Книжевноста е анализа после настанот (Златната бележница 3)

13.08.2015 11:59
Книжевноста е анализа после настанот (Златната бележница 3)

„Дури се чинеше дека таа чувствува некоја возбуда и задоволство во тоа гадење спрема него“

За Џорџ се беше омажила речиси истошена, бидејќи цела година насилно ѝ се додворуваше. Таа знаеше дека не смее да се омажи за него. Но, се омажи, немаше сила тоа да го прекине. После венчавката набрзо осети кон него сексуална одбивност, и тоа чувство не можеше ни да го задуши ни да го прикрие. А неговиот копнеж со тоа само беше дуплиран, што уште повеќе ја зголеми нејзината одбивност ‒ дури се чинеше дека таа чувствува некоја возбуда и задоволство во тоа гадење спрема него. Очигледно дека се наоѓаа во безнадежен психолошки теснец. Потоа тој, за да ја повреди, спиеше со некоја друга жена и тоа ѝ го раскажа на Ела. Така таа со задоцнување собра храброст да раскине; во очајание, сосема нечесно, таа се потпре на фактот дека тој нејзе ја изневерил. Тоа не се согласуваше со нејзините морални начела и тој факт дека се служи со конвенционални аргументи ‒ бескрајно повторувајќи дека тоа го прави бидејќи била кукавица, па сега подло го искористува неговото неверство ‒ доведе до тоа таа да почне да се презира себеси. Последните неколку недели со Џорџ беа исполнети со ноќната мора на самопонижувањето и хистеријата, сè додека конечно не ја напушти неговата куќа, за да стави точка на ситуацијата и да се оддалечи од човекот што ја гушеше, ограничуваше, кој очигледно ѝ ја беше земал секоја волја. После тоа тој се ожени со жената со која се беше послужил за пак да ја придобие Ела. На големо олеснување на Ела.

„Нашите тела се разбираат“

Сфати дека Пол нешто рече за својата жена. Неколку моменти ѝ требаа за тоа да ѝ дојде до мозокот. Рече дека има две деца. Осети шок, но не дозволи во тој миг да ѝ се разниша довербата. Начинот на којшто тој зборуваше за жената, набрзина и раздразливо, на Ела ѝ зборуваше дека не ја сака. Самата почна да се служи со зборот „сакање“ и тоа со наивност сосема туѓа за начинот на којшто таа обично ги анализира односите. Дури и замислуваше дека сигурно е разделен од жената, кога толку немарно може да зборува за неа.

Видеше љубов со неа. Ела мислеше: Има право, ова е вистинскиот момент, овде, каде што е толку убаво. Но телото ѝ чуваше премногу спомени на сопругот, за да се опушти. Но, наскоро таа се предаде, со доверба, бидејќи телата им се разбраа. (Дури подоцна таа ќе се послужи со реченицата „нашите тела се разбираат“. Во тоа време мислеше: Ние се разбираме.)

„И сега немам поим што сум одлучила“

Ела не се ни помрдна. Размислуваше: Ако одам, ќе морам да го испеглам тоа што ќе го носам. Малку фалеше да стане и да ја прегледа облеката, но се намурти и помисли: Ако размислувам што ќе облечам, дали тоа значи дека навистина сакам да отидам? Како е тоа чудно. Да речеме дека стварно сакам да одам. Јас тоа, впрочем, постојано го правам ‒ најпрвин велам дека не сакам, а потоа го менувам мислењето. Работата е во тоа што, веројатно, веќе сум ја донела одлуката. Но која. Јас лесно не го менувам мислењето. И одеднаш се затекнувам себе како го правам она за што реков дека нема да го правам. Да. И сега немам поим што сум одлучила.

Емоционален вакуум

Ела се најде во канџите на чувство за коешто, кога поблиску го истражи, се покажа дека е осаменост. Како помеѓу неа и групата луѓе да се наоѓаше простор со студен воздух, емоционален вакуум. Чувствуваше физичко студенило, физичка изолираност.

Книжевноста е анализа после настанот

Проблемот со приказнава е што е напишана како анализа на законот на распаѓање на врската помеѓу Пол и Ела. Не гледам друг начин тоа да се напише. Штом некој нешто ќе проживее, запаѓа во шаблон. А шаблонот на една врска, дури и кога траела пет години и била присна како брак, се посматра низ нејзиниот завршеток. Поради тоа сево ова е невистинито. Бидејќи додека некој нешто проживува, воопшто не размислува на овој начин.

Кога, да речеме, би напишала вака: земам два полни дена, на почетокот и крајот на врската, и ги опишувам до самите детали. Не, пак инстинктивно би ги раздвојувала и нагласувала чинителите кои ја разурнале врската. Тоа на целата работа би ѝ дало форма. Инаку би настанал хаос, оти тие два дена, со месеци размак во времето, би биле без сенката што се надвила над нив; би биле само белешка за едноставната среќа без размислување, можеби со по некој момент на напнатост ‒ кој, заправо, би бил одраз на сè поблискиот крај, но во тоа време тоа така не би се чинело ‒ кој би потонал во среќа.

Книжевноста е анализа после настанот.

Формата на оној втор дел, за она што се случи во Машопи, е носталгија. Во делот за Пол и Ела нема носталгија, формата е некаков вид бол.

За да се покаже како жената го сака мажот, треба да се прикаже како му спрема ручек или отвора шише вино, чекајќи тој да заѕвони на вратата. Или како таа наутро се буди пред него, за на лицето да му ја види промената од мирен сон до насмеан поздрав. Да. И тоа да се повтори илјада пати. Но тоа не е книжевност. Можеби е тоа подобро на филм. Да, животот е физички квалитет на животот, а не накнадна анализа, или момент на неслога или претчувство. Сцена во филм: Ела полека лупи портокал, му ги пружа на Пол кришките, кои тој ги зема, една по една, замислено, намуртено ‒ тој мисли на нешто друго.

„Ќе водам дневник“

(Потоа Ана напиша:)

Се качив на катот по караницата меѓу Томи и Моли и веднаш тоа почнав да го претворам во приказна. Помислив дека мојата постапка ‒ претворањето на сè во проза ‒ мора да е некаков вид избегнување. Зошто просто не би го запишала сето она што се случило меѓу Моли и нејзиниот син? Зошто никогаш едноставно не го запишувам она што се случило? Зошто не водам дневник? Тоа мое преиначување на сè во книжевност очигледно претставува средство со помош на кое нешто кријам од себе. Денес тоа беше сосема јасно: седев и ги слушав Моли и Томи како водат војна, и тоа мошне ме вознемири; тргнав право на катот и почнав да пишувам приказна, иако тоа не го планирав. Ќе водам дневник.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Фотографии: Nan Goldin
Избор и превод: П. В.