Книгава не е гласноговорник на женската еманципација (Златната бележница 1)

10.08.2015 09:27
Книгава не е гласноговорник на женската еманципација (Златната бележница 1)

Ете, во тоа е работата!

Госпоѓата Маркс ми рече: „Еднаш цели три години лекував од фригидност една жена. Живееше со маж што го сака. Но ниеднаш за тие три години не доживеала оргазам. На денот на венчавката, го доживеала прв пат.“ Потоа кимна со главата, нагласено, како да сака да каже: Ете, во тоа е работата! Се насмеав и реков: „Госпоѓо Маркс, дали разбирате дека сте стожер на реакционерноста?“ Таа возврати низ смеа: „Што значи тој збор, драга моја?“ „Мене тој многу ми значи“, реков. „А сепак, кога љубовникот рекол дека нема да се омажи со вас, следната ноќ сте биле фригидна.“ „Но тој тоа го зборувал и пред тоа, или премолчано го подразбирал, па сепак не сум била фригидна.“ Бев свесна за својата неискреност, па додадов: „Но, да, моето однесување во кревет зависи од тоа како тој ме прима.“ „Се разбира, вие сте стварна жена, од крв и месо.“ Таа го употреби зборот жена онака како што би рекол еден уметник, вистински уметник. Како нешто апсолутно. Почнав беспомошно да се смеам, а по неколку мига и таа се насмеа. Потоа ме запраша зошто се смеам и јас ѝ објаснив. Таа токму се спремала да го употреби зборот уметност, кој ни таа ни јас не го спомнавме откако престанав да сонувам. Но наместо тоа рече: „Зошто никогаш не ми зборувате за политиката?“

Размислив и реков: „За Комунистичката партија? Се нишам меѓу стравот и омразата, од една страна, и очајничкото прифаќање на партијата, од друга. И тоа поради потребата да се заштитам, да се грижам за неа ‒ дали ме разбирате?“

Чесноста е оргазмот

Ела мислеше: Да сум со Пол, до сега веќе ќе свршев ‒ што не чини? Не е доволно да речам дека не го сакам човеков. Одеднаш ѝ стана јасно дека со него никогаш не би свршила. Помисли: За жени како мене, чесноста не е сексуалната чистота, не е верноста, ниеден од старите зборови. Чесноста е оргазмот. Тоа е нешто над што немам контрола. Никогаш со човеков не би доживеала оргазам. Би можела да му пружам задоволство и тоа е сè. Но зошто? Дали јас во мигов велам дека можам да свршам само со човек што го сакам? На каква пустина сум осудена ако тоа е вистина?

„Јас тоа секогаш го мразев!“

„И помислив ‒ Ана, би сакала да умеам тоа да го објаснам. Беше стварно откровение. Си помислив: Во брак сме веќе со години и сето тоа време јас... како да ме обвиткувал од сите страни. Но такви се жените, зарем не? За ништо друго не размислував. Со години од ноќ во ноќ плачев пред да заспијам. И правев сцени, бев глупа и несреќна... Но поради што, се прашувам? Сериозно ти велам, Ана.“ Ана се насмеа, а Мерион продолжи: „Бидејќи тој е еден обичен гад, зарем не? Не е дури ни згоден. Па ни нешто посебно интелигентен ‒ баш ми е гајле што е еден од главните играчи во индустријата. Разбираш што сакам да речам?“ „Добро, и што?“ „Помислив, о боже, поради таква креатура себе си го упропастив животот. Точно се сеќавам на тој момент. Седев на појадок, во неглижето што го бев купила зашто нему му се допаѓаше да бидам во тоа, знаеш, со чипки и цветчиња, подобро речено, некогаш во тоа му се свиѓав. Но јас тоа секогаш го мразев. Па си помислив, со години носам облека што ја мразам само за да ѝ се допаднам на таа креатура.“

Жените ја имаат таа длабока инстинктивна потреба од човека да направат маж

Сега ме плаши нешто друго ‒ зошто продолжив со него? Не беше тоа себеласкање, како јас да можам да го излечам овој маж. Никако не. Бидејќи го знам тоа, имам запознаено премногу сексуални инвалиди. Не стануваше збор ни за сожалување. Иако делумно го имаше и тоа. Постојано се чудам, како кај себе, така и кај други жени, колку е снажна нашата потреба да им помагаме на мажите. Што е иронија, бидејќи живееме во доба кога мажите нè критикуваат дека ги „кастрираме“, итн., со сите други зборови и изрази од тој тип. (Нелсон вели дека сопругата го „кастрира“, и тоа ме лути, бидејќи помислувам на целиот јад низ кој таа морала да помине.) Вистина е, жените ја имаат таа длабока инстинктивна потреба од човека да направат маж. Моли е, да речеме, таква. Веројатно затоа што прави мажи има сè помалку и тоа нè плаши, па се обидуваме да ги создадеме.

