Банкарите и нивните гревови

17.08.2015 10:26
Банкарите и нивните гревови

Мноштво луѓе седат на работ на понорот и се обидуваат да се заштитат од болка, залудно мавтајќи со рацете на сите страни додека на нив паѓа огнен дожд. Околу вратот им висат торби во кои се семејните гревови. Вака, Данте Алигиери го опишува делот од пеколот во кој се лихварите. Тој ги „става“ во далечниот, седми круг и само уште два кругови ги делат од Луцифер. Според некои толкувања, за ова Данте бил под силно влијание на схоластичката мисла и нејзиниот однос кон каматата, додека други пишуваат дека во држењето на големиот средновековен поет кон лихварите јасно се гледа ставот кој го имале црковните собори по тоа прашање.

Но, и ако ги оставиме настрана уметничките визии и нивните подоцнежни толкувања, низ вековите, ставот на големите монотеистички религии за каматата бил изразено негативен. Така, на пример, на Третиот латерански собор (1179) била донесена одлука оние кои земаат камати не смеат да се причестат ниту да бидат погребани според христијанските обичаи, нагласувајќи дека тоа злосторство е забрането и во Стариот и во Новиот завет (иако, денес под лихварство се смета земањето огромни камати, во Библијата, и воопшто во раните периоди, тоа се однесувало на какви било камати). Во Библијата, како и во Куранот, постојат повеќе извадоци кои се противат на ваквиот начин заработување пари и го карактеризираат како голем грев.

Плаши се од Бога

Во Стариот завет на неколку места може да се најде јасна забрана кога станува збор за каматата. Така, во Левитскиот закон (25:35-37) стои дека ако „осиромаши братот твој (...) немој од него да земаш камати ниту добивка; туку плаши се од Бога, за твојот брат да живее со тебе. Немој да му даваш пари со камата.“ Оваа забрана се повторува во повеќе наврати, однесувајќи се како на поединецот, така и на народот. Веројатно е дека најостро е напишана според Езекил, глава 18, каде како праведник се опишува оној кој не врши насилство и прељуба, пружа милостина и „не дава со камата“ и тој, според Стариот завет, навистина ќе живее. Од друга страна, ако некој не би го правел сето ова и ако „дава (...) со камата, и зема додаток; дали тој ќе живее? Нема да живее; ги направил сите тие гнасотии, навистина ќе погине, неговата крв ќе биде на него.“ Според ова може да се види за колку грешно се смета земањето камата.

Меѓутоа, забраната од Стариот завет е посебна по нешто. Постои стих (Повторениот закон 23:19-20) во кој се вели дека на странец може да му се дадат пари со камата, додека тоа не смее да се прави кога станува збор за брат. Со други зборови, Евреите не смееле да им земаат камата на други Евреи, но им земале на другите.

Грешниците им даваат на заем на грешниците

Раното христијанство јасно се определило во однос на овој вид заработка, осудувајќи го и забранувајќи го. Веќе Првиот никејски собор (325 година) му забранил на свештенството какво било учество во лихварски работи, за оваа забрана подоцна, како што веќе е споменато, да се однесува и на лаиците. Соборите и теолозите во разни прилики зборувале против оние кои бараат камата (како што е познато, учењето на Римокатоличката и Православната црква се темели како на Библијата така и на одлуките на Соборите, учењето на светите отци...).

Во Новиот завет се истакнува милостината кон сите, а во описот на животот на праведниците стои дека треба да ги сакаат своите непријатели, да прават добро и да даваат на заем не надевајќи се на ништо. Ако човек даде, очекувајќи дека од тоа ќе заработи, тоа не е христијански бидејќи и „грешниците им даваат на заем на грешниците за повторно да земат толку“ (Лука 6:34-35). Простувањето на долгот се споменува и симболички како исклучително важен чин.

