20 книги кои секоја современа жена би требало повторно да ги прочита

01.08.2015 00:48
20 книги кои секоја современа жена би требало повторно да ги прочита

Колумнистот од српското онлајн списание „Elle“, Теофил Панчиќ направи еден вид ревизија на неколку значајни книжевни дела кои секоја жена која држи до себе мора (повторно) да ги прочита...

Антон Павлович Чехов: „Три сестри“ („Three sisters“)

Чехов треба да се „голта“ цел, често, но во помали дози, бидејќи неговите дела имаат лековити својства и тие се навистина голем книжевен „залак“. А Маша, Олга и Ирина венеат во својата паланка мечтаејќи за заминување во Москва. Но, овде не станува збор за Москва, туку за копнежот по ширина, слобода и незадушливиот, ослободен од стегите на општеството, женски и човечки живот.

Хенрик Ибзен: „Домот на куклата“/„Нора“ („A Doll’s House“)

Нора, заедно со уште неколку свои книжевни сестри, во XIX век ја сруши куќата на куклата на граѓанскиот брак, и оттогаш граѓанскиот брак е нешто незамисливо. Нека не ве измами сознанието дека милиони луѓе и ден-денес го живеат. Тоа не е вистина, сето тоа се само гласини.

Гистав Флобер: „Госпоѓа Бовари“ („Madame Bovary“)

„Madame Bovary, c’est moi“, со загадочен призвук велеше Флобер, реченица добро позната на сите љубители на делото на основачот на реализмот во француската литература. Но, со него или без него, Госпоѓа Бовари, иако залудена од лошата лектира, се впушти во „романтична лудост“ која го оправдува човечкото постоење. Оваа жена на почетокот е само романтична, не е ниту лоша, ниту расипана. Таа жена само не научила како да се бори со досадата. Затоа, на крајот храбро тргнува на едно патување со кочијата, патување кое сè уште трае.

Лав Николаевич Толстој: „Ана Каренина“ („Ana Karenina“)

Русинките се поинаку воспитани. Кога нешто „не е во ред“ тие мислат дека секогаш самите се виновни за тоа. Ана се фрли под возот, но пред тоа мудриот Толстој раскажа една конститутивна приказна за историјата на модерниот роман, но и за поимањето на човечката слобода и женската независност. Во ред, Ана заврши лошо, но го отвори патот...

Џејм Џојс: „Даблинци“ („Dubliners“)

„Даблинци“ на Џејмс Џојс е можеби најдобрата збирка раскази на сите времиња. Во оваа книга е поместена и една од најдобрите приказни, насловена „Мртви“. Тоа е приказна за љубовта и загубата, за нејзината невозвратеност, но и за тивката, незабележлива тага, просечноста на сè што постои и секој што доаѓа „отпосле“, за оној кој го сака другиот кој живее во сенката на тој свој „мртов“ човек. А снегот и покрај сè непрестајно паѓа врз светот и прекрива сè што е живо и мртво. И нема никогаш да престане да паѓа.

Томас Ман: „Тонио Крегер“ („Tonio Kröger“)

Тонио е заљубен уметник, осуден да биде отфрлен од обичниот живот, со целото свое битие предаден на уметноста. Меѓутоа, златокосата убавица која ја сака, ќе ѝ даде предност на „посолидната прилика“, трајно кршејќи му го срцето на напнатиот и згрчен човек кој стои помеѓу два света, од едниот отфрлен, од другиот опустошен. А кој ќе го одбие Тонио, порано или подоцна ќе ја добие „Смрт во Венеција“.

Агата Кристи: „Десетте мали црнци“ („And Then There Were None“)

Велат дека најдобро е одмаздата да се сервира ладна. Ова е книга за одмаздата препуштена на правдата, но онаму каде што таа правда никого нема да задоволи, само ќе ја зголеми количината на зло во светот. Освен тоа што е сјаен крими роман, ова е една од клучните филозофски книги на XX век. Филозофот кој нема да го разбере и прифати ова тврдење, слободно прогласете го за шарлатан.

Милан Кундера: „Неподносливата леснотија на постоењето“ („The Unberable Lightness of Being“)

Постои нешто фундаментално важно за мажот, барем за оној (средно) европскиот од XX век (ова важи и за денешните мажи). Токму тоа го потенцира и Милан Кундера, и тоа во речиси секоја негова книга. На книгава ѝ давам мала предност, можеби не толку поради неа самата, колку поради Жулиет Бинош, Лене Олин и Даниел Деј Луис кои ги играат главните улоги во филмот „Тhe Unberable Lightness of Being“ на режисерот Филип Кауфман, направен според романот на Кундера.

Харуки Мураками: „Спутник љубов“ („Sputnik Sweetheart“)

Овде не можат да не се споменат и „Норвешка шума“, IQ84…Човечките средби, особено љубовните, кај Мураками секогаш се мистични: нема поголема мистерија во космосот од нив. Кога и да успеат да се пронајдат, неретко се случува ликовите да се изгубат на најчудни начини, а подоцна читателот ги наоѓа на места и во облици кои, како и сè друго кај овој писател – како да не се од овој свет.

Франсоаз Саган: „Извесна насмевка“ („Un certain sourire“)

Ги молам за внимание оние кои сè уште ја читаат Франсоаз Саган! Оваа писателка излезе од мода, а тоа значи дека сега е вистинското време за неа. Нејзините рани романи, посебно овој, го имаат оној прекрасен и возбудлив шарм на среќниот историски момент во кој патријархатот е мртов, а политичката и родовата коректност сè уште не се родени.

Чезаре Павезе: „Ѓаволот на брдото“ („Il Diavolo Sulle Colline“)

Павеза ги сакаше комунизмот, книжевноста и жените. За среќа, не по тој редослед на важност. Да се чита Павезе во денешно време, тоа е како да слушате некоја стара, прекрасна песна на Серџо Ендригоа: ве занесува, но и ве растажува. Ви се чини дека сте го пропуштиле најдоброто време од човештвото и најголемите љубови од тоа време, кои можеле да бидат ваши.

Мирослав Крлежа: „На работ на умот“ („Na rubu pameti“)

И Крлежа ги сакал комунизмот и книжевноста, областите што одлично ги знаел. Но, кога станува збор за жените... Па, постојат различни мислења, но интересно е што неговите најмоќни женски ликови се претставени како слободни духови. А овој роман претставува ода на слободата, ослободен од сите стеги, сите маки на духот, па и ослободување на нашиот јунак од госпоѓата Агнез и нивните три ќерки, „трите глупави гуски“... И тие да ми ти биле некакви сестри... ма не, не е Москва за нив.

Ијан Расел Мекјуан: „На плажата Чезил“ („On Chesil Beach“)

Какви промени направи сексуалната револуција во нашите животи? На таа тема пишува Мекјуан во романот „На плажата Чезил“, токму зашто дејството се одвива пред појавувањето на сексуалната револуција во 1960-тите години во Велика Британија. Верувајте ми, не сакате никогаш да се вратите таму.

Мишел Уелбек: „Проширување на полето за борба“ („Extension du domaine de la lutte“)

Уелбек ги превртува нештата наопаку. Тој им дава глас на обесправените и фрустрираните, сираците од сексуалната револуција, оние кои од заводливите ветувања за неконтролирана еротска аркадија останале со празни раце. Е, токму таа празнина е главниот јунак во оваа книга, како и во повеќето негови книги. И човек треба да го сослуша, за после да не се изненадува.

Алис Мунро: „Премногу среќа“ („Too Much Happiness“)

Канадската писателка и нобеловка Алис Мунро често е споредувана со познатиот американски писател Рејмонд Карвер. Но, неретко, таа е уште помоќна, разорно прониклива раскажувачка на помалку блескави, а повеќе некако тивко кобни женски судбини, навидум удобно зачаурени во северноамериканската провинција.

Људмила Улицкаја: „Соњечка“ („Sonecka“)

Во делата на современата руска романсиерка Улицкаја се забележуваат сличности со поетиката на Мунро, само на оној застрашувачки руски начин. Немарно и истовремено величенствено. Депресија од грав и зелка, како што би рекол еден музичар.

Вирџинија Вулф: „Сопствената соба“(„A Room of One's Own“)

Овој есеј на Вулф зборува за суштински важни нешта: за моментот во кој жената престанува да биде подвижен дел од куќниот мебел. Немојте да се залажувате дека сето тоа е надминато. Има места во коишто сè уште не постои свесност за работиве.

Данило Киш : „Песочен часовник“ („Peščanik“)

Некои ќе речат дека Киш не бил некој убавец, но жените се лепеле за него. Нормално: жените знаат дека големината не е важна, при што не мислам на ништо „вулгарно“, туку на големите личности и дела, извонредни според сите критериуми. Зошто токму „Песочен часовник“, пред сите други дела? Затоа што дури после овој роман со сигурност знаете дека вашиот мајчин јазик веќе не припаѓа на групата мали јазици.

Пети Смит: „Само деца“ („Just Kids“)

Пети Смит не е битие кое му припаѓа на овој меркантилен свет , таа е вистинска поетеса, а нејзиниве записи и мемоари – понекогаш мачни – се поезија црпена од животот, и приказни за една љубов. Еднаш имав прилика да ја гледам во Нови Сад и тоа беше еден од ретките часови во мојот живот кога, како дете, без сомневање верував во Бог. Или поточно во Божица.

Камил Паља: „Сексот, уметноста и американската култура“ (Sex, Art and American Culture)

Современата жена која држи до себе сосема природно е феминистка – а што друго би можела да биде? Само што младите надежни доктринарни феминистки понекогаш страшно одат на нерви – а како поинаку би можело да биде? Камил Паља е токму таква: слободна жена, бидејќи е слободен човек.

Извор: www.elle.rs

Слика: Пабло Пикасо

ОкоБоли главаВицФото