Романов не е гласноговорник на женската еманципација

Романов не е гласноговорник на женската еманципација. Во него се опишани различните женски емоции на агресивност, непријателство, огорченост. Романов сите нив ги става на хартија. А тоа што многу жени го мислеле, чувствувале, доживувале, се покажа како големо изненадување. Некои наеднаш ги фатија главно старите оружја, од кои, како обично, главни беа забелешките од овој тип: „Таа е неженствена“, „Таа ги мрази мажите“. Изгледа дека тој рефлекс е неуништив. Мажите, заедно со многу жени, тврдат дека сифражетките се дефеминизирани, дека се машкоданки и сурови. Не можам да се сетам дека кога било сум читала за општества во кои жените барале повеќе од она што со природата им е дадено, а да не била опишана слична реакција на мажите ‒ и на одредени жени. Многу жени се разлутија кога ја прочитаа Златната бележница. Последна работа која жените гласно би ја рекле е она што една жена ѝ го упатува на друга, она што го мрморат и кукаат по кујните, за што трачарат, она што го објаснуваат во својот излив на мазохизам ‒ за сето тоа случајно да не го слушне некој маж. Жените се толкави кукавици бидејќи долго време биле во некаков вид ропство. Сеуште има малку жени спремни цврсто да застанат зад она што стварно го мислат, чувствуваат, доживуваат со човекот што го сакаат. Повеќето жени како кучиња ќе ја подвиткаат опашката кога мажот ќе рече: не си женствена, агресивна си, ме понижуваш како маж. Верувам дека секоја жена, која ќе се омажи или која сериозно го сфаќа мажот што се служи со вакви закани, го заслужува сето она што ѝ се случува. Бидејќи таквиот маж е силеџија, не знае ништо за светот во кој живее, ниту за неговата историја ‒ мажите и жените во минатото играле безбројни улоги, и тоа сеуште го прават, во различни општества. Таквиот маж е незнајко, или се плаши да не исчекори од утабаната патека ‒ со еден збор, кукавица... Сите овие согледувања ги напишав со точно истото чувство како кога во дамнешното минато пишував едно писмо: Сигурна сум дека сè што денес се зема како засекогаш дадено веќе во следната деценија ќе биде збришано.

Од предговорот кон новото издание на книгата, јуни 1971.

Сеуште не сме направиле образовен систем кој не би бил систем на индоктринација

Децата ги учат да им се потчинуваат на авторитетите, други луѓе да прашуваат за мислења и решенија, да ги усвојуваат и да бидат под нивно владеење. Како во политичката сфера, детето се учи дека е слободно, дека демократски ги изразува слободната волја и мислење, дека живее во слободна земја, дека носи сопствени одлуки. Во исто време, тоа е заробеник на претпоставките и догмите на своето време, кои тоа не ги доведува во прашање, оти никогаш не му кажуваат дека тие постојат. Во време кога младиот човек доаѓа во годините да избира помеѓу уметноста и науката (сеуште премолчано се подразбира дека тој избор е неизбежен), тој често ја избира уметноста бидејќи чувствува дека тука постојат хуманоста, слободата, изборот. Но тој не знае дека него системот веќе го обликувал ‒ не знае дека самиот избор е резултат на лажната дихотомија вкоренета во срцето на нашата култура. Оние кои ова го чувствуваат, кои веќе не сакаат да бидат изложени на тоа обликување, имаат склоност да заминуваат, полусвесно, инстинктивно да бараат работа при која нема да бидат поделени едни против други. Во сите наши институции, од полицијата до универзитетот, од медицината до политиката, малку внимание им се обрнува на оние што заминуваат ‒ тој процес на елиминација се одвива цело време и мошне рано се исклучуваат оние кои би биле оригинални реформисти, оставајќи ги на сцената луѓето што ги преферираат постојните работи. Младиот полицаец заминува од служба оти не го сака она што мора да го работи. Младата учителка заминува од училиште, нејзиниот идеализам наидува на затворена врата. Овој општествен механизам тече речиси незабележливо ‒ но е доволно моќен нашите институции да ги направи крути и репресивни.

