Началникот напишал, ама не потпишал

14.08.2015 15:37
Началникот напишал, ама не потпишал

Погромашот со тапија Драган Павловиќ Латас има обичај да не ги потпишува гнасотиите што ги објавува во „Вечер“, секогаш со најави на насловната страница кои имаат претензија да бидат бомбастични. Така на 18.12.2009 година, насловната страница на весничето кое некогаш беше весник, погромашот ја „украси“ со трдулавиот наслов: Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог(!). Непотпишаниот текст беше просто клеветење на 14 македонски граѓани дека биле „новинари платени од фондацијата Сорос да шират пропаганда за полесно прифаќање на грчките предлози за промена на името“.

Првата лага на погромашот беше само делумна лага, меѓу 14-те граѓани имаше и такви кои беа новинари. Затоа, пак, комплетни лаги беа тврдењата дека биле платени од фондацијата Сорос и дека ширеле пропаганда. Двете комплетни лаги беа поткрепени со подметнувањето дека новинарите вршеле притисок врз владата „за одреден хонорар, односно големи пари“. Стилот на авторот беше препознатлив, но текстот не беше потпишан, па 14-те граѓани, согласно законот, поднесоа тужба против главниот и одговорен уредник.

И што направи Латас, тогашниот главен и одговорен уредник? Почна да бега и да се крие. Потоа на судот му приложи пусулче дека на 18.12.2009 година не бил во Скопје, а потоа го подметна кутриот директор на весничето, домазетот на Бојо Андрески, да признае дека тој дозволил да биде објавена клеветата која, наводно, му била подметната. Од кого? Заборавил! Зошто домазетот призна? Го притиснале или го наградиле? Не знам, а и не е важно. Важно е тоа дека судовите по правило го штитеа Латас и пресудуваа во негова корист, и кога беше тужен и кога беше тужител.

Мојата тужба против погромашот за лагата дека сум примил хонорар за моето учество во првиот од „Дијалозите за Македонија“ во организација на Претседателот Црвенковски долго се влечкаше по судовите. Латас постојано беше на „службен пат“, а Кабинетот на Претседателот Иванов одолговлекуваше да го извести судот дека не ми бил исплатен никаков хонорар.

Нејсе. Тонските записи, односно „бомбите“ на Заев го потврдија она што не беше тајна. Се покажа дека погромашот бил, што би рекол Крлежа, интимус на шефот на УБК. Или според црногорското: „Ја теби сердаре, ти мени војводо...“: Латас на Мијалков со „Директоре“ , Мијалков на Латас со „Началниче“, за да завршат со тоа дека се „бисери позлатени“. Нарциси. Јасно ми е со што директорува Мијалков, но не ми е јасно со што началствува Латас. Каде ли таласа Латас? На Вардар? Затоа ли министерката Јанкуловска експресно му ја издаде потврдата за невиност, и покрај тоа што Протуѓер смета дека Латас работи за српски служби? Како и да е, времето веќе не работи за Латас. Кај и да е, Љубе Бошковски ќе излезе на слобода и тогаш работите ќе се разјаснат, сметките ќе се израмнат и долговите ќе се наплатат.

И му вели Латас на Мијалков: „Види да ти кажам, јас и ти, пошто сме скопски деца, да збориме по телефон. Кур ме боли дали нѐ слушаат Шиптари или Американци“. – „Тачно, нѐ боли кур, што ти е тебе?“, му вели Мијалков на Латас. – „Значи, секој од нас има привилегии од оваа влада и мене не ми е срам тоа да го признам. И за тие привилегии сакам да испоручам услуга“, ја нуди својата верност Латас. Односно, ја нуди телевизијата Сител, а Мијалков го потсетува дека Сител има поддршка од два милиона евра годишно! Колкава поддршка има(л) „Вечер“ не знам, како што не знам колкав дел од поддршката за двата медиума завршил во џебот на Латас, испорачувачот на услуги. А Латас ѝ ги испорачува своите услуги не само на актуелната власт, туку им испорачуваше и на сите гарнитури кои беа на власт во Македонија.

Латас просто го следи примерот на својот газда Ѕинго, кој е со власта и во власта од Лазо до Грујо. Какви ли услуги му понудиле Ѕинго и Латас на Милошевиќ кога му отидоа на поклонение? Кому му испоручил услуга Латас кога го поттикнувал палењето на американската амбасада? Ќе покаже времето, а времето веќе не работи за Латас. Какви услуги им испоручује Латас на моќниците? Бербатење на опонентите на власта, понижување на некогашните „браќа“ кои пред камерите ќе бидат прикажани како „сестри“, односно отстрел на сите кои ја „нервираат“ и ја загрозуваат власта. А ако, згора на тоа, го нервираат и Латас, тешко ним. Тоа го видовме при отстрелот на Велија и телевизијата А1. Гледаноста на А1, особено на нејзините вести, им беше трн во очите и на власта и на Латас. Латас испорачува потерници, списоци на „непријатели на народот“, „грчки платеници“, „соросоиди“, „шиптарољупци“, „педери“... Долга е листата на услуги што ги нуди погромашот.

Но, Латас не е само погромаш, тој е и лакеј кој не се срами насловната страница на весничето од 19.08.2015 година да ја „украси“ со насловот: Оваа власт се грижи за сите. И пак да не го потпише текстот во кој насловот од насловната страница е наднаслов на текстот „43 семејства добија социјални станови“, со кој треба да се поткрепи насловот „Оваа власт се грижи за сите“. Со овој наслов „Вечер“ под команда на Латас ја надмина и лакировката што ја испорачувала „Правда“ во годините кога ја командувала челичната рака на Сталин.

Во дното од истата насловна страница е сместен насловот: Од ВЕЧЕР до кодошот МИЛЧИН. Текстот со истиот наслов е објавен на стр. 3. Од кого е потпишан? Од Редакција ВЕЧЕР! Ама немој! Безмалу ќе испадне дека хорот од „Набуко“ го здумал спинот дека јас сум го сменил Бучковски од лидер на СДСМ на партискиот конгрес. Не, јас јасно и гласно се изјаснив против изборот на Бучковски за лидер на СДСМ! Тоа беше конгрес одржан четири години пред смената на Бучковски! За да се случи смена на некој лидер, тој претходно треба да биде избран за лидер! Е, јас гласав против изборот на Бучковски! А кога Бучковски беше сменет, јас ниту се изјаснив, ниту гласав за смената на Бучковски! Не бев на тој конгрес! Оваа манипулација со конгресите го открива авторството на испорачувачот на услуги. И таа не е единствената манипулација, но за тоа ќе треба редакцијата еден ден да го праша испорачувачот на услуги, кој го испорачал и нејзиниот групен потпис. Тој ден ќе дојде набргу, времето не работи за Латас.

П.С. А за мојата театарска работа ѝ препорачувам на редакцијата да ја прочита рецензијата за мојата претстава „Нашиот клас“ што беше објавена во „Вечер“ со потпис на вашиот театарски рецензент Борче Грозданов.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња