Лав

03.08.2015 10:59
Лав

Лавот е една од петте големи мачки, од родот пантери (Panthera leo), односно од семејството felidae (felis leo). После тигарот, тоа е втората најголема мачка во природата. Лавот е африканска ѕверка, што ќе рече дека речиси исклучиво егзистира во Африка, и тоа во супсахарскиот дел, а го има и во Азија, поточно во некои резервати во Индија. И, да, го има по зоолошките градини ширум светот. И, секако, на скоските улици во форма на статуи.

Поставена е статуа на уште еден лав пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, односно на просторот зад некогашната стоковна куќа „Скопјанка“ (Беко), а сегашна „Плаза“, амбициозно наречен „плоштад ВМРО“. Иако во последните десетина години скопската географија е сосема изместена, мислиме дека не нè лаже помнењето дека во непосредна близина на сегашниот лав на ВМРО се наоѓаше дуќанот на славниот бербер Боге (подоцна префрлен во кулите во Градскиот ѕид) и – грчкиот конзулат.

Лавот, освен што е африканска дива мачка, е и хороскопски сончев знак. Тој е петтиот зодијачки знак, веднаш по него е Девица (хороскопскиот знак на премиерот Никола Груевски), а му претходи на Стрелец. ВМРО-ДПМНЕ го слави својот роденден на 17 јуни, што значи дека според хороскопот партијата е Близнаци. А и она „историското“ ВМРО, без оглед дали 23 октомври го сметате по стар или по нов стил, нема врска со хороскопскиот знак Лав. Единствено може да се поврзе со сегашната партија на власт, која иако е формирана, како што рековме на 17 јуни 1990 година, регистрирана е како правно лице на 5 август истата година, што секако е лавовскиот хороскопски знак. Лав е и лично машко име (барем во транскрипција на повеќето словенски народи). Има повеќе папи со тоа име, но тоа име го носат и Толстој и Троцки, на пример, како и синот на Љубчо Георгиевски, првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашен лидер на ВМРО-НП.

Лавот, секако, е и важен хералдички знак (не споменичен). Впрочем, повеќето светски грбови што користат животни ги имаат лавот или орелот како свои симболи. Кога сме веќе кај хералдиката, помнам една апокрифна легенда која е посредно врзана со владејачката партија, а непосредно со нашиот голем дизајнер Лазо Димитриевиќ. Кога „Македонија табак“ (или беше „Југотутун“, не можам со сигурност да тврдам) решава да стартува со новата амбициозна цигара „Партнер“, Лазо Димитриевиќ го прави дизајнот на кутијата и тоа е првата македонска цигара (веројатно и југословенска) што има свој грб. На грбот фигурираат два лава што држат штит. Меѓутоа дизајнот, заедно со грбот завршува во Це-Ка, каде што е одбиен под образложение дека е пробугарски. Димитриевиќ е доволно нервозен, но и храбар, да не кажеме луд, што лавовите ги претвора во коњи. Само за да докаже какви „коњи“ му го оценувале трудот. Грбот оди повторно на оценување во Це-Ка и – прифатен е едногласно. И тоа е веројатно единствениот грб во историјата на светската хералдика каде што два коња го држат централниот штит. Кога доаѓа ВМРО-ДПМНЕ на власт во 1998 година, една од првите одлуки (освен укинувањето на „Филтер Југославија“) беше и промената на грбот, меѓутоа – половична. Имено, едниот коњ е претворен во лав, а другиот си останува – коњ. Е, сега, тоа е, не веројатно, тугу сигурно единствен пример во светот каде што грбот го држат лав и коњ! Не знам што се случува со грбот откога Тутунскиот комбинат од Прилеп беше продаден на „Филип Морис“, ама со сигурност уште егзистира на „Филтер Ориентал“ (некогашната „Филтер Југославија“) и на „Бонд“.

Инаку, освен лавот на ВМРО-ДПМНЕ деновиве на светско ниво беше актуелен и лавот Сесил, заштитниот знак на Зимбабве, кој беше убиен на почетокот на минатиот месец. Сесил, инаку е крстен по Британецот Сесил Родес (Cecil Rhodes), по кого, инаку, освен јужноафриканскиот Родес Универзитет и Родесовата стипендија на Оксфорд, е крстена и Јужна Родезија, се разбира денешен Зимбабве. За разлика од убиството на лавот Сесил, раѓањето на лавот пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ не предизвика речиси никакви реакции, ни позитивни, ни негативни.

Зборот „лав“ е дојден од старословенскиот lьvъ, кој пак доаѓа од индоевропското *lewo-. Оттаму на латински е leo, a na грчки lis.

Премиерот Груевски за Илинден рече дека со спомениците им се оддолжуваме на илинденците, но не е најјасно кому се оддолжуваме со спомениците на лавовите. Можеби на сите оние што пцовисаа во овдешната зоолошка градина.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото