Самураи

24.08.2015 14:34
Самураи

И силниот бог Изанаги ја измеси од земја и камен колепката на Јапонците и стори да се множат на островите лебеди и вулкани, цреши и ветрови, и уште повеќе да се изделат луѓето на богови и бедници. Во тој многувековен мрест, далеку пред доаѓањето на европските трговци и језуити, биле распнати помеѓу небото и земјата самураите; тие им служеле на алчните феудалци да го распарчуваат Нипон на твое-мое и умееле, кога сакале, кога мислеле дека името им е Правдина, да се без господари, станувајќи свети заштитници на сиромаштијата подгрбавена под тежок јарем. Но кога ќе им згрешеле на боговите, ќе клекнеле на бело платно за последна молитва и за харикири.

Во овој свирепо и величенствено богат архипелаг со тајфуни, фрлен во грутки од божествен грст, денес е празник на црешите. Оние што не пловеле никогаш по јапонските води пред неколку месеци со весело намигнување ме советуваа да ги видам бездруго гејшите, да ги бројам ѕвездите со некоја од нив, со повеќе, по можност да станам султан меѓу кимона, тешки од извезени пагоди, вулкански врвови, змејови. Гејшите видени во рикша или под шарени светилки, пренежни се да се сместат во кориците на оваа книга низ чии пукнатини јас сè уште го барам невиденото по својот неколкумесечен пат.

Под црешовата расцутеност, додека пред зениците се нишаат издолжени написи со замрсени знаци, ноздрите кобнички претчувствуваат мирис на урнатини: атомската бомба го прослави крвавиот роденден во оваа земја. Од денот кога влакнестиот човек паднал презреан од гранка за да го измисли огнот, до хирошимската температура од неколку стотици илјади целзиусови степени, продувале многу ветрови. Сега во овој град пак ’ртат утрата - мртвите се комисион, на децата не им се раскажуваат приказни за печурки.

Плови и не обѕирај се... Но ноќе, кога живите сенки се букви на тапијата на смртта, Хирошима е поклопена со кобнички визии: војна, од пол до пол, од меридијан до меридијан. На небесниот врв е Зевс, на морското дно се разбудува Посејдон. Преживарските челусти им се обновени, новите млечни заби веќе стасале за апежи пред триумфот на иксипсилон бомбите. Родените синови ѝ го распарчуваат срцето на земјата. Животу, сајонара, отпатувај и не свртувај се, ослободен од сè... од тиранија, бајбоци, мириси на пелени и трева, од аритметика, од вируси и серуми, од сомненија. Атомите не носат во јатките клетви - ако земјата била грешница, го надвишила со маченичкиот крај светото небо.

Околу безначајната грутка, изгубена во неизмерниот космос, студено блескаат неиспитаните ѕвезди. Има ли на некоја од нив супертелескоп за да се види по илјадници светлосни години како последната златогрба лисица на земјата станува хиена? Лапај, ослушнувај ја тишината, пак лапај, пак ослушнувај и гнило дебели се од гнили трупови. Од смрѓавата на мртвиот долгоопашест крадец нема што да умре. Сајонара, и тревите се мртви: дај ми капка вода, јас ќе ти пеам за љубовта.

По лисицата ќе останат мршојадите, ќе навикнат на гозби и ќе се хранат еден од друг до последниот клун. Кога осамениот победник ќе си го исколве срцето во занес на сила и глад, ќе остане на некоја карпа неиспиленото крагујско јајце. Дождовите и сонцето ќе го измелат в прав неисплодениот стрводерски принц. Толку.

Но чудото пред очите на стравот обновување ли е на сè што било на почетокот? Од еден кафез, непресметан во инвентарот на злочинот, се извлекува млад експериментален мајмун. Грлото му го пара љубовен крик. Опашестото момче со света душа на пустински испосник, невесел павијан под удар на сонце, бара мајмунска Ева, зашто стројничката природа го подбуцнува на чин да роди почеток на нов крај, а свеста не му е обогатена со верување дека некој ќе измеси женка од неговото ребро: дај ми капка љубов, јас ќе ти пејам за водата.

Со визијава, загнездена во мездрата на коските, ме следи овде, во Кобе, во овој град што познава и празници, и ѕвездени утра и тајфуни, една далечна моја вина.

1.

