Читањето на соопштенијата на МАНУ бара напор да се отстрани чувството на гадење

24.08.2015 03:33
Читањето на соопштенијата на МАНУ бара напор да се отстрани чувството на гадење

Читањето на соопштенијата на МАНУ и изјавите на нејзините видни членови бара големи напори за да се отстрани чувството на физичко гадење од раскошните дози демагогија, хипокризија и препредена политичка перверзија под превез на позерска загриженост. Секој приод од секој агол кон ставовите на овој вигвам-храм на преплатени и преплашени шамани на државна интелектуала води кон единствен заклучок – носовите на снобовите на незаслужената академија насетуваат дека се приближува часот за промени без измени.

Шаманите од вечниот академски вигвам при владејачко-партијската палата се очигледно потресени од фактот што реалноста не ги есапи нивните високоакадемски и плиткоумни сплеткарења, со кои сесрдно придонесоа кон „загрозата на државата“ врз која сега леат позерски солзи и препредено се обидуваат да ја продолжат праксата на академско свештенство во служба на државата, т.е. оној кој плаќа за сè што пијат и јадат.

Квалитетот на визијата на шаманите од МАНУ доволно се отсликува низ бирократскиот вокабулар карактеристичен за соцреалистичките етнопартиски бирократи, наследство од сродството во колк со Мајка-САНУ од 80-тите. Време во кое добар дел од цитираните шамани и шаманки се издигнаа врз крилата на шовинизмот и омразата; кое сега се обидуваат да го вратат на мала врата преку принципиелно демократски шарени панделки со иста содржина како и порано. Демек, тие ја надминале фазата на таму некакви поделби (кои самите сесрдно ги хранеа и ширеа) па сега – во самракот на својот полтронски поминат живот – сакале да ја спасат државата. Иако со своето поведение самите дадоа сесрден придонес за уништување на земјата и нејзината иднина. Да беше поинаку, да се грижеа троа повеќе за земјата на „луѓето“ која сакаа да ја поделат, денеска помалку би се потресувале за агонијата на државата. Наместо интелектуални храбри исчекори во навремени предупредувања достојни за великодостојници на научната мисла, шаманите од вигвамот тивко и бесчујно се оддадоа на изучување и усовршување на пазарната вредност на академското титуларство, во согласност со тоалетните им провинциски спонзори. Но, онака, шшшшуш, да не дознаат патриотите!

Полтрон-шаманите кои до скоро се редеа пред Груевски како шипарици од провинција при избор на мис-Хармоника, националистички провокатори кои и ден денеска се гордеат со својата Википедија наука на државно спонзориран шовинизам и расизам, декорни титулар-елементи на кој-и-да-е-на-власт со припејд хонорари на нивна и постпејд цехови на туѓа сметка – дрско и цинично под превезот на загриженост подметнуваат уште едно кукавичко јајце на дволичност. Снисходливо избегнувајќи да згазнат на прстето на сегашниот им м-р Вожд, но воедно весело-понудно вртејќи со опаш кон новиот Наполеон. Поведение кое потврдува дека лустрацијата е ваистину завршена и дека на оваа влада (но не и на истата власт) ѝ доаѓа крај. Па како што доликува на традицијата – време е за ново вртење на капата, од досегашната кокарда-шајкача во пионирска титовница.

П.С.

Да не заборавам: вашиот проект „од највисок национален интерес“ наречен ДУИ во власт по секоја цена, е клучниот елемент кој го побива вашиот искрен интерес за иднината на земјата.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Leah Saulnier