Лага и измама

15.03.2010 11:06
Зоран Ѓинѓиќ

   „You want truth? You cannot handle the truth.“
                                              Few Good Men

Мојот дедо е убиен во политички атентат 1924 година. Атентаторот беше фатен и српските власти го казнија. Налогодавците се фалеа со тоа политичко убиство, а убиецот беше прогласен за херој и маченик. Татко ми избегна атентат во 1995 година за влакно. Властите, македонските, не покажаа посебен интерес да ги најдат атентаторите, а наредбодавците не се јавија самите, барем не за да се фалат со тоа. Од 1991 г. јас се затекнав во Америка, така што, сите закани, сето насилство и сета омраза насочена против мене ги истрпеа моите најблиски. Српските власти не направија ништо против тоа тогаш, а ни подоцна.

Во случајот со Зоран Ѓинѓиќ, извршителите првин го признаа, а потоа го негираа убиството. Нарачателите се предомислија, па не се фалеа недвосмислено со убиството. Некои, кои веројатно ги познаваат, обвинуваа едни или други непријатели на српскиот народ. Властите не покажаа интерес да ги најдат нарачателите. Судот не покажа интерес да дојде до политичките мотиви за атентатот и до оние кои го нарачале. Во овој миг, само занемарлив дел од Србите од втор ред и граѓанистите покажуваа интерес, сосем залудно – треба да се додаде, да се расветли во целост ова политичко убиство.

Српската јавност, исто така, покажува подготвеност да лее солзи и да гради култ кој личноста на Ѓинѓиќ, но не и силна желба да ја дознае вистината. Наместо тоа, од 2003 до денес беа ангажирани неверојатен број луѓе за пронаоѓање, опишување и идентификација на предавниците, посебно на оние од редовите на Србите од втор ред и граѓанистите. Предавниците на националните работи, се разбира. Видете, Ѓинѓиќ беше убиен зашто беше предавник. Така што, целата таа хајка по предавниците за цел има оправдување на неподготвеноста на властите и јавноста да се соочат со вистината за политичките мотиви за ова убиство, бидејќи на тој начин би се дошло и до имињата на оние кои учествувале во тоа. И како во многу други работи (доволно е да се споменат само убиствата на Иван Стамболиќ и Славко Ќурувија), во подготвеноста да живее во лага јавноста станува соучесник.

Лагата, мислам дека може да се каже дека така сметал Кант, е морално најлоша. Бидејќи лагата се наоѓа во основата на секое насилство и сите лоши исходи. Доволно е да се отвори весник и да се прочита што се изјавува за бегалците од хашката правда (кои, мора да се забележи, не се бегалци од српската правда), што за декларацијата за Сребреница, а што за „борбата“, како што се нарекува тоа, за Косово – па да се сфати дека денешниот српски режим е заснован на лаги. Не е единствениот, како што посебно и’ беше јасно на мојата мајка.

Мојот дедо не се стремел кон спогодба со оние кои подоцна ќе го убијат. Татко ми – да, но имаше среќа. Ѓинѓиќ пред смртта се обиде да ги обнови врските со оние кои веќе го прогласија за предавник. Така барем ги сфатив неговите националистички изјави на почетокот на 2003 г. Во спротивно, зошто би разговарал со нив за Косово? Тоа, секако, само им го зацврсти верувањето дека со убиството ќе ги остварат своите политички цели, бидејќи речиси имаа признание за предавство. А јавноста, јасно е тоа, ќе биде подготвена да додаде уште една лага на сите оние со кои живееше досега. Бидејќи не покажа, а не покажува ни сега, волја да живее со вистината, која не може да не ја знае.

Извор: Peščanik.net

ОкоБоли главаВицФото