„Свиркач“ на покривот – граѓанинот против власта

30.07.2015 09:53
„Свиркач“ на покривот – граѓанинот против власта

Во јуни 2013 година, името Едвард Сноуден како во експлозија го обиколи светот. Набргу и неговото лице стана познато. Ова младо момче имало договор за дело со Националната безбедносна агенција на САД (NSA) и пристап до огромно количество строго доверливи документи. Сноуден ги доставил тие документи до редакцијата на британскиот весник „Гардијан“ и светот дозна дека НСА со години тајно ги прислушувала и ги следела електронските комуникации на илјадници луѓе и институции во светот.

Веднаш потоа Сноуден стана најпознатиот свиркач во светот. Неговото име и неговата постапка станаа доминантна тема во светот, на интернет и на социјалните мрежи, а не помалку интерес покажаа и издавачите кои публикуваа неколку книги за феноменот Сонуден и за свиркачите.

Една од темите, што, меѓу другото, беше отворена со феноменот Сноуден, беше значењето на свиркачите како појава виз-а-ви власта, нејзината злоупотреба на моќта и на ресурсите на државата отстапени на демократско управување со нив за период од еден изборен циклус.

Свиркачите се луѓе, најчесто вработени во институциите, кои поседуваат или управуваат со одредена моќ, без разлика дали се приватни или јавни, и кои се одлучуваат да проговорат во име на јавниот интерес. Свиркачите својот идентитет најчесто го кријат или им го откриваат на тие што можат да ја гарантираат нивната безбедност или анонимност. Многу често се случува, заради небрежност, недоволно познавање на своите права, заради непрепознавањето на вистинските засолништа за нивниот идентитет и безбедност, свиркачите да бидат изложени на напади, на омраза и на неприфаќање, на деманти и на закани кои честопати завршуваат и на суд. Во такви случаи, на свиркачите им се оневозможува пристапот до дополнителни информации со кои би се комплетирала сликата за злоупотребата на моќните.

Од овие причини, искуствата покажуваат дека заради поголем ефект и ефикасност, подобри се оние ситуации кога свиркачите остануваат докрај непознати, додека, пак, информациите што доаѓаат од нив, им се препуштаат на таканаречени, трети страни, најчесто новинари или активисти. Тие, новинарите и активистите, ја вршат улогата на мегафони, соопштувачи на „протечените“ информации, а свиркачите остануваат анонимни и заштитени, и со тоа имаат можност да продолжат со својата активност како „копачи“ и дистрибутери на информации од јавен интерес. Уште една добра страна на оваа превентивно-безбедносна рамка за свиркачите е што јавноста многу повеќе се фокусира на информацијата, а не на свиркачите. Бидејки, секоја чест на свиркачите, но слободниот протек на информациите е многу поважен, отколку славата на свиркачите.

Еве некои од препораките кои се однесуваат на свиркачите и на нивната соработка со медиумите или активистите:

1. Да се биде екстремно внимателен
Историјата ќе потврди, но како што сега стојат нештата, според познавачите, Сноуден успеа да изнесе и да дотури големо количество најдобро чувани информации во историјата на тајните служби. Овој човек докажа дека освен тоа што е добар „извлекувач“ на информации, тој бил многу паметен и екстремно внимателен. Како прво, Сноуден поседувал исклучителни компјутерски вештини. Тој донел одлука да ги објавува сознанијата за тајните прислушувања од државната агенција и сосема му било јасно што претставува таквото тајно следење на телефонските разговори и на другата комуникација. Тоа била една од причините поради која Сноуден презел екстремни мерки за безбедност додека ги собирал документите од НСА и додека ги дистрибуирал. Кога контактирал со новинари, тој употребувал безбеден мејл. Кога се среќавал со претставници не медиумите барал да им ги скенира телефоните, лаптопите и другите апарати за комуникација за да провери да не се „озвучени“ или колку се безбедни. На пример: пред воопшто да почне разговорот со новинарите, неговиот неотповиклив услов бил мобилните телефони да бидат ставени во фрижидер за да се онеспособи следењето.

Овие примери се само мал дел од она што Сноуден го поседувал како знаење, а не како параноја. Малку свиркачи преземаат вакви мерки. Тоа може да се оправда и со желбата и со одлучноста на НСА да ги сопре или да го спречи одлевањето на информациите. Како и да е, треба да се учи за тоа зошто и како Сноуден преземал мерки за претпазливост.

2. Бидете највнимателен во изборот на медиумот или на оние на кои ќе им ги доставите вашите материјали и сознанија
Сноуден многу внимавал и размислувал за тоа кому ќе му ги предаде материјалите. Во неговиот случај, тој барал некој доволно угледен, храбар и непоколеблив медиум, уредник или новинар кој ќе биде доволно свесен за тоа какви материјали добива и кој ќе биде одлучен дека ќе ги објави информациите, без разлика што спроти себе ќе го има најсилниот противник на светот – Владата на САД. Тој одлучил дека тоа нема да биде американски медиум. Иако има неколку позитивни искуства во историјата на новинарството во САД поврзани со вакви случаи, сепак има сознанија дека има и поинакви, односно спротивни примери. На пример: за време на војната во Виетнам, вистината за масакрот кај Маи Леј, кога од војската на САД биле убиени стотици недолжни цивили, им била понудена на една телевизија и на еден весник, но тие одбиле. Во 2004 година телевизиската мрежа „Си-Би-Ес“ првично покажала интересирање да ја објави вистината за тортурата врз ирачките затвореници во затворот Абу Граиб, но подоцна се откажале заради притисокот на Пентагон. Сторијата се појави во печатените медиуми, а „Си-Би-Ес“ пост фестум, сепак, ја објави приказната.

Овие искуства со американските медиуми биле пресудни Сноуден да избере британски медиум. „Гардијан“ и претходно беше познат по својата посветеност да објавува истражувачки стории без разлика на тоа кој е вовлечен. Се покажа дека е тоа паметен избор.

3. Да се биде упорен
Сноуден одлучил да се поврзе со „Гардијан“ и со ниту еден друг медиум или новинар. При крајот на 2012 година тој контактирал со надворешниот соработник, колумнист на „Гардијан“, Глен Гринвалд, познат по своите нагласено критички текстови против американската влада и тоа поврзани токму со некои афери на прислушување и на следење на комуникациите. Сноуден му испратил на Гринвалд анонимен мејл во кој му рекол дека му нуди ексклузивни откритија и побарал Гринвалд да инсталира заштитен софтвер за неговата мејл-комуникација за да биде спречен каков било неовластен пристап. Гринвалд, кој во тоа време живеел во Бразил, бил многу зафатен со други проекти и не му одговорил на Сноуден. За да го охрабри, Сноуден снимил и видеопорака со инструкции како да се инсталира заштитниот софтвер и зошто е тоа неопходно. И тоа не било доволно за да се предизвика љубопитноста на Гринвалд.

Но, Снодуен не се обесхрабрил. Во јануари 2013 година, тој ја контактирал Лора Поитрас, многу блиска пријателка и соработничка на Гринвалд. И Лора била жестока критичарка на безбедносната политика на САД и лично имала проблеми со тоа. Сноуден помислил дека таа ќе покаже интерес и дека потоа ќе го мотивира и Гринвалд да ја прифати понудата на Сноуден.

Сноуден бил во право. Лора Поитрас веднаш ја прифатила приказната на Сноуден и бргу го убедила Гринвалд дека имаат голема приказна.

Ова е третата лекција од искуството на Сноуден: да се биде упорен кога ќе бидете сигурни дека го имате вистинскиот канал за комуникација за информации од особена важност за јавноста. Упорноста оди секогаш рака под рака со претпазливоста и со трпеливоста.

4. Да се усовршуваат комуникациските вештини
Сноуден е тивок, повлечен, мирен. Непредвидлива личност. Може да го споредите со типот луѓе познати како „бубалици“. За разлика од некои од неговите претходници, тој никогаш немал желба да биде позната јавна личност. Но, иако бил срамежлив и повлечен, Сноуден многу точно знаел што сака да постигне и што сака да му соопшти на светот. Тој работел многу на тоа неговата клучна идеја и порака да бидат до совршенство подготвени и готови пред да бидат објавени јавно. И, кога веќе го направил тоа толку јасно и прецизно, се држел многу принципиелно до неговите изјави и ставови.

На свиркачите им се неопходни добри комуникациски вештини за да можат идеите и пораките да ги насочуваат кон вистинската цел, во вистинско време, на вистински начин и во најсоодветен контекст. Многу ретко се случува „протечените“ информации да бидат доволни сами по себе. Многу е важно свиркачите да ги соопштуваат во соодветен контекст за да се препознае нивната суштина и за да се избегне каква било пристрасност или судир на интереси со оној што ги соопштува класифицираните информации. Говорните вештини се, исто така, од исклучително значење кога комуникацијата се остварува со новинари, активисти, застапувачи…, кои треба да бидат вашите сојузници.

Многу луѓе, како дел од јавноста, ќе ги создадат своите впечатоци и мислења за свиркачите врз основа на нивниот јавен настап. Затоа – внимателно и посветете соодветно внимание и време на овие вештини.

