Мате Парлов - најжестокото момче од бивша Југославија

31.07.2015 10:15
Мате Парлов - најжестокото момче од бивша Југославија

Во Југославија постоеја двајца луѓе со кои никој не се задеваше. Едниот беше Тито, а другиот Мате Парлов.

Тој беше најсилниот Југословен. И не само тоа. Мажите сакаа да бидат како него, жените го обожуваа и прогонуваа. Како спортист, беше совршен. Како човек, беше отелотворение на она што значи Југословен – љубител на кафеани, љубител на животот, песните, поезијата, луѓето...

Како боксер, беше најдобар на светот. На врвот од кариерата беше непобедлив, но буквално. Како уличен борец – не се докажа никогаш. Оние кои се занимаваа со боречки вештини, знаеја дека нема да издржат ни секунда со првакот, а оние кои го предизвикуваа... Од нив со насмевка ја вртеше главата.

Кога бев помлад мислев дека врз мене може да падне куќа и да не ми биде ништо. Бев импулсивен, сакав да ги решавам работите со сила. Сè додека во 1970 година не бев поразен, ме нокаутираше еден Германец. По тој пораз се приземјив. Сфатив: не е помалку важно да се знае да се отстапи од удирачкото знаење. Тогаш стекнав трпеливост, знаев да чекам и да удирам кога треба. Тоа беше единствениот нокаут што го претрпев во кариерата. По него станав и шампион. Станав непобедлив“, зборуваше Парлов во едно интервју.

Мате Парлов е роден три години по Големата војна, во 1948 година во Сплит. Умре во Пула, пред седум години. Според мислењето на експертите, беше најдобриот југословенски боксер во историјата, и еден од најдоминантните борци во светот.

Кариерата како шампион

Како аматер, имал 310 мечеви, а поразен е (на бодови) само 12 пати. Го доживеа и нокаутот што му го промени животот. Беше првак на Југославија во полутешка категорија осумпати (1967-1974), петпати првак на Балканот (1971-1974), двапати првак на Европа (1971 и 1973) и светски првак, на Куба 1974 година. Беше олимписки победник 1972 година во Минхен. Во финалето нокаутираше Кубанец. Кој го разбира боксот, знае што значи ова.

По неверојатната аматерска кариера, оствари и 24 победи (со три порази) во професионален ринг. Стана првиот југословенски првак на светот 1978 година. Последниот допир со боксот го имаше 1984 година, како селектор на репрезентацијата на Олимписките игри во Лос Анџелес. Неговите боксери освоија најмногу медали во историјата – злато, сребро и две бронзи. Кој го разбира боксот, знае колку ова е неверојатен успех.

Заради ова го сакавме

Во срцата на Југословените остана засекогаш и заради ова: Во една прилика, кога веќе беше професионалец, дозна дека ЈРТ (Југословенска радио телевизија) нема пари да плати пренос на негов меч. Народот, чиј херој беше, тагуваше заради тоа. Мате рече „во ред“, и утредента го уплати целиот износ. Од својот џеб. И цела Југославија гледаше како се бори, и навиваше.

По кариерата, ја отвори кафеаната „Мате“ во Пула. Уживаше во животот и дружењето со добри луѓе. Како што ги рушеше противниците во рингот, ги рушеше и сите предрасуди кои некој можеше да ги има за боксерите. Беше пристоен, културен, образован (дипломираше економија и дотурка до последниот испит на постдипломските студии), човек од светски ков и со светски сфаќања. Во исто време, беше човек со широка душа, кој сакаше да се весели во кафеана, да пее, да крши чаши...

Само што тој ги кршеше чашите со стисокот на рацете.

За цигарите

Прашан за својот пушачки порок, Парлов јасно рече дека почнал да пуши по боксерската кариера. Прашан за спортистите кои биле големи, а биле пушачи, како што се Жарко Паспаљ, Блаж Слишковиќ и Роберт Просинечки, рече: „Сите тие се играчи во колективни спортови. Кога еден ќе остане без здив, може и некој друг да ја прими топката. Никој немаше да прими удар за мене“.

Еве зошто беше најголем

Кога го прашаа за занимавањето со спорт и желбата да биде најдобар, рече нешто што треба да го прочита секој кој има намера да се занимава со некој спорт – шах или борење: „Ме прогонуваше желбата да успеам во она за што почувствував дека сум добар. Некаков прометејски оган, волја за постигнување високи цели. Кога започнав, морав да бидам најдобар. Доколку не бев упорен, никогаш немаше да дојдам до врвот“.

Својата сила и вештината, со која лесно можеше да ги понижи и „најжестоките“ од „жестоките“ момци кои во големи количини ги раѓаше СФРЈ, никогаш не ги злоупотреби: „Никогаш не бев агресивен. Иако бев жесток. Не се тепав од основно училиште. Немав проблеми надвор од рингот. Не ги ни барав. Имаше секакви комплексирани типови. Сакаа да му се докажат на човек кој освоил некакви титули. Но, тоа треба да се избегне. Се завртувам настрана и преминувам на некоја друга приказна“.

Еве зошто е бесмртен

Сите спортски успеси на Мате Парлов, сè што некогаш направил во рингот, сè што направил за Југословените, сепак не би биле доволни за да го стават на листата „бесмртници“. Тоа го направи една негова изјава, долго по крајот на боксерската кариера. Прашан за тоа дали е националист, рече: „Како може да бидам националист ако сум светски првак? Многумина не го разбираат тоа. Не биле ни прваци на држави, а често ни самите себеси не успеале да се победат. Светот им се воодушевуваше на моите резултати. Сите ме прифаќаа како свој, и црните и белите. Го запознав светот, и не можам да бидам ништо друго туку космополит“.

Во неколку зборови ја објасни суштината на дивјачкиот национализам и омразата кои растурија милиони животи во деведесеттите, па пред тоа во четириесеттите: Негови главни заговорници се луѓе кои никогаш не постигнале ништо во животот, ниту имале капацитет да постигнат. Недовршени човечки битија, со слаб ум и слабо тело, неспособни за создавање, но и тоа како способни за уништување.

А еве што го инспирирало

Мате уживал во поезијата уште од детството. Го сакал Бранко Радичевиќ, Лазо Костиќ, Петар Прерадовиќ... Но, омилен поет му бил големиот Тин Ујевиќ. А ова се омилените стихови на Мате, со кои ќе ја завршиме приказната за него. И стихови кои најдобро го опишуваат она што остана зад него.

„Ги преболев страстите, па и лутата омраза.
Го победив бесот на вероломството.
Простодушно му се чудам на вандализмот.
Јас станувам помлад. Свету, јас сум твое потомство!“

Извор: http://www.index.hr/

Слични содржини

Балкан / Спорт / Теорија
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја

ОкоБоли главаВицФото