Лечење од „изборниот феудализам“ на ДПМНЕ

27.07.2015 12:19
Лечење од „изборниот феудализам“ на ДПМНЕ

И оваа година, како и минатата, светските медиуми не можеа да му одолеат на искушението со нагласено ироничен тон да не ја известат јавноста за локалните избори што се случија минатиот викенд во Северна Кореја. Не можеше да се скрие како известувачите буквално се ситат пренесувајќи ја веста на корејската централна новинска агенција за излезност од 99.97 проценти од гласачкото тело. За особено забавно се сметаше официјалното објаснување дека преостанатите 0.03 проценти од гласачите всушност биле во „странство или на работа по океаните“. Но, зошто иронија? Зашто сите на светот веќе одамна знаат дека изборите во Северна Кореја се ординарна тоталитарна фарса? Инаку, ако замислиме дека немаме никакви предрасуди за демократијата во Северна Кореја, и овие локални избори, како и парламентарните минатата година, со чисто срце можеме да ги оцениме како восхитувачки „мирни и добро организирани“. Исто како што од страна на меѓународните набљудувачи беа оценети и нашите – инаку комплетно лажирани – локални и парламентарни избори минатите години.

Што? Да нема, случајно, стандард во кој процентот на излезност на избори се доведува во непобитна корелација со нивната демократичност? Тогаш сите би требало да знаеме однапред колкава е демократската, а колкава недемократската или тоталитарната излезност?! Но, за жал, таков прирачник за демократија уште не излегол од печат, па оценувањето на демократичноста, ферплејот и слободата на изборите останува прашање на убедувањето на „непристрасните набљудувачи“.Или, попрецизно, бидејќи набљудувачите тргнуваат на пат со веќе оформеното убедување, општата оценка за демократичноста на изборите во најголема мерка се заснова на нивното предубедување, додека нивните извештаи главно се засноваат на „технички“ описи на степенот на организираност на изборите, забележаните „нерегуларности“ и слично, упорно одбегнувајќи да зборуваат за суштината на системското лажирање на изборната волја на граѓаните. А, суштината е едноставна: во недемократски општества се лажира изборниот амбиент, контекстот, вупниот живот пред и после, односно помеѓу изборите; или, накусо, таму се лажираат и државните институции и самите избирачи, а многу помалку или занемарливо се употребуваат „техничките“ фалсификати: лажни ливчиња, манипулации со избирачкиот список и сл.

Колку се предубедувањата клучни за оценување на демократичноста и слободата на изборите, особено ако се работи за предубедувања од геополитичка провиниенција, можеме да видиме на примерот на годинешниве избори во Казахстан. Службеното соопштение кое го обиколи светот беше дека претседателот Нурсултан Назарбаев го добил својот петти мандат, на избори на кои излезноста била 95 проценти, од кои за Назарбаев гласале само 98 проценти. Интересно е дека, ако ги прегледате медиумските извештаи за овие избори, ќе наидете на повеќе воздржаност и многу помалку иронија отколку во корејскиот случај, и покрај тоа што меѓународната заедница прими шеговита и иронична шлаканица в лице од самиот Назарбаев. Тој покажа завидна смисла за хумор кога изјави дека „се извинува доколку овие бројки (проценти на излезност и на гласови за него) се неприфатливи за супердемократските земји, но не можел ништо да стори, зашто да интервенираше, тоа ќе било недемократски.“ Хахаха, браво мајсторе! Но, во овој случај, и покрај исмејувањето на Назарбаев, сите лидери на либерално демократскиот Олимп, на чело со претседателот Обама, се затрчаа во прегратките на Назарбаев да му ја честитаат „изборната победа“.

Каква поука можеме да извлечеме од горката иронија што така удобно и спонтано ја произведува реалноста на авторитарните општества? Поуката не е многу оптимистична и ведра, но е од суштинско значење за борбата на разбуденото македонско граѓанско општество за повторното освојување на слободата. Таа гласи: меѓународната заедница нема ниту волја, ниту капацитет, а ниту интерес да ја сфати – а камоли да ја разреши – огромноста и комплексноста на трагедијата на потлачените народи што се жртви на системска измама од своите „авторитарни демократии“ (ако е можна употребата на овој оксиморон). Сите народи се сами во својата трагедија, што не значи дека немаат пријатели во светот, туку дека не треба да очекуваат дека е можно нивните проблеми да бидат сфатени и успешно решени од некој од надвор. За жал.

Еве, ги исчитувам внимателно „Препораките на експертската група за системското владеење на правото во Република Македонија (...)“, таканаречените препораки на Рајнхард Прибе, и гледам дека извештајот е направен чесно, професионално и компетентно, но во него има толку малку свест за монструозноста на општественото зло што го создаде Груевски и неговата ДПМНЕ, што се прашувам колку овој политички „ладен облог“ може да биде ефикасен лек за метастазираниот фашизоиден канцер што ја убива земјава? Конечно, во Препораките пишува дека „тие се адресирани на различните тела и институции во земјата, исто како и на политичките играчи, во владата и во опозицијата...“, како и дека „поголемиот дел од препораките се однесуваат на дејствија и одлуки во рамките на постоечките закони“. Па, како со таква лесна витаминска терапија ќе се демонтира чудовишната партија-држава на ДПМНЕ, што во меѓувреме донесе неколку стотици неуставни закони и илјадници мафијашки прописи, и воведе целосно неуставен и неформален систем на односи, некакво деспотско „прецедентно и обичајно право“, со кое владее како што монарсите и феудалците владееле во средниот век? Ако се потсетиме што режимот на Груевски воведе како нормалност во која се одвиваат сите изборни циклуси од 2008 до денес, ќе сфатиме дека тука се работи за феудална или деспотска „демократија“ во која општествената пирамида на редистрибуција на добрата, моќта, правата и обврските, е во потполност истоветна како и во европските средновековни феудални монархии или во азиските деспотии. Елем, земјата е во сопственост на монархот кој ја дели на феуди на своите лојални благородници, заедно со населението што е „врзано“ за земјата. Потоа, од горе надолу се спроведува насилната „заштита“ на поданиците со помош на монополот на сила, додека од долу, од населението, заштитата се плаќа со даноци и харачи, како вид „кирија“за животот во родната земја, како вид „лојалност“ што поданиците му ја должат на деспотот.

Во Македонија, всушност, владее еден вид изборно ропство или кметство, во кое единствена странка во „мирните и ефикасни“ избори е државата, партиската држава на Груевски, која во непрекината и вечна изборна кампања егзистенцијално ги врзува во коруптивни, уценувачки и заканувачки врски – од типот „лојалност за заштита“ – сите жители на земјата до кои разгранетите пипци на државните институции и лојалните корпорации можат „ефикасно“ да стасаат. Тоа се врски на лојалност за вработување, за да се остане на работа, за да се добие социјална помош, пензија, лојалност за земјоделски субвенции, тендерска лојалност и што сè не... Самиот перформанс на изборите е восхитувачки сликовит за опис на тоталната неслобода на изборното ропство или кметство: луѓето се водат на избори по список, како стока на поило, како робови на работа или како кметови на орање. За изборот што можат да го направат во моментот на гласање луѓето што се доведени да гласаат – влечени за уши и рогови, за слободното право на избор на овие во душа убиени кметови, можат да зборуваат само набљудувачите од големи далечини, од други земји или планети. Или, како што напишал Маркузе: „Со „слободните“ избори на господарите не се укинуваат ниту господарите, ниту робовите...“ Во таа смисла, укинувањето на изборното кметство на ДПМНЕ во Македонија е можно единствено како укинување на системот во кој тоа перверзно кметство настанало. Значи, партиската држава на Груевски не може, не треба и не смее да се „реформира“, туку само да се демонтира и укине, за на нејзиното место да се возобнови македонската слобода и демократија.

Слики: Свирачиња – Длабоко црвено

Извор: Слободен печат