Флуидноста на еротските идентитети

04.08.2015 10:07
Флуидноста на еротските идентитети

Франсоа Озон е еден од најистакнатите француски режисери во последните петнаесетина години, а критичарот што го потпишува овој текст мора да каже дека не му е најјасно зошто е така. Од перспективата на овој критичар, Озон е автор кој во повеќето филмови се огледал во темите и постапките кои другите пред него, или паралелно со него, ги обработиле, односно искористиле значително поинтересно, или од друга страна, филмски ретко се занимавал со користени мотиви, но квалитативно не достигнувал подалеку од солидност. Неговиот последен филм, „Новата пријателка“, снимен според роман на мајсторката за наративно и психолошки амбициозни крими-приказни, Рут Рендел, посегнува по ретката тематика на односите на хетеросексуална жена и хетеросексуален маж трансвестит, при што жената не е сосема хетеро, ниту мажот е сосема лишен од хомо склоностите.

Имено, таа била многу билска со неговата покојна сопруга и во еден момент сонува дека води љубов со неа, а ни интересот кој една лезбејка го покажува за неа на квир забавата не ѝ е нималку неудобен; тој, пак, не само што обожува да носи женска облека, перики и да се шминка, туку и тоа како му одговара кога во мрачната кино сала раката на непознат маж ќе се најде на неговото бедро. Сепак, пред сè, еротски него не го интересира таа, додека таа го прифаќа него и пријателски и еротски како жена, но има голем проблем да го прифати во еротска смисла како маж, можеби и заради тоа што е мажена за друг (патем, двајцата главни мажи во својот живот, во една прилика ги замислува во сексуална прегратка под туш).

Очигледно, „Новата пријателка“ е филм во кој Озон посегнува по мотивите за кои негува постојан интерес: мешање на реалноста и фикцијата/илузијата/сонот, и квировски нестабилниот еротизам односно сексуалност. Жанровски ги меша во спој од драма, трилер и комедија, што исто така е веќе видено во неговиот опус, но, за жал веќе е видено и тоа во неговата изведба на драмата да недостасува интензитет, во трилерот посилна и пофина напнатост, а во комедијата поголема духовитост. Како и претходното остварување на авторот, „Во куќата“, и ова новото е премногу рамно и тенко, но, за среќа сепак нешто порелјефно и барем на моменти, додуша многу ретко, содржи клици на посебност, не само на хартија туку и на платно.

Најсветлата точка во филмот секако е Анаис Демустие во улогата на млада жена која по смртта на саканата пријателка открива дека покојниот сопруг е трансвестит, но и дека тоа на некој начин силно ја привлекува. Глумицата, која кај нас претходно можевме да ја видиме во филмовите „Stranger“ на Малгожата Шумовска (со Жилиет Бинож) и „Снеговите на Килиманџаро“ на Роберт Гедугиен, извонредно го толкува ликот кој на прв поглед е само симпатичен sidekick на харизматичната пријателка, но кога добива самостоен простор, се открива дека станува збор и за телесно и за душевно интересна личност. Демустие е убедлива и во драмската и во хумористичната и во еротската компонента од својата улога, и по којзнае кој пат докажува дека француската кинематиграфија е неисцрпен извор на интригантни актерки и според формата и според содржината. Роме Дури (силно се афирмираше во 2005 година со главната улога во филмот „Отчукувањето кое го прескокна моето срце“ на овогодинешниот добитник на Златна пална, Жак Одиар) е добар во улогата трансвестит кој ја искажува и таканаречената машка и таканаречената женска страна на својата личност, меѓутоа, неговата изведба, секако благодарение и на Озон како орежисер, е цврсто во рамките на конвенционалното сфаќање на таквиот лик.

„Новата пријателка“ е потенцијално интригантна приказна чиј главен интерес, судејќи според сè, е покажувањето на флуидноста и сложеноста на индивидуалните еротски идентитети, чувства и односи. Меѓутоа, потенцијалите не се искористени особено стимулирачки, бидејќи Франсоа Озон не е автор со капацитетот на еден Алмодовар или Линч, кои од истата појдовна точка би стигнале неспоредливо подалеку.

Извор: http://www.portalnovosti.com