...Летото на моето детство веќе поцрне од стасани чавки кога во нашиот град залутаа тројца Јапонци, џинчести, жолти самотници, а здодевноста веднаш и без причина измисли дека во нив живеат ѓаволи - ако пред косите очи три дни се изнесува крст, победата ќе се извезе со златни букви на маловарошкото православно знаме. За прекуморските проклетници, доселени на периферијата во стаоречката визба, градот знаеше сè. Сокриваат тие во малите чевли влакнести копита и само дење колку-толку личат на луѓе - ноќе, кога спие сè што е крстено, им раснат рогови и козји брадулиња; збивтаат со кучешки долгите јазици и штом ќе се истетерават, зелени од летна месечина, црквите пламнуваат: гори новородениот Исус на икона во сребрена рамка, се гламносува свети Ѓорѓија над недотепаното чудовиште, пламен место брада имаат апостолите. Владиката, божјиот гаваз со студени очи на костреш, достатно привлечен заради лавовската грива од која не може да се одмрси ни зимски ветар, беше бессилен за да излезе пред грешните тројца, да замавне со крст или меч и да ги проколне, врати се, сотоно, меѓу караконџули, аспиди и лилјаци! Од еден прекуморски збор, врело и со закана шепнат, жандармите и поповите гореа; нивните јагленосани раце не можеа ни да стрелаат ни да се крстат.

Балканското детство, прерано крмено со причест и нафора, старски се приготвуваше за рајски бавчи. Одевме во густи чети околу туѓоземјаните, ревевме наморничавени, им покажувавме крстосани показалци. Нашите закони беа недвосмислено зрели. Ох, ќе го истераме ние исчанчениот од жолтата кожа, ќе го сториме тоа и ќе оставиме многу топли целиви во дланките на поповите и ѓаконите: благослови нè, оче наш иже јеси, ние сме господови внучиња. Замразивме сè што е жолто - мед, царевка, јаглики, злато. Слаби само во стапицата на ноќта, испотени и со згрутчен врескот во грлата, сонуваме жолти, козји бради, жолти нокти, жолти клинести заби; крвта ни ја цицаа краци на средноќни жолти полипи.

Во крстоносниот поход отпрвин бевме само неколку вистински рицари, лавовски срца изгорени од темјан, другите беа бледи колебливци. По неколку дни се наголеми босоногата булумента. Црниче, Кисела Вода, Водно, Киришаана, Ново Маало, Буњаковец и Чаир, испраќаа свои свети регрути со лути заби на ласица во своето верују: млади ѕверови, растргнете сè пред себе и ослободете го Исусовиот гроб! Јапонците привидно продаваа книжно цвеќе. Не се плашеа, не се смееја и не се бранеа. Останаа тврдокожи пред нас, мравки, чија киселина не достигаше до нивната жолта крв. Затоа можеби, потсмешливо одбојни во достоинственоста, не се затрчуваа кон нас, не нè наденуваа на рогови и не нè апеа. Не нè забежуваа (секако косите очиња дење им беа слепи), иако бевме уверени дека слушаат и дека ги разбираат нашите зборови.

„Чие е небото?“
Хор: “Рисјанско!“
„Чија е земјата?“
Хор: „Рисјанска!“
„Чии се водите?“ Хор:
„Рисјански!“
„Тогаш нека пукне ѓаволот!“

Пукнаа прангии, клинец в клуч наполнет со сулфур, црн барут и истрошени главички од чкорчиња. Жандармските станици и Дваесет и првиот полк зад Кале чекаа заповед од јуначкиот крал да јурнат со голи сабји и да ни помогнат во светата војна. Во тоа време, од стравот претворено во постојано прпелкање, рибите на Вардарска бановина ги труеше бирле и уште некаква рибокрадечка хемија, а ние, и самите тајни хемичари на реката, рековме дека ѓаволот фрла чинки во зелените вирови.

Црничките лозја штуро родија, во турските гробишта над Чаир завиваа ноќе летни волци, отаде Вардар изгоре црква, под кланицата гром отепа невино стадо овци. И пак - ѓаволот. Врз градот, замелушен од жега, прашина и претскажување, се протегна незапомнето проклетство. Темелите на недоизградениот Офицерски дом попуштија, од пукнатините ѕиркаа човечки черупки, па се сети некој (рекоа: лично банот) да закопаат под големата зграда, на исток, уште пред да угрее сонцето, некрстено доенче, еврејско чедо со белегзии на нозете. И го сторија тоа на сам Свети Илија, заобиколувајќи ги со топови кадравите трговчиња со басми и монистра во еврејскиот кварт зад дрвеното мовче. Црвенокосата мајка на жртвуваното дете се споулаве од болка; одеше ноќе по темните сокаци и го колнеше небото на непознат јазик. На калдрмата зад неа остануваше трага на солзи и млеко, мајчински сок еднакво познат и на жените и на волчиците доилки.

Тогашната чаршија, протегната дремливо од обете страни на Вардар, ги следеше настаните со црнозаба насмевка под виснатите мустаќи. Сеедно што се раскажуваше дека од преку море поаѓа кон скаменетиот Балкан невидено голем кораб со лути Јапонци, луѓето не се мешаа во настаните - не ни се придружуваа но не ни бранеа да војуваме; деноноќно шепотеа чудни зборови - данок, меница, банкрот, затвор. Само по некој, обично ситен занаетчија, ќе нè подбуцнеше со глас на вистински батериски наредник:

„Чие е небото?“
„Рисјанско“, одговаравме.
„Чија е земјата?“
„Рисјанска“, пак одговаравме.
„Чии се водите?“
„Рисјански“, уште еднаш одговаравме.

Сè беше рисјанско, наше, сè - и утрешната победа на крстот.

Кога презреаниот бостан почна сам од себе да пука кисел и со јалови семки за ново садење, очите на Јапонците се покрија со павлака на белузлав страв - во нив изгоре виделото за божја правдина, потоа ѕверовите остареа, се подгрбавија, им побелеа веѓите и им се намалија забите зад лажно насмевнатите усни. Одеа несигурно пред папуанската толпа, попарени и намалени без државна или конзулска заштита. Ние гласно ги повикувавме полжавски да ги пуштат роговите, да ги собујат чевлите и да ги покажат копитата, а тие лазеа в прав и змиски саскаа со црните јазици. Белата усвитеност под нивните клепки не можеше да нè проколне: држевме пред себе крстосани показалци и шепотевме бесмислени молитви од кои на случајните минувачи косата им се креваше.

Дење, привидно, Јапонците се намалуваа. Чекавме да ни дојдат под коленици, мали и сè мало на нив, очи како семки од диња, прсти малку подебели од рогови на гол полжав. Но ноќе беа џинови - ќе се поткренат на прсти и ги зобаат ѕвездите. Семоќни, семоќни, семоќни се, патевме по зајдисонце. Се грчевме. Сами себе си бевме под коленици. Рацете нè болеа од крстење. Трипати во три недели мустаќести пожарникари, закитени со генералски златни копчиња, го гаснеа градот и, народски речено, затруднеа сами од себе три монополски младинки штотуку разделени од своите парталави кукли. Кутри момински играчки. На тие кукли децата, под магиско влијание на Јапонците, им цртаа зелени нареднички мустаќи. Општо земено, без дотерување на вистината, наредниците-мамузари од Дваесет и првиот коњички полк, со светени знамиња од цела чета попови и клисари, ни беа кумири. По углед на нив крадевме од дома комова и кришум се опивавме. Господи, колку мудро тогаш разговаравме. Седиме крснозе, пиеме од едно шише, ѕиркаме низ црвени срчи. Светот станува крвав: лицата на луѓето се одрани, од покривите расте оган. Кога ќе се стемни, сè е црно. Ракијата ни изветрува од сувите грла, планот за утрешната рисјанска акција не се довршува. Бегаме секој на своја страна.

Во тоа време падна меѓу нас главурдест пророк со зајачка уста, бозаџиски син и внук на стар мијачки зограф, и со модар камен, сулфур и ал-пипер или велигденска боја за јајца го нацрта на ѕидот на Даночната управа крајот на светот: во жолто море се дават истетеравени, трупчести, некако здрвени луѓе, гуштери, видри, кози и секакви птици; небото е црвено од пожар, на него нема ни гулаб ни пеперуга; оддалеку, на самата линија на морето, се ниша кораб сличен на корито; многуте темномодри точки на него претставуваат живи суштества.

„Тоа е ковчегот на дедо Нојо“, процени со матен глас суво дете; мирисаше секогаш на борина и беше син на дрвен адвокат; ушите му беа крастави. “Адвокатите ја знаат таа прикаска, читаат книги.“

Фанатички се спротивставував. Се обидував и самиот да говорам длабоко. Попусто. Мутирав пред време. Говорев како да гребам со нокти по стакло.

„А каде се црквите?“, со закана праша дрвеното адвокатче. „Сè е под вода, будало. И ти, и јас, и дедо ти.“

Немаше смисла да му докажувам дека дедо му е под земја. Зографот, загледувајќи нè со крвави очи од генијалност, пцуеше со нечуени зборови. Можеше и да удри. Рацете му беа долги, дланките лопатести. Се задоволи со тоа што ни ги намачка носињата со боја. Имаше петнаесет години и веќе ги стрижеше со ножици мустаќите и острите зулуфи слични по боја на евтин тутун.

Фреската се прочу низ градот привлекувајќи од утро до ноќ набожни бабички со босилек и свеќи во трепетливите раце. Сличен таков уметник, некаков Аџи-Арап, и зиме и лете разграштен како по битка со волци, се тресеше за неколку мангари над циганска тамбура и ја пееше својата тричасовна песна во која со убави зборови се раскажуваше почетокот и крајот на животот. Жените масовно плачеа, коларите и амалите пиеја и со тупаници се закануваа на сите четири страни на светот. Играта ја презедоа големите, ние ветераните можевме малку и да се одмориме со трчаница, јавање и превртување преку глава. Туѓинците не можеа да купат по фурните леб. Антихристите или некрстените што тргуваа со нив, продавајќи им памучни чорапи и алва за лажни, од земја месени динари, ги губеа муштериите. Кога ќе пропаднеа, неизбежно распердашени од судбината, солзиво се исповедуваа по крчмите дека ѓаволот на сон им ја купил среброљубивата душичка.

Сите тие настани на широко се раскажуваа, затоа ги отвараме ушите и се заслуваме со она чие-наше, со молитви и со комова, сè додека школската поликлиника не го продолжи работното време за неколку часа дневно хумано заземајќи се во спасувањето на најмладите алкохоличари.

Македониичкава, послана на педа балкански камен, од бога е создадена за правдини, филозофски се клештеа старците. Раѓа таа мажи, ќе им пукне грнето на Јапонците. Поправо, за какво грне е збор?, се прашуваме. Оние што читаа книги додека ние лапавме муви по сокаците, ни рекоа дека силата на ѓаволот лежи во земјен сад. Затоа ги остревме секирите - ќе пукне, ќе пукне, жими леб и сол, проклетото грне.

Околу средината на септември, прерано есенски накострешен и полн со грмотевична закана во разбушавените облачишта, нешто полилави отколку на црковните фрески, најстариот Јапонец, кривонос и бапски збрчкан во лицето, не издржа. Најпосле крајно време беше да му пукне срцето. Додека се мотавме околу нив, наоружани со праќи и ќесиња наполнети со лут прав, тој ги фрли книжените цвеќиња и го зграпчи за шија првото дете што му се најде под рака. Споулавен од туѓоземјански дни и грст горчлив македонски ориз, го крена пленикот и се вкочани со грлен извик меѓу жолтите заби. Чудно беше - видовме главата му расте, набабрува, а на неа сè се израмнува, и усните и носот, и јаготките, стиснатите очи можеа само со сила да му се отворат. Другите двајца неподвижни со мртви раце како и пред тоа, молчеа посрамени, некако помали отколку што беа. Нивниот сугестивен молк помина во бранчиња преку нашите глави и ги избриша извиците чие-наше. Тишината можеше да се натрупа по џебови и пак да преостане. Значи, вистина е дека под жолтата кожа се кријат пајаци-баучи, опашки, рогови, лилјачки крилја. Ако не удри гром или ако не долетаат на коњи ескадрони со големи сабји, невиното дете, во стравот и самото со јапонска насмевка под невидено малиот нос, ќе прсне на калдрмата како тиква. Во возбудата не можевме да измислиме друго - се препелка во туѓински раце наш врсник, вреска, се намалува пред наши очи, а ние, беспомошни сведоци, стоиме скаменети и заборавени од небото за кое војувавме со нечистите сили неколку недели. Затоа веднаш и не разбравме: со болен грч на лицето, одеднаш сличен и на плач и на смеа, старецот го спушти полека детето на земја, ги сврте дланките кон лицето како да ја чита од нив сопствената пресуда, седна на нечистата калдрма. Несопирливо липаше. На лицето пред малите уши му рипаа ситни топчиња. Неговите двајца помлади пријатели, заборавајќи на нас, клекнаа крај него, слични на лажни просјаци. Ку-кику, му рекоа и без причини се смееја. А очите им беа влажни. Ку-кику! Да пукнеш од смеа.

Понесени од претчувствувана победа, се собравме густо врз трите издолжени сенки, газејќи ги со боси нозе, ние, господи-помилуј со прерано стврднати срца. Расневме, на манастирските ѕидови имаше уште место за нашите ликови. Ако порано, само понекогаш, кришум ги собиравме паричките од црковните икони, можеше да ни се прости - некој од апостолите се откажал од својот учител и пак станал светец. Гмечени под боси стапалки, сенките долго не се одлепија од калдрмата. Се издолжуваа и патувааа во неврат.

Во самата приквечерина, некако со слегувањето на ангелите и ѕвездите до самите покриви, Јапонците се повлекоа поразени во стаоречката визба.

Пуштениот појас на сеќавањето се влече по мене низ јапонските градови. Еве сум гостин, јас негостољубив домаќин кога овие домаќини ми биле гости, и април е, центарот на Токио плива во светло. Ноќниот студ ме морничави безработен. Џебовите не ми се многу длабоки. Сепак можам малку да се прошетам до квартот на гејшите. Јапонките убаво се смеат, со нив сè се заборава. Или да се обидам со ракијата саки?

2.

...Со последните гроздоберски дни, веќе обогатени со вино и презимски грижи, по големата победа над тројцата некрстени туѓинци, само привидно човекова лика-прилика, маловарошката здодевност ги собираше безработните жени пред гнилите новомаалски порти да се крстат здружено и ситно - Господи, господи, господи, тие можеа да му ги здробат ковчињата на кутрото дете! Старците оглувеа за последните крици на жеравите. Важно ги нишаа главите и, презафатени за да мислат на својот крај, доверливо шепотеа - Во светото писмо јасно стои со нашински зборови: ќе се крене проклетата жолта раса и ќе го преплави светот! И потоа?, прашувавме проценувајќи ги важните сојузници. Потоа ќе се стемни, а кога ќе се раздени, не ќе остане жив човек. Јапонецот ќе е цар, и поп на земјава.

Узревавме пред дуњите, и сеедно што за некои настани очевидците не се покажуваа пред нас, веќе сè се знаеше... На бреговите на најблиското море, речиси на чекор од правот на нашиот град, густо се трупаа туѓинците, знаме до знаме, копје до копје, перчин до перчин. Жолтите термити ги завојуваа сите друмови и сите планински врвици, лазеа еден преку друг, ги гореа шумите зад себе. Меѓу вжарените јасени и дабови, умираа бели печурки и влечеа во панични скокови кунатките зад себе запалени златни опашки. Луѓето и дивината заеднички бараа пештери: волчиците доеја слабички сирачиња, во шумските јами се гламносуваше невиниот ѕверски пород. Градот го заобиколија за одбрана илјада топови. Можеби попусто. Зашто не можеше да се сокрие дека под копитата на прекуморските плашила татни бессилната земјичка, и ништо не ќе ги запре во атакот, ни трнот, ни водата - тие се ту ѓаволи, ту орлишта, ту риби. Страшно. Птици со рогови, риби со козји нозе!

Кашата зовре по свеченото доаѓање од робија на набожниот коцкар и крадец Пејо Зиг, бивш шумар со голема лузна на самиот нос, инаку мал господ на сета босонога патријаршија, и веднаш, откако прочита со еден поглед што се случува, одржа неколку пламени говори, до најситно делче опишувајќи ја смртта на чинарот, белиот јасен, дивата леска, костенот и шумските цветови. Можеше да се заплаче од страшните слики - пред скоковите на пламенот, искричав и суво шушкав, попусто бегаат пчелите медарки, лештарките и златоглавите кунатки. Огнот ја жеже земјата до под појас и ги топи во неа неоткриените златни жици. Секнуваат подземните извори, испаруваат реките - умира на сув камен благородната пастрмка. И бадемот и гороцвеќето, секако она од кое се вареа мелеми за сипаница, заушки, косопас и красти, беа еднакво нападнати од жолти губари и скакулци па веднаш стана јасно секому, дури и нам, на слабите научници по прашањето од природописот: зимата ќе ја пречекаме без суровици, бунарите ќе се исушат, ерозијата ќе ги уништи населбите. Од семето на стравот се запатуваа во мраќава евангелиски плашила.

Иако сето тоа не нè мачеше, просто затоа што не можевме да навлеземе во суштината на загадочните реченици на шумарот, сепак се движевме намуртени и со грижи на челото за иднината на бедното човештво. Некои имаа очи измиени со посветена водичка, го гледаа во далечината бесот на пожарите и за најситна награда ни ги раскажуваа маките на мечките и дивите вепришта. Вечерните школи сами од себе се распуштија - учениците ни синџир не можеше да ги довлече пред школската табла: поправо не се распуштија: оние што не познаваа причесна, учеа и не се грижеа што ќе се случи утре. Во школските клупи останаа Евреите и Турците, оние побогатите, со црни заби од шербетен живот. Челата им беа бледи и мазни од совладана геометрија и секакви мудрости. Но мелодично, некако професионално реалистички умееја да плачат. Лично Пејо Зиг, човек со разјадена душа, им ги кршеше ковчињата во господово име. На Еврејчињата совршено им прилегаа модриците, на малите бегови им се засечуваше крст на папок со остро ноже.

Во полжавски притаените залези, чавките и жеништата, маларични од претчувства, кобнички гракаа - Ќе ги прокопаат гробиштата, со кокалата на мртвите ќе наѓубруваат турски цвеќиња и змиски треви. Црковните камбани трипати на ден бронзено повикуваа на молитви и тревога. Отпрвин мажите не го слушаа гракањето - црните птици и бабите им беа деветта грижа заденета на појас, потоа стравот начна неколцина. Тројцата Јапонци демнеа крстени деца по сокаците, беа сенки во средноќ на сенка. Балканските носови се издолжуваа, допираа со врвовите до безживотната иднина, розовите ноздри, благо приучени на темјан и мек восок, гореа од утрешен чад. На изгубените деца веќе не им се знаеја имињата и бојата на очите. Едни се колнеа дека најстариот Јапонец плука крв, други рекоа: се прецицал тој во ноќта пред тоа. Нешто мораше да се стори за да се провери вистината. По градот се растрчаа најбрзоноги извидници и избројаа на тесните тротоари и сипаничавата калдрма неколку стотици крвави плунки. Веќе никој не се сомневаше - нацицан со крв не бил само најстариот Јапонец туку и другите двајца.

Понекогаш, само во најсончевите утра, се обидував молчелив да ѝ избегам на својата тага, неутешно уверен дека одамна, пред моето раѓање, подлоста и болката што ми го разјадуваа срцето им биле познати на луѓето како нешто мое и својствено само за мене, и дека сето тоа лежи запишано со тешки букви на некој камен. Ќе залута овчар меѓу карпи, обрастени со сув мов, ќе го најде записот и со страшен глас ќе му објави на светот дека јас ги измислив козјите копита во чевлите на Јапонците, но кога ќе видев дека и постарите се вртат во општото оро, се насмевнував со кисела мудрост - гревот е полесен ако лежи врз многу глави. Ако бев сам, без ортаци, со камче ќе можев да дофрлам до вистината, толку ми беше таа близу, па ќе чекорев со отворено срце по полските врвици, љубопитен за љубопитноста на последните пеперутки. Но сам бев само ноќе кога ме посетуваа синопроѕирни светци со строги веѓи и безгласно магиски ме присилуваа да лутам преку ден по градот, да ги пребројувам крвавите плунки и да им ги преприкажувам на помладите од себе ноќните сновења на призраците. Лажев. Затоа во една ноќ, по долго колебање, влегов во улицата на Јапонците. Со завлечени глави во рамениците, слични во безѕвездната вечер на сеништа, минувачите брзаа оставајќи зад себе шум на чекори. Визбата во која живееја некрстените ја знаев - однадвор имаше осветлен прозорец покриен со мрежа, преретка за комарци и претенка за крадци. Стоев под солзлива светилка, сокриен зад гнила бандера, над мене небото ветуваше црн дожд. Се двоумев. Можев да се вратам и по слатката вечера да се завлечам во топла постела зад заклучена врата но љубопитноста да ѕирнам низ мрежата и да откријам барем делче од тајната, ме влечеше со невидливи нишки да зачекорам мачји итар. Ги триев ѕидовите со грб и се тресев. Испотен, сувоуст, згрбавен, со ширум отворени очи, мислев дека не одам, дека осветленото ниско прозорче залепено за турската калдрма се лизга кон мене. Се крстев. Не знаев молитви и шепотев измислени зборови. Некој јасник ми ги покрива очите, слеп сум, клепките ми раснат - чувствувам но слаб сум да прогледам. Стојам и знам: прозорчето се лизга кон мене. Ќе ја отпееш денес песната, говори некој потсмешливо од мене. Две долги жолти раце се подаваат и ме вовлекуваат во визбата. Над мене се веднат три исклештени глави. Се тргам, всушност не можам ни да писнам.

Се тргнав, со сета сила погледнав низ мрежата. Јапонците седеа на подот под слаба светилка и со големи ножици сечеа разнобојна хартија. Си играа. Лицата им беа безгрижни, подмладени, бело осветлени под затегнатата кожа, во зачудено отворените очиња им лежеа златни светулки. Се преправаат дека се луѓе, се убедував тресејќи се без причина; веќе не чувствував страв; мојата омраза догоруваше и оставаше безначаен пепел во мене. Од неверојатно белите и брзи прсти на Јапонциите никнуваа разнобојни цвеќиња со неверојатен облик.

Раскажувачот на хроникава се врати дома со тешки чекори. Во душникот му раснеше грутка тага, којзнае не ли ќе заплачеше тогаш ако некој покажеш е кон него со прст - ти измисли еден дел од прикаската за ѓаволите, ѓаволу.

*

Нашиот брод претпазливо се лизга по оловните јапонски води. Во далечина се наѕира низ попладневната замагленост вечно снежниот врв на Фуџијама, тој свет вулкан, со самоубивачки привлечен кратер за несреќно вљубените. Вчера гледав во дворовите на Јокохама стогодишни стебла, премали и за приказна, и се прашував со чувство на врела тага дали тројцата победени самураи, тогаш, по маките на балканскиот камен, се вратија во оваа земја во која ракијата саки носи заборав за сите горчливи дни?

3.

