Филмовите со кои го опишував груевизмот (3 - Пастирот)

10.07.2015 17:08
Филмовите со кои го опишував груевизмот (3 - Пастирот)

Седум

Застрашувачки се примитивноста и незрелоста на Груевски и на неговите главно голобради јуришници, засилени со седокоси егзекутори. И не се смируваат. Сè да се контролира, партијата врз сè да стави шепа, сè да проголта. Ги памети ли некој главните смртни гревови?

Како што нè подучи морничавото филмско ремек-дело „Седум“, ги има токму седум: прождрливост, гордост, мрзливост, алчност, гнев, похота и завист (според американскиот стандард: gluttony, pride, sloth, greed, anger, lust, envy). Овие четири години лудачко практикување власт ни покажаа дека носечки столбови на портокаловата изродба токму се најголемите смртни гревови: прождрливоста (сè да се проголта), гордоста (само партијата знае), алчноста (сите пари се на државата, а државата е партијата, а партијата е фамилијата), гневот (Македонија е уништена од политичките опоненти на портокаловите) и зависта (партијата е кутра, немоќна и сиромашна; комуњарите сеуште тајно владеат со земјата).

Значи, од целата христијанска палета на најстрашните човечки гревови кај портокаловиве изостануваат само мрзливоста и можеби похотата. Сите други гревови се просто програмски, бликаат од секој преродбенички чекор!

Седумте смртни гревови



Таксист

Главните илузионисти на македонското лудило повеќе наликуваат на таксистот Тревис Бикл отколку на Алиса. Градејќи чудесновишни споменици, индоктринирајќи го бедниот народ со мегаломански идеи за идентитетот, поистоветувајќи се – така мали и ништожни дури и во регионалното опкружување – со империи и императори збришани пред илјадници години, актуелните идеолози-илузионисти наликуваат на Тревис Бикл во сцената кога тој пред огледало вежба повлекување на револверот. Славниот филмски таксист во изведба на Роберт де Ниро во најпознатата сцена на филмот агресивно-снисходливо му се обраќа на сопствениот одраз: „Мене ми зборуваш?“ Оваа суицидална димензија повторно се јавува на крајот на сцената на масакрот кога Тревис, тешко ранет и потпрен на ѕид, со показалецот на десната рака покажува кон пушката насочена спрема неговата окрвавена глава и потсмевајќи се го повлекува чкрапалото, како да вели: „вистинската мета на мојот гнев сум самиот јас“.

Славој Жижек смета дека парадоксот на Тревис се состои во тоа што тој самиот себеси се доживува како дел од изопачената валканост на градскиот живот, која тој сака да ја „исчисти“, да ја искорени на начин што (како што вели Брехт во делото Одлука по повод револуционерното насилство) самиот ќе биде онаа последна дамка по чиешто отстранување собата ќе биде чиста.

Смртоносниот виц




Прослава

Многумина велат: груевизмот не е политички туку психијатриски проблем. Близок сум до тие сфаќања, но и свесен дека политичките импликации на „психијатриските проблеми“ знаат да бидат застрашувачки. (Забележав токму психопатолошки детаљ при едно скорешно интервју на пастирот кај Јанко Јадибурек; Јанко го прашува пастирот, отприлика: познати сте како човек кој е непопустлив токму кога некој од вас очајнички бара нешто? А пастирот гордо одговара: да, таков сум! Обајцата соговорници беа презадоволни со таквиот начин на разговарање, како да уживаат во прикриениот садизам и во паланечкиот мачизам.

Гледајќи го тоа интервју ми текна на генијалниот филм на Томас Винтерберг, „Прослава“, кој баш зборува за патологијата на авторитетот. Кога на почетокот на филмот таткото ќе го прекинат кога на синот му раскажува простачки виц, тој се жали дека веќе никој не го почитува. Слично, кога на крајот од филмот ситуацијата конечно ќе експлодира, се руши привидот, пристојниот ритуал на семеен ручек; откако неговата ќерка јавно ќе ја прочита прошталната самоубиствена порака на својата сестра која тој секојдневно ја силувал, таткото побарува чаша вино за себе и ќерката за да наздрават за нејзиниот убав говор, а откако никој нема да се помрдне, почнува да вика, жалејќи се на недостаток од почит. Жижек вели: токму тоа е целосно почитување: почитување на авторитетната фигура дури и кога самата таа е обесхрабрувачка, понижувачка, опсцена...

„Втората важна лекција од овој филм ни зборува дека е многу тешко да се прекине ритуалот кој го одржува привидот: дури и по оперативните понижувачки разоткривања на поранешните злодела на таткото, ритуалните „манири“ на ручекот сепак продолжуваат – она што тука се одржува не е реалното на траумата која се враќа и се спротивставува на симболизацијата, туку самиот симболички ритуал.“

Садизмот како политичка технологија




The Window

Има еден интересен ноар филм од 1949 година, The Window. Сиромашното семејство на момчето Томи Вудри живее во изнајмен стан во Њујорк. Томи е момче со бујна фантазија. Една спарна летна ноќ Томи решава да преспие на пожарните скали. Оттаму низ прозорецот гледа како неговиот сосед пљачка и убива еден невин морнар. Исплашен, Томи им раскажува на родителите што видел, но тие неговата приказна ја третираат како измислица.

