Почина Арсен Дедиќ

17.08.2015 21:38
Почина Арсен Дедиќ

Легендарниот кантавтор Арсен Дедиќ почина вечерва во 78-та година од животот во болница во Загреб, објави Јутарњи лист.

Дедиќ пред повеќе од две недели беше хоспитализиран поради сепса, откако претходно му беше вграден вештачки колк. Последните денови здравствената состојба нагло му се влошила и му откажале бубрезите.

Арсен Дедиќ е роден во Шибеник 1938 година. Во Загреб се запишал на Правен факултет кој го напуштил во 1959 година, а во истиот град се запишал на Mузичката академија, каде дипломирал 1964 година. Речиси целиот свој живот пишувал песни, па некако е логично што во средината на шеесеттите години се нашол во кантавторските води.

Првиот албум „Човјек као ја“ го објавил 1969 година, а оттогаш снимил десетици плочи. Неговиот музички стил може да се опише како мешавина од медитеранска поп музика, шансона и џез. Во шеесеттите настапувал на многу фестивали за поп музика во СФРЈ. Освен со поезија и музика, аматерски се занимавал со сликарство.

Објавил десетина збирки со песни. Пишувал музика за театар, филм, телевизија и реклами. Добитник е на многубројни награди, а една од најзначајните е онаа од Сан Ремо 1982 за „авторска шансона“.

Авторскиот печат на Арсен Дедиќ на музичката сцена во СФРЈ е огромен. Нема да погрешите ако кажете дека она што се Шарл Азнавур, Жак Брел, Леонард Коен, Серж Гејнзбур и Скот Вокер за светската музичка сцена, тоа беше Арсен за сцената на 20-милионската Југославија.

Зад себе ги остави сопругата Габи Новак и синот Матија Дедиќ.

 

Извор: B92