Груевски видел празен тревник и побарал веднаш да се пополни со барокна зграда

12.08.2015 12:50
Груевски видел празен тревник и побарал веднаш да се пополни со барокна зграда

Скопје, 12 август 2015

Премиерот Никола Груевски денеска, при враќањето од свеченото пуштање селска чешма во едно скопско приградско село, каде што пресекол лента, забележал дека на еден дел во скопската населба Центар имало празен тревник и побарал од своите министри веднаш да се зафатат со негово пополнување. Оваа информација ја објавија од неговиот кабинет, пишувајќи за денешното официјално пуштање во употреба на селската чешма во село Вмровјани, скопско, вредна десет милиони евра. 

„Тоа што го ветивме пред изборите, тоа и го остваруваме. Ние сме Влада која држи до дадениот збор. Ако ветиме дека ќе ви изградиме чешми од десетици милиони евра, така и ќе сториме. Така беше во минатото, така ќе биде и во иднина, барем додека сме на власт“, изјавил Груевски при пуштањето на чешмата која во овој дел од годината, поради високите температури и намалениот водостој во реките, е секната.

Пара вести дознаваат дека премиерот изминатиов период бил доста зафатен. Покрај селска чешма, пуштил во употреба триаголен кружен тек, фабрика за производство на ветер и магла, удрил темели на нови темели и најавил нови проекти, меѓу кои и лансирна рампа за вселенски истражувања.


„Празниот тревник во најкус можен рок ќе се пополни со зграда во стилот ’барок’, а нејзината намена допрва ќе се утврдува“, велат од неколкуте министерства кај кои се обративме со прашањето за што ќе служи оваа најнова градба. „Целиот проект ќе чини сто милиони евра, додека внатрешното уредување ќе чини дополнителни сто милиони евра“, велат од Министерството за култура и внатрешно уредување.

Од извори блиски до власта Пара вести дознаваат дека зградата нема да служи за ништо, а нејзината изградба ќе биде само со цел да се пополни празниот „комуњарски“ тревник.

Текстот е инспириран од оваа вест.