Како доказ дека каматата, сепак, не е толку лоша, поедини протестантски економисти ја наведувале параболата за талантите (Матеј, 25:14-30). Веројатно, приказната им е позната и на оние кои баш и не ги поминуваат деновите читајќи ја Библијата. Имено, таа повикува на будност бидејќи никогаш не се знае кога ќе настапи судниот ден. Споредбата гласи – господарот им ги предава своите услуги на талантите додека е на пат (еден талант вредел приближно онолку колку што плати ќе заработел римскиот работник за 15 години), на еден му предава пет, на друг два, а на третиот еден талант; првите двајца работеле и заработиле двојно, овој последниот го закопал богатството на господарот в земја. Кога се вратил, господарот ги пофалил двајцата, додека третиот го искарал кажувајќи му: „Значи, моето сребро требало да им го дадеш на трговците; и кога јас ќе дојдев ќе го земев својот дел со добивка.“ Се разбира, параболите се толкуваат преку сферата на духовната реалност, па така талантите се сметаат за добра кои Бог им ги дава на луѓето: здравје, интелигенција, способности... и според тоа, она добро што им го подарил Бог треба да се умножи, и покрај стравовите и ризиците кои тоа остварување ги носи со себе, бидејќи луѓето ќе одговараат пред Бога за она што го направиле со своите дарови. Сепак, има и онакви гласови каков што е современиот протестантски економист Гари Норт, кој инаку му припаѓа на едно мошне фундаментално калвинистичко движење. Во многубројните трудови Норт го нагласува овој извадок како доказ за прифаќање на каматата во Новиот завет.

Инаку, протестантизмот донел поинакво сфаќање за ова прашање. По Реформацијата и другите промени кои тогаш се случиле во општеството, богатството се ширело брзо, а на правењето профит се гледало со одобрување. Со тоа и каматата почнала да се гледа со повеќе прифаќање. Исто така, со текот на времето слабеела улогата на Црквата во јавната сфера, па таа повеќе се воздржувала од мешање, односно од давање насоки на верниците, кога станува збор за доменот на економијата (без разлика дали тоа воздржување било по сопствена волја или не).

Ги чека војна од Алах

Најпосле, кога станува збор за исламот, Куранот многу директно се занимава со оние кои заработуваат од долговите на другите. „Алах ја уништува каматата“, а оној кој се занимава со камата е во иста позиција како и оној кој е под влијание на ѓаволот. Вистинските верници, ако се вистински, се повикуваат да се откажат од каматата или што е уште поисправно, да го подарат целиот долг. А, ако не го направат тоа, и ја земат каматата „ги чека војна од Алах“ (Ел Бекаре 2: 275-279). Во последната проповед на пророкот Мухамед, се нагласува дека Алах го забранил лихварството (секоја камата). Еден исламски теолог напишал дека речиси и да нема чин кој е толку силно осуден во Куранот како што е лихварството. А греши не само оној кој прави таква добивка, туку и оној што ја плаќа.

А, дали има нешто добро во каматата? И во Новиот завет и во Куранот се наоѓаат делови кои даваат одговор на прашањето за правење на (не)дозволеното. Така, во книгата на исламот стои дека за поедини нешта е голем грев, но и добивка за некои луѓе, меѓутоа, нивниот грев е поголем од нивната добивка. А во Новиот завет апостолот Павле и пратениците на Коринтијаните ќе речат: „Сè ми е слободно, но сè не е корисно; сè ми е слободно, но сè не оди кон добро“ (10:23).

Новото доба

Во оправдувањето на каматата кое настапило во новиот век, главниот аргумент на религиозните христијани гласел дека забраните да се заработи од нечиј долг важеле во времињата кога луѓето умирале од глад и биле премногу сиромашни. За денешниот свет на бизнисот, модерното работење, таквиот став, како и многуте кои директно од старото доба се „применуваат“ на новото, е надминат и непотребен.

Сепак, останува прашањето – дали заработувањето од нечиј долг е етичко прашање или во таа сфера етиката е непотребна. Дали сме поблиску до одговорот додека ја набљудуваме фотографијата на старец кој седи пред банка и плаче додека го изнесуваат чуварите?

Слики: Густав Доре

Извор: http://www.vreme.com/

ОкоБоли главаВицФото