Од тој филм многу впечатлива ми остана една сцена. Бидејќи не им верува на „фантазиите“ на своето палаво дете и за да го спречи да ги вознемирува полицајците, таткото на Томи, кога оди на работа, го заклучува синот во соба. Додека Томи чмае затворен, во станот насилно влегува комшијата-убиец, токму со намера да го пронајде неочекуваниот сведок на убиството. И тука присуствуваме на перверзната и мошне напната сцена. Убиецот брзо сфаќа дека во заклучаната соба се наоѓа момчето-сведок. Истовремено Томи настојува да се ослободи од собата, буткајќи го клучот од клучалката и обидувајќи се низ процепот на вратата да го дофати со некоја жица. Од другата страна на вратата комшијата-убиец почнува садистички да се забавува - речиси како во цртан филм со мачка и глушец - гледајќи ги обидите на детето да го дофати паднатиот клуч. По неколкуте неуспешни обиди на детето, убиецот сам го закачува клучот врз протнатата жица, така што Томи целиот среќен излегува од собата во која е заточен. И налетува на својот кошмар - убиецот лично!

Технологијата на политичкото владеење на македонскиот пастир е многу слична со играта на мачка и глушец. Затворен во својата соба - можеби и имаш некоја шанса да бидеш оставен раат. Ако се обидеш да излезеш, пастирот понекогаш дури и иронично ќе ти помогне, колку да ви биде поинтересно. Но, веднаш потоа брзо стануваш свесен за хоророт и безизлезноста на ситуацијата.

Лудиот крал и неговите маски (1)



Шрек

Во анимираниот филм Шрек (2001) го запознавме деспотскиот владател, лордот Фаркад, кој донесува закон „сите суштества од бајките“ да бидат проследени до властите, оти во неговата совршена држава нема место за „изродите“.

Потоа тие „изроди и предавници“ треба да бидат сместени во посебни логори, надвор од контролибилниот свет на Фаркад опседнат со своето магично огледало. „Бајковидните елементи“, Пинокио, трите прасиња и Магарето, треба да бидат натрупани во камиони и избркани.

Иако некои велат дека македонската стварност сè уште не е сосема преселена во филмот „Еднооки“ (кој ја обработува класичната тема: слепец ја води еднооката толпа во бездна), некои сличности со Шрек бодат очи: и кај нас власта не ги толерира изместените (од светот на власта) „изроди и предавници“, иако токму нашата стварност креирана од изместени умови наликува на страшна бајка. Оние што не веруваат во сценографските атракции на водачот (барокни згради, споменички етно паркови, восочни фигури, дваесетметарски „татко на нацијата“ наденат на главниот плоштад, итн.), како Пинокио и трите прасиња во Шрек ќе треба да си ги подвиткаат опашите и во најмала рака да се самоизолираат од живата бајка на националната мајка, овдешниот Фаркад длабоко загледан (изгубен) во магичното огледало на сопственото величие.

Робинзонада



Талентираниот господин Рипли

Тактиката на предизвикување сожалување и грижа на совест ја применуваат и некои семејни насилници, обично татковци; ем го малтретираат целото семејство, ем самите се чувствуваат како жртва на тоа семејство (заради тоа и тепаат). На некој извртен начин (но најчесто од немајкаде) некои жени тоа го прифаќаат и навистина негуваат грижа на совест и го сожалуваат насилникот...

Синдромов може да се нарече Риплиев, поради филмот „Талентираниот господин Рипли“, од 1999. Инфериорниот и фрустрираниот Том Рипли со помош на цела низа перфидни сплетки, но и со многу насилство, станува господар на целиот контекст во кој до вчера бил никој и ништо, невидлив медиокритет што предизвикува сожалување. Да потсетиме: Рипли е дечко со скромно потекло кој случајно се запознава со Херберт Гринлиф, сопственик на бродоградилиште. Рипли лажно се претставува како колега од Принстон на Хербертовиот син, Дики, кој времето го поминува безделничејќи во Италија. Херберт сака некако да го натера синот да се врати во Њујорк, па на Рипли му нуди пари да замине за Европа и да го врати Дики дома. Дики е одушевен со својот нов пријател и воопшто не се сомнева во опасните намери на Рипли, кој ќе ги употреби сите свои таленти за во потполност да го преземе Дикиевиот живот: ќе ги фалсификува неговите писма, ќе ги користи неговите чекови, во хотели ќе се пријавува под негово име... Кога Дики конечно сфаќа дека Рипли како паразит му се вовлекол во животот веќе е предоцна. Работите се тркалаат кон неминовната трагедија.

Всушност, некни фатив брилијантен скеч на К-15 кој многу подобро зборува за тезата на денешната колумна од филмот на Мингела: голобрад министер, со полициски заштитар зад него, се растура од плачење пред уличен полицаец. Полицаецот го смирува министеров, па немој да плачеш, па зашто плачеш... А министерот липајќи го отвара срцето: плачам поради несреќниот народ, поради кутрите социјалци, стечајци, пензионери... Не смирувајќи се министерот со заштитарот набрзо заминува. Се појавува пензионер, привлечен од лелекањата на министерот. И го прашува пензионерот полицаецот: она беше младиот министер? Зошто плачеше? На полицаецот веќе сè му е преку глава, го прашува пензионеров: кој си бе ти? Пензионеров вели дека токму е пензионер, и полицаецот тука вади пендрек, а така ли, ради такви ко вас ми плачат младиве министриве, срам ве било, бараби едни - и пензионерот го извлекува најдебелиот крај.

Вие го направивте!(Продолжува)

1- Идентитет

2 - Митови

ОкоБоли главаВицФото