Преземање од „Фејсбук“ за јавна објава без согласност е незаконско

29.07.2015 10:34
Преземање од „Фејсбук“ за јавна објава без согласност е незаконско

Разгледувајќи го конкретното однесување на медиумите што ја објавија и ја споделија оваа вест од аспект на принципите за почитување на приватноста, неизбежно е истото да се анализира од неколку агли.

Пред сè, потребно е да се направи процена на тоа кои лични податоци се објавени, во кој обем и колку нивното објавување ја поддржува суштината на информацијата. Во согласност со Законот за заштита на личните податоци, личен податок е секоја информација што се однесува на идентификувано физичко лице или лице што може да се идентификува врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет. Во конкретниот случај, објавената фотографија, името и презимето, локацијата како и поврзувањето со родителот, кој е јавна личност, претставуваат лични податоци. Новинарите треба да прават разлика помеѓу важноста на информациите што ги објавуваат за јавните личности кои извршуваат политичка или јавна функција и податоците на нивните членови од семејството. Заштитата на личните податоци на ќерката на Заев и заштитата на неговата приватност како јавна личност се дијаметрално различни. Условот за почитување на приватноста е автоматски редуциран за онолку колку што самото лице е навлезено во јавниот живот или има контакт со други заштитени интереси.

Секако, веднаш се поставува прашањето колку еден медиум треба да заштити веќе објавени податоци. Кога станува збор за објавување фотографии на „Фејсбук“, секој корисник со самото објавување на фотографиите на „Фејсбук“ се смета дека ја дал својата согласност тие да бидат јавно објавени на интернет и не може да очекува апсолутна приватност. Сепак, согласноста на корисникот да објави негови фотографии на приватен профил, без разлика на тоа на колку други корисници таа ќе им биде достапна, не значи и негова согласност за тие да бидат реобјавувани на други веб-страници или медиуми, во контекст што е компромитирачки по која било основа за поединецот, па оттаму секое реобјавување фотографии без согласност на субјектот на личните податоци ќе се смета за незаконско.

Дискусијата за заштита на приватноста е дотолку поважна ако се земе предвид дека станува збор за податоци за малолетно лице. Личните податоци на малолетни лица не смеат да бидат објавени без соодветна заштита, односно замаглување на ликот и употреба на иницијали. Малолетните лица се лица со ограничена деловна способност, а со самото тоа тие не можат сами да се согласат дали одредена информација за нив ќе биде јавна или не. Согласност за објавување лични податоци за малолетни лица мора да биде побарана од нивните родители, старатели или законски застапници, но дури и кога истата ќе биде добиена, мора да се води сметка за идните импликации од објавувањето на личните податоци на малолетното лице. Дека медиумот не водел сметка за заштита на личноста на ќерката на Заев се гледа и во двете објавени фотографии, кои очигледно се преземи и необработени, на едната е напишано целото име и презиме, а прекриен е ликот, додека на другата е анонимизирано само името.

Во корист на досега констатираното, предвид треба да се земе и законското ограничување на обработката на чувствителните лични податоци. Според Законот за заштита на личните податоци, сите лични податоци не уживаат еднаква заштита. Постои и категорија на посебни, чувствителни лични податоци, кои имаат и посебна заштита, а тоа се лични податоци кои го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофско или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетските податоци, биометриски податоци (во овој случај фотографијата е биометриски податок) или податоци кои се однесуваат на сексуалниот живот. Концептот на „битност на информацијата“ е особено важен во овој случај. Секое споменување на чувствителни податоци треба да се избегнува.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Извор: http://proverkanafakti.mk