Сакам да бидам сингл - но со тебе!

24.07.2015 17:42
Сакам да бидам сингл - но со тебе

Сакам да одиш на пиво со пријателите и следното утро кога ќе бидеш мамурен да ме повикаш да ти се придружам, без оглед на тоа во каква состојба се наоѓаш. И сето тоа зашто дури и покрај тегобноста од пијанството, моето присуство ти е потребно и ме сакаш во твојата прегратка. Тогаш сакам нежно да се привиеме еден во друг, барајќи незадржливо галење. Сакам наутро во кревет да разговараме за сè и сешто, но понекогаш, во попладневните часови, сакам секој од нас да одбере различен начин на кој би го поминал и исполнил денот со смисла.

Сакам да ми раскажуваш за вечерите поминати со твоите пријатели. Да ми кажеш дека имaло некоја девојка во барот на која си ѝ се допаднал. Сакам да ми испраќаш СМС пораки кога си на пијанка со твоите пријатели, за да ми кажеш некои неважни работи, како начин да се осигуриш дека и јас мислам на тебе.

Сакам да се смееме додека водиме љубов. Да се смееме и за тоа дека пробуваме нови работи и дека сето тоа едноставно нема никаква смисла. Сакам да бидеме со нашите пријатели, па да ме фатиш за рака и да ме однесеш во друга соба, бидејќи не можеш повеќе да издржиш и чувствуваш дека токму во тој момент и токму таму сакаш да водиш љубов со мене. А јас да се обидувам да бидам тивка, бидејќи таму има уши кои можат да нè слушнат.

Сакам да јадам со тебе и заеднички да ги откриваме различните вкусови и мириси. Сакам да ме натераш да зборувам за себе и ти да зборуваш за себе. Сакам заедно да одиме на долги прошетки, да талкаме низ непознати улици и предели, или низ познатите, одново откривајќи ги. Сакам да го замислувам љубовното катче од нашите сништа, знаејќи дека најверојатно никогаш нема да се вселиме во него.

Сакам да ми кажуваш за твоите планови, колку и да се нереални. Сакам да бидам изненадена. Би сакала, на пример, да ми речеш: Земи го пасошот. Заминуваме!

Сакам со тебе да почувствувам и возбуда и страв. Да правам работи кои не би ги направила со некој друг, зашто со тебе се чувствувам сигурна! Сакам да се вратиш доцна после долга пијана ноќ со пријателите, да ме зграпчиш, да ме бакнеш, да ме искористиш како твоја перница. До мене цврсто да се припиеш и да ме прегрнуваш во текот на ноќта.

Сакам да сум присутна во твојот живот, кога во одреден момент, можеби од чист каприц ќе одлучиш да отпатуваш некаде на неколку недели. За да ме оставиш овде сама да се досадувам, со нетрпение чекајќи да ми се отвори малото прозорче на Фејсбук кое го покажува твоето лице и ми кажува „Здраво".

Не сакам секогаш да бидам поканета на твоите вечерни излегувања. И јас не сакам секогаш да те поканувам на моите. Така ќе можам следниот ден да ти раскажувам за тоа и да ја слушнам твојата приказна за одминатата ноќ.

Сакам нашиот однос да биде едноставен, а во исто време да не биде толку едноставен. Сакам помеѓу нас да струи енергија која ќе ги замаглува и ќе ги прави нештата нејасни и недофатливи. Ќе ме натера често да си поставувам прашања, но во моментот кога ќе се најдам во иста просторија со тебе, сè да ми биде јасно.

Сакам да мислиш дека сум убава и да бидеш горд да кажеш дека сме заедно. Сакам будно да слушам и да ти ги впивам зборовите додека ми велиш дека ме сакаш и особено сакам да ти возвратам на тоа. Сакам да ми дозволиш да одам пред тебе, па да можеш да го гледаш мојот задник како се ниша од лево кон десно. Би сакала да ми дозволиш да ги стружам прозорците на мојот автомобил во зима, бидејќи додека го правам тоа мојот задник се тресе, а тебе тоа те засмејува.

Сакам да правам планови чија реализација е потполно неизвесна. Сакам да бидам во врска во која ништо не е јасно и дефинирано. Сакам да ти бидам добар пријател, оној со кого најмногу сакаш да се дружиш. Сакам во тебе да се задржи желбата да флертуваш со други девојки, но секогаш да сакаш да ми се враќаш и со мене да ја завршуваш ноќта.

Сакам јас да бидам таа личност со која сакаш да водиш љубов и со неа да заспиваш. Истата таа личност која ти остава простор и мир да работиш и онаа која ги сака моментите кога ќе се изгубиш во твојот свет на музиката.

Сакам да живеам сама, но истовремено да живеам со тебе. На тој начин нашиот живот во двојка би бил еквивалент на нашиот индивидуален живот, но сепак заеднички.

Еден ден ќе те пронајдам.

Извор:www.huffingtonpost.com

ОкоБоли главаВицФото