Дали корсетот ја прави жената?! Смртоносната мода!

24.07.2015 10:43
Дали корсетот ја прави жената или е смртно опасна мода

За некои жени се вели дека „страдаат“ за мода, меѓутоа додека и денес предметите за облекување се поврзани со општествениот статус, низ историјата тоа било поизразено, а страдањето не било избор, туку своевидна обврска. Модата раздвојувала цели класи, а жените во некои култури не се сметале пожелни за мажење доколку не ѝ се подредувале.

Заради тоа подготвивме 10 популарни модни трендови, кои одбележале различни периоди од историјата, од кои некои го менувале само изгледот на телото, а други неговиот облик, а освен популарноста ги поврзува и фактот дека навистина биле смртоносни.

Корсет

Најпознат за сите, но и еден од најопасните модни трендови, кој има свои заговорници и денес, сигурно е корсетот. Во западниот свет се појавил уште пред 500 години, а на жените им го ограничувал дишењето и можел да доведе до скршени ребра и внатрешно крварење.

Во почетокот го маскирал природниот облик на телото, влијаејќи така само на торзото. Меѓутоа, во 19 век станува вистинска опасност за здравјето. Новиот модел корсет не го сокривал природниот облик на телото туку го нагласувал, цврсто стегајќи го струкот, а најекстремните модели го обликувале „идеалот“ на женското тело од рамениците до бедрата.

Овие екстремни облици биле изразено опасни за рбетот и колковите, а служеле и за да го потиснуваат апетитот, што често предизвикувало несвестица, па така жените, освен поради пукање на градите (пнеумоторакс), ателектаза на градите и хроничен гастроезофагеален рефлукс, можеле да умрат и поради незгоден пад.

Во 19 век, како опасен, му се противеле лекарите, заради претераното нагласување на женската фигура се противеле верските лидери, а феминистките го опишале како реално и симболично затворање на жените.

Во почетокот на 20 век корсетите стануваат поопуштени. Меѓутоа, да споменеме дека во нивното златно доба ги носеле и трудници, за кои биле посебно дизајнирани за показателите на бременоста да бидат што помалку видливи, а во прво време ги носеле и мажи. До средината на 19 век мал број од оние кои и понатаму ги носеле биле исмејувани.

Подврзување на стапалата

Оваа традиционална кинеска практика често се смета за еквивалент на западниот корсет. Стара е повеќе од илјада години, била симбол на богатство, висок општествен статус и убавина, а експертите нагласуваат дека жените ги правела позависни од мажите.

Сè почнало со конкубината која танцувала пред царот со стапала замотани во свила, а завршило со низа жени чии стапала биле толку деформирани што можеле да поминуваат само кратки оддалечености. Овој моден тренд можел да предизвика различни инфекции и гангрена, која била сметана за посакуван развој на настаните бидејќи можеле да отпаднат прстите.

Имено, во многу младиот период кога коските се покревки, на девојчињата им се виткале прстите под стапалата, за да добијат облик на лотус, а ова кај мажите било толку популарно што само девојките со подврзани стапала можеле да се надеваат на добар брак, тоа е искуство на Хан Кјаони, најстарата жива жена со подврзани стапала.

Се смета дека во текот на 19 век помеѓу 40 и 50 проценти од кинеските жени имале подврзани стапала, а практиката била забранета дури во 1912 година, меѓутоа, бидејќи во општеството женското стапало е помало и понатаму било знак за повисок статус, познато е дека жените ги подврзувале стапалата уште во четириесеттите.

Кринолина

Направена од цврсти материјали како коњско влакно и челик, кринолината била постава во облик на голем кафез кој го носеле жените во 19 век под фустаните, а ги правела незгодни секојдневните активности како седењето и поминувањето низ врата.

Исто така, бидејќи во тоа време кочиите биле чести, кринолината често се заплеткувала во запчаниците на тркалата, а најголема опасност била нејзината запаливост. Имено, во 1861 година, сопругата на поетот Хенри Вадсворт Лонгфелоу, се запалила и умрела. Освен тоа, кринолината била подложна на налети на ветер (), па постојат не толку мал број приказни за жени кои ветерот ги однел в море, каде набрзо потонале заради тешкиот кафез кој им бил околу половината.

Шминка на база на олово

Пред времето на големите козметички брендови, најпопуларен облик на разубавување бил премачкување на целото лице со олово. Оваа практика е забележана уште во стара Грција, а достигнува до 1920 години кога лицата биле избелувани со пудри или лосиони базирани на олово, а познато е дека ги користела кралицата Елизабета I.

Меѓутоа, додека се размислувало за завидниот надворешен изглед, била занемарена опасноста која ја донесува оловото, таканаречениот бавен убиец. Имено, иако биле потребни години за личноста да акумулира доволно олово во телото за да умре, кога еднаш ќе дојдело до тоа, немало спас. Последиците биле оштетување на мозокот, нервниот систем, главоболки, губење апетит, анемија, парализа, несоница, вкус на метал во устата, и чудно, симптом на млитави зглобови.

За прва жртва на овој тренд се смета Марија Гунинг, ирска благородничка славна по својата убавина и порцеланскиот тен, која умрела 1760 година, меѓутоа, трендот продолжил, што покажало дека заради модата вреди и да се умре.

Закочениот околувратник

Нарекуван „убиец на татковци“, отстранливиот закочен околувратник бил популарен додаток за мажи во 19 век. Иако на прв поглед безопасен, бил толку цврст што можел да ја запре циркулацијата, на тој начин предизвикувајќи асфиксија и апсцес на мозокот.

Вилијам Ф. Дилон бил еден од оние кој го стигнала оваа судбина. Имено, 1912 година, заради проблем со варењето „вратот му отекол и околувратникот смртно го загушил“, пишува Њујорк Тајмс.

Изгледа дека некои од нив сметале дека постои поврзаност помеѓу цврсто кренатиот околувратник и половата зрелост.

Бизарни потпетици, украси за коса, забни апаратчиња и естетски операции

Ниту тука не ѝ е крајот на модата, па треба да се споменат и Чопин, примитивен облик на чевли со висока потпетица популарни во Европа од 15 до средината на 17 век, кои создавале илузија на долги нозе достигнувајќи и до седумдесетина сантиметри во висина. Колку што биле повисоки чевлите биле поопасни, заради што жените често не можеле да се движат без придружба.

Тука е и украсот за коса Фонтаж, популарен во Франција во 17 век, кој се состоел од мноштво ткаенини, а со текот на времето станал толку голем што жените на главите носеле цели „екосистеми“. Самиот по себе, освен заради тежината, Фонтаж не бил опасен, но бидејќи во тој период лустерите со свеќи биле чести, јасно е дека имало случаи кога купот ткаенини на главата се палел и во најмала рака предизвикувал повреди на својата сопственичка.

Да ја споменеме и Муслиновата болест, односно обичај на жените на влажно тело да облекуваат тенки фустани од муслин за да им се истакнуваат контурите на телото, што било поврзано со фактот дека богатите и тешки ткаенини биле резервирани за високата класа. Така жените од пониските класи често имале воспаление на градите, бидејќи ваквото облекување никако не одговарало со студеното време. Некои сметаат дека оваа практика е одговорна за епидемијата на грип во Париз 1803 година.

Еден неодамнешен тренд, кој стана популарен меѓу тинејџерките во Тајланд, и во Индонезија и Кина, се фиксните забни апаратчиња, кои се носат независно од реалната потреба. Тие се знак на богатство, општествен статус и стил, а бидејќи за модни цели често се користат непрофесионално направени апаратчиња, инфекциите и разните компликации не се реткост.

Сите бизарни естетски операции, исто така, би можеле да се набљудуваат во овој контекст. Па така, Изабела Роселини со право го поставува прашањето, дали можеме пластичните операции да ги сметаме за нов облик на подврзување стапала?

За крај, погледнете како во 1893 година ја замислувале модната иднина.

Извор: http://voxfeminae.net