Подалеку партиските раце од телевизијата на народот

27.07.2015 11:14
Подалеку партиските раце од телевизијата на народот

Јавниот радиодифузен сервис и според Законот за медиуми и Законот за аудио и адудиовизуелни услуги е телевизија на сите, на секој граѓанин на оваа земја. Македонската радиотелевизија со своите програми им се обраќа на сите граѓани без разлика на нивната етничка или политичка припадност, без разлика на нивната возраст, на образованието или на социјалниот статус. На сите граѓани!!!

За разлика од комерцијалните телевизии или радија, кои своите програми можат да ги креираат врз основа на интересот на еден дел од публиката, јавните редиотелевизиски претпријатија својата програма ја прилагодуваат на целокупната јавност, на јавноста на која ѝ припаѓаат и која ја финансира.

Затоа, партиите треба да ги држат рацете подалеку од МРТВ.

Јавните радија и телевизии денеска во Европа се повеќе од потребни. Особено во земјите со проблематична демократија. Проблематични демократии се и оние кои немаат доволно капацитет и мотив да прифатат дека неутралните, независни јавни радиодифузни претрпијатија се сервиси на граѓаните, а не на политичките партии, како што е тоа во Република Македонија. Автономните, независни уредувачки политики на јавните радија и телевизии имаат моќ да бидат контролни механизми, да укажуваат на грешките кои треба да се поправат. Имаат слобода, но и одговорност да работат објективно, коректно и непристрасно.

Јавните редиотелевизиски сервиси не се само атрактивни фудбалски натпревари, скапи ТВ серии и документарни програми… Тие се многу повеќе продуценти на информативни, детски, образовни, научни и документарни приограми од сопствена продукција за кои е сосема јасно дека нема да носат заработка, туку ќе го исполнуваат јавниот интерес.

Граѓаните ги финансираат јавните радија и телевизии за да емитуваат избалансирани информативно-политички програми, да оранизираат дебати за клучни, стратегиски прашања за државата, општеството и граѓаните, да снимаат драмски серии и филмови, да ги афирмираат културните и сите други различности како предност, како дар на оваа земја, а не како хендикеп. Да говорат за заштитата на човековата средина…

Граѓаните за тоа ја финансираат МРТВ, а не таа да стане маша на политичките партии.

Оттаму произлегуваат четири услови кои мора да се почитуваат кога станува збор за финансирањето на јавните радиодифузни претпријатија. Нивната важност и значење ги утврди Европската унија со протоколот од Амстердам во 1997 година:

o Стабилност – Потребен е јасен, стабилен систем, за финансирање на јавните радидофузери. Тој треба да го гарантира спроведувањето на утврдените програмски политики, континуитетот и сигурноста на буџетот на претпријатието. Финансиите треба да бидат определени за одредени фиксни периоди кои треба да ги имаат предвид евентуалните финансиски несигурности.
o Независност – Рамката за финансирање на МРТВ мора да биде отпорна на било какви економски или политички притисоци.
o Пропорционалност – Средствата за финансирање на јавните радија и телевизии мора да биде соодветна на програмските планови, како и на потребите кои произлегуваат од платите и од потребите за техничко функционирање и усовршување на претпријатието. Но, не повеќе од она што е потребно. Со други зборови – пропорционално.
o Транспарентност – Исполнувањето наа обврските за финансирање и трошење на буџетот мора да биде предмет на континуиран мониторинг на надзорните тела и на застапниците на јавниот интерес. Во случајот на МРТВ – Советот на МРТВ и Собранието и соодветните комисии. Како и сите други здруженија на граѓани кои ги застапуваат интересите на граѓаните за кои треба да се грижи МРТВ.

Заради сето ова, крајно апсурдна и бесмислена е идејата дека МРТВ, односно нејзините ТВ канали, треба да си ги поделат позицијата и опозицијата. Тоа е глупост која е во спротивност со сите принципи за радиодифузните сервиси што ги застапува ЕУ, како и УНЕСКО.

Таквата идеја, доколку е точно дека е на масата за имплементација на принципите од договорот од 2 јуни во Пржино, е само чекор повеќе кон поделбата на македонското општество по партиска и етничка линија и на таа иницијатива треба да ѝ се стави крај веднаш.

Замислете само: Еден канал на позицијата со новинари и уредници што ги застапуваат политиките на власта, еден канал на опозицијата со новинари и уредници во други партиски дресови, трет канал со програми на етничките заедници… Хорор и Франкенштајн од јавен радиодифузен сервис кој нема врска од јавен интерес.

Затоа господа: Подалеку партиските раце од телевизијата на народот.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Извор: http://proverkanafakti.mk/