем делотворно, ем поевтино, ем на задоволство на „мнозинството“.
Власта која е „вчудоневидена“ од Судот - кој по четврти пат ги враќа законодавците на поправен испит - и како петгодишно дете нафрлува наводна партиска обоеност на одлуката (кога истиот Суд даде амин за изградба на црква на скопскиот плоштад, чудно, не беше партиски обоен) ги понуди следните аргументи и принципи: власта нема потреба од стручни кадри зашто, како што објасни, во подготовките на измените на законот не ги консултирала правниците, туку народот. Не ги консултирала теоријата и правните искуства (не е првпат измените на закон да „паднат“ пред Уставниот суд), туку народот. Во поддржувањето на измените на Законот за основно образование, парламентарното мнозинство се водело од „интересите и мислењето на мнозинството граѓани“, а одлуката е втемелена врз истражувањата на Институтот „Павел Шатев“, кои и’ го даваат легитимитетот.


Ова доаѓа од јавните работници кои при преземањето на јавната функција се заколнале дека „ќе го почитуваат Уставот на Р. Македонија“, во кој под член 9 стои: Пред Уставот на РМ „граѓаните се еднакви“, независно од, меѓудругото, „[...] политичкото и верското уверување [...]“. Под член 19 стои дека на граѓаните им „ се гарантира слободата на вероисповедта“. „Граѓаните!“ се еднакви. На „граѓаните“ им се гарантира. Не (на) мнозинството.
Но, за среќа, во гарантирањето на остварувањето на владеењето на правото, Уставниот суд е задолжен за отстранување на „произволноста во толкувањето, остварувањето и спроведувањето на Уставот и законите.“ Со други зборови, Уставниот суд „не е извршен орган на оперативна дневна политика на законодавната и извршната власт“.

И покрај тоа, власта се обидува да нè убеди дека Уставниот суд постои за да ги слуша наредбите и да ги спроведува одлуките кои не се засновани на Уставот и владеењето на правото, туку на резултатите од анкетите! Во Македонија не се еднакви граѓаните, заштитени од највисокиот правен акт – Уставот! Еднакви се само 66% од граѓаните, оние кои го „поддржале воведувањето веронаука во 5-то одделение“ и заштитени од анкетната индустрија! (политиколози и истражувачи не прашувајте за методологијата на анкетата – сигурно и за неа е консултиран народот!).

Испаѓа дека власта која јавно се заколнала дека ќе ги почитува и штити правните акти на државата, без срам и перде јавно (по)кажува дека не ги почитува. Од друга страна, имаме независен Уставен суд чии одлуки опозицијата смета дека треба јавно да ги брани. Значи, сите знаат сè, само не она за коешто општат: надлежноста и одговорноста на Уставниот суд.

Во нападот на одлуката на Судот, власта - а и хорот „експерти по уставно право“ кои изгледа само по грешка се вработени како новинари и спикери на вести - ги повикаа судиите да им одговорат. Уште повеќе, „да им објаснат на институциите во Германија, Австрија, Грција, Шведска, Луксембург и останатите европски држави каде има веронаука, дека веронауката е неуставна“.

Дали Правниот факултет издава дипломи на луѓе кои не ги прочитале „основните правни основи и положби на Уставниот суд“, според кои Судот „организационо и функционално не произлегува од законодавниот орган, ниту пак е одговорен пред него“? И/или факултетот дипломира луѓе кои не го прочитале ни првиот член од Уставот, според кој „Република Македонија е суверена и самостојна [...] држава!“? Или можеби власта, како што и признава, само се обидува да протне „аргументи“ и „принципи“ и да ја заташка некадарноста на правниците во владината администрација, и при тоа бескрупулозно го погазува суверенитетот на Републиката и нејзините институции. Пред кој Устав дале заклетва и кој Устав го штитат нашите законодавци? Да биде иронијата поголема, меѓу другите, испаѓа дека се штити грчкиот Устав! Произлегува дека за интерпретирање на македонскиот Устав македонската власт повеќе им верува на грчките уставни судии – ви текнува државата која во некои други дневно-политички „аргументи“ е лулката на национализмот, ноторна по негирањето на малцинствата и нивните верски, јазични и секакви други права. И Уставниот суд на Македонија пред нив да одговори? Макар и хипотетички!? За каков тоа „морал“ ни попувате, господа!? Па чуму ни се тогаш државата и државните институции?!

Ставањето под знак прашалник и јавно политичко коментирање на одлуките на Уставниот суд е газење на Уставниот поредок на Р. Македонија, без преседан! Одлуките на Судот не смеат да подложат на јавна политичка расправа зашто, како што илустрира едно славно образложение: Одлуките на Уставниот суд не се конечни зашто Уставниот суд е непогрешен, туку одлуките на Судот се непогрешни, зашто се конечни“.
Флагрантното дискредитирање на Уставниот суд не смее да биде дозволено, независно од личните ставови по одреден закон, зашто тоа е прифаќање на повисок устав од Уставот, повисок закон од Законот. Дел од суштината на владеењето на правото претполага дека „секој е должен да ги исполнува своите должности и обврски“, па и власта, во рамките на своите ингеренции. Уставниот суд ја обезбедува оваа коегзистенција на правниот поредок. Обезбедувањето на приматот на Уставот над законите и на сите други прописи е темелот на правниот поредок, кој е темел на државата.

Не станува збор само за газење на правната фела во Македонија. Како што тргнале работите, нема да помине многу време пред да ги прогласиме докторите за неполезни, зашто „анкетите покажуваат дека мнозинството од народот повеќе верува во гаталци“. Нема да ни се потребни економисти, зашто власта ќе го консултира народот при определувањето на државниот буџет. За градењето нуклеарна централа ќе го прашаме народот, наместо физичарите, хемичарите и електро-техничарите. Шекспир и полезноста од негово изучување ќе го одреди народот, наместо просветителите и книжевниците, а за читање на историјата наместо историчарите ќе ги задолжиме јасновидците од САД, исто така по препорака на „мнозинството“.

Можеби тогаш Уставниот суд ќе го прогласи за противуставен и Законот за задолжително средно образование (чудно како „партиски обоените“ судии го дозволија истиот) па сите ќе куртулиме од потребата за образование – и така и така практиката покажува дека знаењето не е примарно за напредување во општеството. По сè изгледа, тоа е „волјата на граѓаните“ - нестручноста, необразованоста, произволноста и личните интереси над сè!
Но, да не ги заборавиме историските примери за владеењето според „волјата на народот“. Сигурно ќе се сетат на „лидерите“, барем оние кои имаат дипломи кои ги стекнале со знаење и од кои не се срамат институциите кои ги произвеле. Колкав е нивниот број проценете сами, по можност пред да ни одгатне историјата.

Слични статии

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото