Филмовите со кои го опишував груевизмот (4 - Хорор)

24.07.2015 14:38
Филмовите со кои го опишував груевизмот (4 - Хорор)

Shutter Island

Вака вели еден болничар во романот „Затворениот остров“ (според кој Скорсезе сними морничав филм):
„Знаете, имам работено на неколку гадни места. Во затвори, вклучувајќи ги и оние со максимално обезбедување... Едно од местата беше и болницата за умно пореметени криминалци... Како и да е. Сешто гадно сум работел. Но местово! Овие овде самите си го напишале сценариото.“

Што е главниот проблем на СК014

Алиен 4

Во психоаналитичарска смисла, ВМРО е националното un/heimlich. На тој необичен германски збор Фројд му посветил обемна расправа, тргнувајќи од еден расказ на Хофман: unheimlich значи несродно, далечно, туѓо, вознемирувачко... Зборот е парадоксален и личи на сопствената сенка, на антонимот со спротивно значење: heimlich. Меѓу многуте нијанси на значења, heimlich ја содржи и онаа што се поклопува со спротивниот збор, unheimlich. Она што ни било блиско, кон што сме трчале со симпатии, се преобразува во обеспокојувачко, потресно - пишува Фројд во својата расправа од 1919 година.

Сигурни Вивер, во ликот на Рипли, во филмот „Алиен“, низ односот кон сопственото чудовиште-дете блескаво ја долувува напнатоста на un/heimlich. Тука лежи, ми се чини, и тајната на перверзниот однос меѓу македонската нација и ВМРО - внатрешниот паразит, одметнатото чудовиште, блудниот син, близок како казна, раѓање и смрт, сошиен како франкенштајновска крпеница во трансвременските лаборатории на националниот дух.

Структурата на хоророт

Твин Пикс

Ако согледувањава ги префрлиме на полето на политичкото, можеби ќе ни стане појасно од каде мрачните идеологии ја црпат својата сила и зошто луѓето во несигурни времиња често избираат самоубиствени водачи. Зошто гласаат за сопствената пропаст. Зошто трчаат во пресрет на она од што треба да бегаат. Зошто опасното им заличува на присно и топло.

Филмскиот критичар Робин Вуд објаснува дека структурата на хоророт се состои во тоа да се враќаме кон она од што бегаме. Драматургијата на нашата траума суштински е поврзана со амбивалентноста што ја чувствуваме кон монструмот; страшното едновремено е и привлечно. Домот, огништето, топлината, утробата, на некој чуден начин знаат да се извртат во нешто сосема спротивно: туѓо, несфатливо и заканувачко.

Лиланд Палмер, пореметениот татко во серијата „Твин Пикс“, поради својата патријархалност и злосторничка несвесност, можеби е уште попрецизен симбол за Фројдовото un/heimlich. Лиланд всушност го симболизира целото мрачно место, Твин Пикс. Тој цело време глуми угледен и морален граѓанин, иако ја силувал и убил сопствената ќерка. Дури и на крајот, низ маглите на себесогледувањето, насетувајќи ја сопствената монструозност, Лиланд ја негира својата злосторничка природа (низ него дејствувала мрачната сила наречена Боб) и со насмевка му вели на агентот Купер: „Јас не убив никого“.

Структурата на хоророт

Диви во срцето

Можеби уште подрастична слика за перверзната врска помеѓу ВМРО и „мајка“ Македонија ни дава Дејвид Линч во филмот „Диви во срцето“, во една од најмачните сцени. Во евтина хотелска соба Боби Перу (го игра Виљем Дафо) грубо ја напаѓа Лулу (Лора Дерн), ја допира, ја стиска, го освојува просторот на нејзината интимност и на заканувачки начин повторува: „Кажи: еби ме!“, за да ја натера да го прифати сексуалниот чин. Грдата, мошне непријатна сцена се растегнува до крајни граници и кога конечно истормозената Лора Дерн едвај чујно ќе рече „Поеби ме!“, Перу брзо се оддалечува, пријателски се насмевнува и весело одговара: „Не, фала, денес немам време, но во некоја друга пригода, срце, со задоволство тоа ќе го направам...“

На многумина гледачи филмскава сцена им предизвикува гадење и отпор. Но, како што истакнав на почетокот: целата политичка и писателска веродостојност произлегува од тонот, јачината, контрапунктирањето... Тешко е да се опише она што ни се случува.

Диви во срцето

 Догвил

„Догвил“ е приказна за „обичните луѓе“ збутани во заборавено гратче на крајот на светот. Меѓу „тивките и скромни соседи“ одеднаш упаѓа Грејс (Никол Кидман), жена во бекство која бара засолниште. Наизглед топлата и заштитничка околина набрзо се претвора во хорор и жената станува жртва на ужасни злоставувања, физички и психички, од страна на толку нормалните а заправо толку пореметените мештани.

Трир сугерира дека е мала (т.е. непостоечка) границата меѓу пристојноста и преправањето, хуманоста и користољубивоста, добродетелството и искористувањето, понудата и уцената, помошта и манипулацијата. Дури и страдалницата Грејс на крајот станува речиси иста со пореметените мештани, залагајќи се за радикална одмазда: да се убие целото гратче.

Догвил-Македонија 


(Продолжува)

1- Идентитет

2 - Митови

3 - Пастирот