...По првиот ситен вез на октомврискиот дожд, во едно посно утро прошарано со облаци и сончевина, појде на прием кај ценетиот претседател на општината триглава делегација во шајачна облека и со грижливо исчеткани шапки в раце. Целта на големата визита на чаршиските пратеници им беше позната на сите граѓани - туѓинците да се фрлат во окови или, најпосле, по совет на мекото балканско срце што и за ѕверот има топлина во своите жилички, за веки-веков да се протера од градот. Во тоа незаборавно историско претпладне рамно на државен празник, судбината на прекуморските страшила се вареше во општинскиот казан на сигурен оган. Некои потсмешливо говореа дека тоа се прикаски - делегацијата пошла кај претседателот на општината во врска со данокот, но напладне, пред шајачните облеки да ја остават општината зад грб, просјаците под ѕидот на еврејските гробишта го преприкажуваа разговорот воден во кабинетот на претседателот, а на општочовечка радост сето тоа било вака - таткото на градот: чие е небото? - граѓанската делегација: наше; таткото на градот: а земјата и водите? - граѓанската делегација: наши, сè е наше, господине. Се прегрнале четворицата и заплакале в слога - туѓинците ќе бидат експедирани преку море во железни сандаци, рекле сложно и нарачале цигански тапани да го развеселат бабуњосаниот живот на градот. Уживавме во солзите на просјаците, во нивните воздршки и учени зборови - ќе бидат експедирани, ги чека црн петок.

На животот не му беше рамна ни најшарената приказна. Од утро до ноќ поштарите разнесуваа по куќите честитки потпишани од самиот бан, модроносите пандури ги благословуваа децата со црвен шеќер, поповите танцуваа пред црковните порти - со едното око ја мереа земјата, другото им беше на небото, меѓу ангели и апостоли. Силна артилерија под команда на белобрадест генерал со многу златни ширити на рамениците ја објави победата со топови, па побрзаа градските гулабари да ги извишат своите јата доближувајќи ги до божјата софра. Дождовите ја избришаа фреската на главурдестиот мијачки внук и иконописец но на широката стаклена врата на градската парфимерија се појави сам од себе богородичниот лик. На уличните филозофи прв им покажа честитка од банот полуерменецот Аритон, забар-самоук, инаку и самиот филозоф. Безработниците со уморни очи од грижи и неспиење се сомневаа и ги апеа истанчените сни, зашто честитката беше пишувана со молив и на бакалско ќесе. Аритон се удираше со тупаници по меките гради; запенето докажуваше со замрсени зборови дека интимните писма се праќаат на обична хартија и без државен печат. Такви честитки, од кои не можеше без мака и без двосмисленост да се прочита ни еден ред, со гордост покажуваа многу важни личности - пропаднати музиканти, мечтатели, малоумници, трговци со лековити треви на ангро, со еден збор најблагородните ороводци и во веселбите и во мистериите. Без факти се докажа дека еврејскиот рабин, човече слично на оживеан детски цртеж, бил потплатен од царот на жолтата раса да ги запишува во таен тефтер имињата на најголемите набожници зашто еднаш Пејо Зиг на сам мост замавна кон него со скршена нога од стол но крстоносецот го спобркаа некои арамии без насмевка на сивите лица и му ги истрија со тешки шепи жилите. Се разболе Пејо Зиг - едното око му го покри модрица, ребрата како да му беа малку поместени. Не умре, само маченички се насмевнуваше: најпосле целиот свет знае дека во синагогата рабинот се моли со шапка на глава и дека е вечен Жидов, а рацете му биле крвави уште од времето на Христовото распнување. Коцкарот уживаше во своите маки; без поштеда за болното грло говореше пророчки за шумите до кои, далечни и невидени, не достигаше нашата мисла - зад пожарите остануваат гламни, на нив црно се спепелуваат сеници, жолни, косови.

„А чии се тие шуми?“, се тресеше збрчкан во лицето; со склопени очи чекаше да му одговорат и пак, по тој одговор, како да не чул или да не разбрал, мавташе со долгите раце: „Чии се, ве прашувам, господа?“

Ако замавтавме и ние со рацете, ќе полетавме од радост. Секако - господа, тоа е вистинскиот збор за нас, не мрсулковци како што нè викаа постарите. Одговаравме гласно и недвосмислено - „Наши, господине.“

Доверливо се клештеше на нечистата постела под нискиот таван на куќарката на својата вујна. „Готово е, господа. Јапонците ќе бидат експедирани.“

И зборот експедирани ни се допаѓаше. Неуморно и без врска го употребувавме при секој случај: облачно е, дождот ќе експедира; снаа ми е трудна, ќе експедира дете; се научив да пушам и да експедирам цванци.

На Јапонците им скисна оцетот - им ги собраа парталите и ги натоварија ноќе на коњски вагон. Дождовите не ги измија крвавите дамки од уличните камења, дури, за чудо и на владиката, на калдрмата пак осамнуваа плунки со капки крв во себе. Во перифериската визба достапна тогаш само за тромави пајаци, се доселија грбави и исклештени стаорци, некако во исто време со многуте ѕидни плакати, од кои се повикуваа граѓаните да ги трујат страшните животни, зашто шупливоока чума со црна гајда под мишка се готви да му дојде гостин на градот. Ракијата и лукот поскапеа. Сега постарите сосила нè опиваа - од гроздовата бегаат и ѓаволите и чумата. Се раѓаа учени дни. Секој можеше да го крене носот закитен од обете страни со дебели стакла и да чита од плакати дека чумата е заразна ендемична зооноза, заедничка и за глодарот и за човекот. Децата со подобра меморија навистина го кренаа носот и некои на волшебен начин измислија очила при секој случај повторувајќи го научениот текст од плакатите: стаорците мус-ратус и мусделуманус се разнесувачи на Јерсеновиот кокобацил, предизвикувачот на чумата пестис. Многу мајки чувствително се топеа од гордост - единичарите и бегалците од студената зграда на гимназијата ветуваа со неразбирливи зборови дека ќе станат доктори.

