Живот во кутија (3)

21.07.2015 15:47
Валентино Димитровски За „Животот во кутија“

 Трет дел од фото сторијата за попреченото дете.

 

Валентино Димитровски

За „Животот во кутија“

 

Релевантната фотографска практика во Македонија во последните две-три децении ги следи движењата и тенденциите коишто овој уметнички медиум го разбираат како проширено и разновидно поле на визуелни концептуализирања на стварноста и фикцијата и нивните безбројни варијации и супституции и на мноштво наративни амбиентализации и контекстуализирања на авторските искази. Во основата на овие концептуализирања и контекстуализирања лежи неповратниот процес на детронизирање на модернистичкиот диктат на автономијата на медиумот и на уметничката форма. Овој процес е само дел од сродните движења во останатите визуелни уметнички медиуми, чија ауратичност и пуристичка неприкосновеност почнаа да се дисперзираат и растворуваат нешто порано, со длабинските културолошки и цивилизациски промени детектирани во неоавангардните и концептуалните уметнички практики од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век.

Овој процес ја зафати и македонската културна сцена, како во доменот на уметничкиот, така и во рамките на критичкиот пристап во градењето на уметничките дискурси и практики. Во последните две децении, овие искуства, регистрирани во проширеното поле на ликовните уметнички практики, почнаа да се прелеваат и во медиумот на фотографските практики. Така, неприкосновената аура на издвоената фотографска глетка и на софистицираната формална структура се раствори во разновидни истражувања, нарации и концептуализации на „стварноста” и на гледањето. Автономната дисциплина на фотографскиот практикум, како издвоен уметнички артефакт, се разлеа во разнообразните дискурси на визуелизирања. Фотографските нарации, раскази, фотографските концептуализирања и фотографските есеи навлегоа во полето на уметничките практики како релевантни вредносни и значенски искази, кои го обликуваат јазикот на актуелните ликовни и фотографски супстрати. Роберт Јанкулоски, Оливер Мусовиќ, Жанета Вангели и многу други тоа најдобро го отсликуваат во ликовно-уметничките дискурси, додека овој феномен во актуелниот фотографски практикум е далеку поскромен, а како најистакнат негов експонент е Иван Блажев со своите многубројни фото-наративни „талкања” по епидермот на актуелниот егзистенцијален универзум.

Драги Неделчевски со проектот „ЖИВОТ ВО КУТИЈА”, како своевиден фотографски есеј, исцело се сообразува со оваа актуелна состојба на релевантната уметничка и фотографска сцена. Овој проект настана како повеќемесечна опсервација и своевидна визуелизација на еден невообичаен амбиент, семејниот амбиент на авторот. На тој начин, проектот може да влезе во категоријата на семејна фотографија, иако не е правен да биде профилиран во семеен фотографски албум во кој се акумулираат семејните глетки по стриктно диктирани поводи и настани (празници, јубилеи и слично). Проектот е, пред сé, нарација за тивкото секојдневно одвивање во егзистенцијалното ткиво на едно семејство, автентичен исказ за баналната „драматургија” на секојдневното, за непрестајниот џагор на малите и ситни случувања што го обликуваат животот. И ова, наспроти фактот дека главната „ролја” во оваа авторска и семејна „драматургија” едновремено, ја има Мане Неделчевски, синот на авторот заболен од тежок облик на церебрална парализа. Фотографската нарација на семејниот амбиент авторот не ја конципира по принципот на портретирање на ликовите и настаните, туку како континуирано и бескрајно бележење на фрагментарните моменти од секојдневниот универзум: движење, мирување, тага, болка, среќа, релаксација, игра и многу други. Актерите не се статични предмети кои позираат, туку се ослободени пред секојдневното присуство на речиси незабележливиот поглед на фотографскиот објектив.

Глетката во оваа фотографска нарација, во овој фотографски есеј за постоењето, се доближува до фактурата на живеењето во една потенцирана и зголемена диоптрија обезбедена преку доминантната употреба на крупниот план. Крупниот план ја пробива опната на објективната вкочанета стварност и понира во инфинитезималните величини на секојдневицата исполнета со безброј, честопати „бизарни”, неавторитетни мали стории за Мане, за неговото семејство, во „кутијата” што значи и во која се одвива неговиот живот. Кадарот на глетката честопати е искривен кон агол што ги сугерира и ги потенцира субјективниот пристап и експресивноста на гледањето и на доживувањето. Со тоа се отстранува стеснетоста на амбиентот, на „кутијата”, во длабинските слоеви на изразот. Комплементарно на ова длабинско слоевито понирање, авторот спроведува суптилно слоевито тонско градирање на црно-белата фотографска фактура, со што се постигнува ефект на пластичност и полнотија во богатството на визуелни сегменти што ја градат глетката. На тој начин се постигнува специфична амбиентализација на случувањето во кадарот и се доближува, фамилијаризира семејниот простор.

Фамилијарниот амбиент што го гради оваа посветена фотографска нарација има свој доминантен фокус и тоа е Мане. Но, не помалку важно и присутно во оваа животворна визуелизација се и семејниот круг и приспособениот животен простор во кој егзистира Мане. Доминантниот фотографски наративен концепт е составен од повеќе мали, „микролошки” приказни што заедно го градат овој амбиент како исклучителна и неповторлива топлина на домот. Амбиентот на фотографската глетка, на тој начин, не е клаустрофобичен простор на потиснатите фрустрации, туку топло гнездо во кое се пребродуваат егзистенцијалниот немир и непроменливата судбина на постоењето. Фотографскиот пристап ја одбегнува суровата објективистичка опсервација на „клиничката состојба” на Мане, и покрај неверојатната близина и многуобразност со која фотографскиот објектив го следи перманентно. Напротив, оваа „опасна” близина, ова церебрално експресивно детектирање на неговата состојба и непосредното опкружување, успева да го надмине она „одбивното“, „зазорното”, „судбинското”, соочувајќи се со него. Храбро доближувајќи се до понорот, понорот на „одбивното”, фотографскиот пристап го припитомува и го приспособува тоа до нешто секојдневно прифатливо. Авторот на овој фотографски есеј понира до самото дно на драмата на опасното постоење, помирувајќи се со неопходноста да се живее заедно со тешкотиите. Раскажувајќи ја оваа своја фотографска приказна, тој сведочи за извојуваната битка на животот, издигната до глорификација на радоста на живеењето.

Скопје, март 2009 година

Живот во кутија (1)

Живот во кутија (2)

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Живот
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Јавни простори / Фотографија / Живот
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Фотографија / Свет / Живот

ОкоБоли главаВицФото