Владата им уплати часови по аикидо на министрите за да се одбранат од прашањата на Политико

17.07.2015 00:35
Владата им уплати часови по аикидо на министрите за да се одбранат од прашањата на Политико

Со цел целосно да се примени препораката на Прибе за задолжително млатење на новинари што поставуваат незгодни прашања, Владата им уплати часови по аикидо на своите министри. Така министрите ќе може да одговорат на секое непријатно прашање, а тоа ќе придонесе за дополнителна демократизација на земјата, соопштија од Владата. Премиерот како поранешен боксер нема да ги посетува часовите, туку ќе вработи уште седум телохранители.

– Секоја препорака на Прибе треба да се примени до крај. Тој од нас бара поголема транспарентност и отчетност, меѓу другото и пред новинарите, па донесовме одлука да ја смениме досегашната политика на бегање од новинари што не се наши. Со оваа боречка вештина, нема веќе ние да бегаме од новинарски прашања, туку тие ќе бегаат од нас. Видовте како вицепремиерот Владимир Пешевски го бркаше Саше Политико по Климент Охридски за да му даде изјава, а новинарот побегна во страв да се соочи со одговорот – изјави портпаролот на Владата Александар Ѓеоргиев.

Извор: http://www.kozanostra.net/