5. Треба да имате план за непредвидени ситуации
Сноуден многу внимателно и темелно размислувал за тоа што сака и како да го постигне тоа. На почетокот тој на новинарите им доставил внимателно селектирани тајни документи за да го поттикне нивниот интерес, како и за да ја покаже својата добра волја и посветност на оваа нималку благодарна активност. Зашто, кој инаку би поверувал некому кој тврди дека поседува огромен број тајни информации на НСА поврзани со прислушувања и со следење на комуникациите на стотици и стотици граѓани и политичари од целиот свет? Откако вопоставил доверба, Сноуден влегол во фазата на средби лице в лице. На тие средби тој ги испорачувал записите од прислушуваните разговори и дополнително ги толкувал. Еден поголем дел од материјалите често бил високотехнолошки конципиран и нерзбирлив за лаици во технологијата.

Сноуден знаел, бил свесен дека нема да може да остане скриен. Да остане докрај анонимен. Знаел дека американската влада ќе ги преземе сите мерки за да се пронајде „свиркачот“, штом во НСА ќе забележат дека некаде им истекуваат информации. Затоа Сноуден немал никаков сомнеж дека тој самиот ќе се погрижи, во одреден момент, да го соопшти јавно својот идентитет. Единствено што направил е да го послуша советот на Гринвалд и да се открие себеси не веднаш, туку неколку дена откако биле објавени првите стории за прислушкуваните разговори и за пресретнатите комуникации. Сноуден длабоко верувал дека откривањето на неговиот идентитет ќе им даде кредибилитет на разоткриените операции и тој бил подготвен да ја прифати целосната одговорност и ризикот по неговата безбедност и живот. А, тие не биле воопшто ниту мали, ниту безначајни.

Како и да е, колку и да планирате, да ги преземете сите безбедносни мерки, сепак, некои нешта не можат да се покријат докрај. На пример, Сноуден признава дека тој никогаш не планирал од САД да побегне во Хонгконг, а потоа, оттаму, во Русија. Но, сепак. Тој ги предвидел речиси сите други постапки на тие што тргнаа да го откријат и да го приведат. Тоа е многу повеќе отколку сите негови претходници свиркачи, кои честопати не можеа да ги предвидат или да ги организираат сите неопходни мерки на претпазливост за да се заштитат себеси.

Оваа лекција од искуството на Сноуден поучува дека е неопходно да се опфатат сите опции за развој на сценаријата, како и она најлошото, и да се подготват планови и одговори за секој случај одделно.

6. Бидете подготвени за последиците
Сноуден знаел дека по првиот документ што тој ќе го протури до јавноста, тој ќе биде најбараниот човек на земјата. Бил подготвен да биде уапсен и да биде ставен во долготраен притвор. Знаел што жртвува. На својата долгодишна девојка на Хаваите ѝ рекол дека заминува на подолго време и дека можеби повеќе нема никогаш да се видат. Сноуден донел одлуки и се придржувал до нив.

Од неговата лична точка на гледање, Сноуден, досега, го има избегнато најлошиот епилог од оваа негова лична и храбра авантура. Досега тој можеше да заврши во затвор, без пристап до компјутер, што, според неговите изјави, е неговиот најлош кошмар. Можеше дури да ја доживее и судбината што неколку години пред него ја доживеа Бредли Манинг, подоцна Челзи Бредли Манинг, кој(а) заради тајните информации на Пентагон за некои неетички и нелегални операции на министерството на одбарана на САД, беше подложен(а) на невидена тортура во американските затвори, судови и во конзервативниот дел од јавноста на Америка.

Сега засега, Сноуден живее на непознати локации во Русија. Во земја во која слободата на говорот е ретка појава што претставува една силна симболика за ситуацијата на човекот кој презеде еден таков личен подвиг во име на слободата. Сноуден плаќа висока цена за својата храбра акција. Тој знаел во што се впушта и дека мора да биде доследен на своите уверувања.

***

Не им е едноставно на „свиркачите“. Честопати нивните постапки не наидуваат на општо одобрување. Еден дел од јавноста, под притисок на провалдините медиуми, ќе ги оцени како предавници. Ризикот да се изгуби работното место, кариерата, пријателствата, врските, здравјето, парите… се многу високи и реални. Затоа е најдобро да се биде подготвен на најлошото. Да се биде подготвен значи да се издржи најсилниот притисок и да се прифати шансата за нов почеток.

Другата страна во приказната за „свиркачите“ е заложбата на владините или на други агенции или компании, кои се „жртви“ на протекувањето на тајни информации, да ги демотивираат идните „свиркачи“. Тие ќе направат сѐ за да им го прикажат како крајно катастрофален животот на „свиркачите“.

Никој не може да биде во кожата на Сноуден и да суди, но, неговата приказна испрати една многу поинаква, оптимистичка порака. Тој покажа дека НСА, и нејзе сличните владини баук-агенции, не се непобедливи. Нивниот криминал треба, и може, да биде изложен пред очите на јавноста. Тој застана простум пред најмоќната влада на светот и донесе одлука да не биде исплашен поданик, туку одговорен граѓанин.

Од неговите постапки може многу да се научи. На патот кон слободата…

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Thierry Ehrmann

Извор: http://proverkanafakti.mk