(...) Можно е дека не постои поинаков начин луѓето да се образуваат. Можно е, но јас не верувам во тоа. Во меѓувреме, корисно би било барем работите да ги наречеме со вистинските имиња. Идеално би било на секое дете непрестајно да му се зборува, во текот на неговото школување, следново:

„Се наоѓаш во процес на индоктринација. Сеуште не сме направиле образовен систем кој не би бил систем на индоктринација. Жал ми е, но ова е најмногу што можеме. Она на што овде те учиме е амалгам од современите предрасуди и избори во нашата култура. И најпривилегираниот поглед кон историјата ќе покаже дека ваквата состојба не трае вечно. Тебе те учат луѓе прилагодени кон режимот на мисли кому темелите ги удриле нивните претходници. Тоа е систем кој самиот се продолжува. Тие меѓу вас, кои се најотпорни и најиндивидуални, ќе бидат замолени да го напуштат системот и да најдат начин самите да си се образуваат ‒ да го образуваат сопственото просудување. Оние кои ќе останат, за сите времиња мораат да запомнат дека се во процесот на обликување со цел да им се излезе на тесните и конкретни потреби на општеството.“

Од предговорот кон новото издание на книгата, јуни 1971.

За Дорис Лесинг

Дорис Лесинг спаѓа меѓу најзначајните британски писател(к)и во 20 век; добитничка е на Нобеловата награда за книжевност во 2007 година; како што се вели во соопштението на Нобеловиот комитет, таа е „писателка со епска наративна дарба втемелена во женското искуство, писателка коај со скептицизам, страст и виозионерска снага ја посматра цивилизацијата“.

Во своите книги таа ги опфати најбитните општествени проблеми на 20 век ‒ од расизмот до феминизмот, сè до улогата на семејството и на интимните конфликти меѓу поединците во современите општества.

Уметничкото творештво за неа беше стратегија за преиспитување на стереотипите и табуата, на политичкиот ангажман и на менталното здравје.

Родена е на 22.10.1919. година во Керманшах во Персија (денешен Иран). Починала 2013 година во Лондон. Набрзо по раѓањето семејството ѝ се преселило во Јужна Родезија (денешен Зимбабве), каде што таа го поминува детството и се школува во верско училиште, кое го напушта на петнаесет години. Се издржувала со чување деца и со работа во телефонска централа. Уште од мала била поинаква од другите деца; себеси од тој период се опишува како „дете контраш“ кое најчесто велело „„Не сакам!“

Двата брака, трите деца, двата развода ‒ го обележале нејзиниот семеен живот. Кога се придружила кон Комунистичката партија (прво во Јужна Родезија, потоа во Британија), се омажила за германскиот политички активист Готфрид Лесинг, кој подоцна станал амбасадор во Уганда. После вториот развод се преселила во Лондон, 1949 година, и работела неколку години како секретарка. По успехот на првите две книги професионално му се посветила на пишувањето.

Во книжевноста дебитирала со романот Тревата пее (The Grass Is Singing) од 1950 година. Потоа следи низата делумно автобиографски романи Деца на насилството (1959‒1969), настанати како резултат на нејзиното отфрлање на традиционалната улога на жената во општеството и на флертувањето со комунистичкото движење.

Со објавувањето на романот Златната бележница (The Golden Notebook, 1962), Лесинг се здобила со светска слава, а критичарите почнале да ја сметаат за водечка писателка која ја напишала „Феминистичката Библија“. Романот го следи животот на писателката Ана Вулф, растргната помеѓу различните улоги кои ги има како сопруга, љубовница, писателка и политичка активистка. Дневниците коишто ги води во тетратки со различна боја одговараат на различните делови на нејзината личност. Дури откако ќе доживее нервен слом и своевидна дезинтеграција, ќе биде способна да ја открие новата „целовитост“ за која пишува во последната тетратка.

Десет години по објавувањето на книгава, Лесинг го објавила и брилијантниот предговор кој не се занимава само со структурата на книгата, со нејзините социјални, феминистички и политички аспекти, туку и со смислата на нејзината рецепција, како и со смислата на рецепцијата на самата книжевност.

„Нејзиното најголемо дело не испраќа проста политичка порака; тоа ги кине маските што жените навикнале да ги носат, укажува на опасностите и проблемите со кои жените се соочуваат кога решаваат да водат послободен живот“, напишала Наташа Волтер.

„Во почетокот на шеесеттите години овој обемен и искрен роман со мошне сложена структура придонесе британската проза да ја задржи репутацијата на смела, амбициозна и експериментална книжевност. Книгава е опојна мешавина од времињата кога и романите и политичките извесности започнаа да се тенчат и да исчезнуваат“, напишал Малколм Бредбери.

На Окно, во седум продолженија, ќе објавиме избрани фрагменти од таа култна феминистичка книга која истовремено спаѓа меѓу најзначајните романи на 20 век. Кога би имале поразумни образовни власти, не само во нашата држава туку и пошироко, Златната бележница би требало да биде задолжителна лектира, особено на факултетите...

(Продолжува)

Фотографии: Nan Goldin (шест автопортрети, 1980-2002)
Избор и превод: П. В.