Шпиони и пиони

03.08.2015 10:22
Шпиони и пиони

Мислам дека беше некој есенски месец минатата година кога во Македонија еден куп луѓе беа осудени за шпионажа. Таа акција предизвика потсмев кај дел од домашната експертска јавност. Еден професор од Факултетот за безбедност тогаш иронично искоментира дека толку шпиони не биле фатени и осудени за целото време на Студената војна меѓу САД и СССР, колку што „ѝ успеа“ на Македонија за еден ден.

Па потоа дојде јануари и „бомбите“ на Заев. Повторно на обвинителна клупа да дојде нова тура шпиони во ликот и делото на семејството Верушевски. Првоосомничениот Зоран, според провладините вувузели, прво беше осомничен за шпионажа плус детска порнографија (подоцна тоа дело му беше натоварено на неговиот помлад син), а кога дојде обвинителниот акт откривме дека истиот тој Верушевски се товари за неовластено прислушкување и тонско снимање, шпионажа и насилство спрема претставници од највисоки државни органи. Неговата сопруга беше обвинета за шпионажа, а други тројца (не им ги паметам имињата, иако и тие беа објавени) за неовластено прислушкување и тонско снимање, како и насилство кон претставници од највисоки државни органи.

Деновиве ја слушнавме и пресудата против Верушевски (три години затвор) за незаконско чување оружје. Тоа да ти бил некаков службен пиштол кој човекот, како поранешен припадник на МВР, не го раздолжил. А прислушувањето и неовластеното тонско снимање, а детската порнографија, а шпионажата? Во кои лавиринти се изгубија тие? Пред неколку дена дојде веста дека и неговата сопруга обвинета за шпионажа, се ослободува од домашен притвор. По некоја случајност, знам дека жената работела како банкарски чиновник и живо ме интересира што и кого таа шпионирала и на која странска непријателска служба ѝ ги доставувала исшпионираните материјали. Битно е дека биле пишувани на англиски јазик. Најшпионскиот од сите јазици.

Бидејќи во мојата „вонвременска“ земја Македонија сè е можно, а најчесто невозможното, едноставно заради проверка на сопствениот здрав разум, чувствувам обврска јавно да споделам неколку дилеми:

Прво, што тоа има да крие Македонија за да биде интерес на странски шпионски служби? Најнова генерација атомски галии, стелт технологија за наводнување палми, последен технолошки врисок на шит-лончери со далечинско управување, времеплов, телекинеза, камен на мудроста, еликсир на младоста? Кои се тие супертајни тајни со кои може да располага еден полупротекторат, во чиј главен град канцеларии за врски имаат ЕУ, НАТО, ММФ, ОБСЕ и еден куп разузнувачки служби? Јас знам само за една, а тоа е Владата. Всушност, тоа и не е некоја тајна, затоа што „бомбите“ на Заев само ги потврдија сомневањата, односно ја демистифицираа нејзината мистерија. Олицетворена во една голема мизерија, наречена злоупотреба на државната фукција и народните пари.

Оттука произлегува и мојата втора дилема – дали „шпионите“ се всушност, луѓето кои ги откриле, или на некој начин придонеле да се открие таквата мистерија/мизерија? И од каде произлегува таа чудна врска меѓу кривичните дела „шпионажа“ и „насилство спрема претставници од највисоките државни органи“, освен ако се смета дека откривањето на криминалот на власта претставува шпионажа? Од кога и каде тоа ако премиерот биде фатен во лага или во криминал, претставува шпионажа?

Сепак, најмногу ми тежи следнава дилема – кој го нарачал прислушувањето? Странски служби? Дефинитивно не се, така барем се изјасни Груевски. Опозицијата? Дефинитивно не е, зашто таквата теорија е скроз наскроз луда. Иако, провладините трубадури во еден период и оваа теза ја подметнуваа низ јавноста.

Кој?

Ова е првото прашање на кое би сакала да ми одговори идниот специјален обвинител, доколку го биде. Имам право да знам кој е тој болен ум што ја следел комуникацијата на повеќе од дваесет илјади граѓани.

П.С. Имам уште една дилема, која е малку надвор од темава, ама морам да ја споделам - кој е поопасен за мојата земја: шпионите или пионите? Првите ги испозатворивме, а шу прајме со фториве?

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Александар Јосифовски

ОкоБоли главаВицФото