Уште пред последниот зограф со зајачка усна и мијачки рамно теме, на кое можеше да се наредат чашки како на послужавник, да ги доисцрта по ѕидовите сите свои визии за стаорците што ја носеа на врат чумата со модра коса в раце, далечините татнеа во секое попладне како да се судираат вагони, а по задоцнетите громови, ветровите ревеа со човеч ка болка: чууу-мааа! И по протерувањето од градот Јапонците ни се одмаздуваа - пак една младинка затрудне сама од себе и пак само од себе падна бронзеното ѕвоно од црквата на светата двојка царот Константин и царицата Елена, заради што клисарот Јанкуло, гледајќи во тоа господова опомена, појде со шише ракија в џеб да се закалуѓери; го вратија неговите десет внучиња и го затворија во кокошарник сè додека не се истрезни. Потоа го искрпија некако испуканото ѕвоно и го качија до кубето но веќе тоа не пееше со поранешна убавина бамбим- бам, туку - бум-бум-бум, како да го прецицале мајсторите со барут.

Пред да се повлече од кучешки лутата зима со дебела опашка од магли зад себе, есента беше незапомнато дождлива, речиси исткаена од бескрајни водени конци; со првиот мраз старците осамнуваа вкочанети и со насмевка за патот кон рајот: жолтата прекуморска раса ја пречекал потоп пред градот, врз дебелата вода пливале само мртвите сенки на туѓинците. Големата казна, струполена врз трите жолти глави, го утеши небото да ѕирне од зад сивите облаци дури по неколку месеци, во оние дни кога на јагликите и синоличките им стана тесно под влажната земја, по која долгоногите жерави со тажни крици ги бараа во младата своите лански траги.

*

Сеќавањето студено се спровира в коски... По прогонот на самурајските потомци, настаните родија неколку поети. Навечер се читаше под жолти ламби историјата на православната вера во стихови, но со горештините талентите се удавија в прав. Влакнестите пандури не делеа веќе печен шеќер и не танцуваа поповите пред црковните порти. Човекољубивата општина ја пречека од заседа чумата со отров за стаорци и литии пред кои се носеа чудотворни мијачки икони и во чест на победата удри даноци и намети на сè што се раѓа, што живее, што умира и што умрело. Банот му ги врати на Пејо Зиг сите почести (во жандармска облека тој личеше на романски или таков некаков крал и слободно ги штипеше по пазарчињата докторските слугинки).

Уверени дека сè уште нè смета за господа, како што го сметавме и ние за господин, подлизурски му се насмевнувавме посакувајќи му добарден со прашање што сме ние за да нè тресне по лице со грубост дека сме пурјаци и арамии, и дека од тревата блостур умира добиток а од нас државата ја боли стомак. Се обидувавме да го потсетиме дека сме господа. Нè колнеше и трчаше по нас, го пцуевме и бегавме навредени пред неговите закани - „Со билката лопур се лечат красти, со пердашење крадечки глави.“

Но во часовите на неговата најголема љубовничка слава, кога две дебели тотици се грабаа која ќе застане со него пред олтар, косопас му го соголи темето до самите зулуфи. Едни рекоа дека тоа мајките на претепаните Еврејчиња го проколнале, други споменаа некаква болест. Му ставија на врат пијавици да му ја испијат нечистата крв, го напоија со светена водичка и го закопаа без воена музика.

На следните избори граѓаните покажаа дека не ѝ се многу благодарни на државата што ги спаси црквите од огнот на жолтата раса. Дури и дивите просјаци во сенката под ѕидот на еврејските гробишта потскокнуваа со шантравите нозе и пееја некакви забранети песни. Весниците и достоинствените говорници со сламени паларии на големите глави ја објавуваа новата библиска глава; го повикуваа народот да ги отвори очите пред опасноста: по градот се мушка пак антирисјанска чума - некакви црвени петли чекаат бели утра за интернационално кукурикање.

*

Можеби на човека му требаат многу години секаков живот за да се врати еден далечен, привидно заборавен и за никого неважен настан, на еден од оние детски чинови бесцелни во крајната цел, да залута во еден скоро имагинарен свет од густи капки тага и, ни соопштувач ни раскажувач, да ги ослободи далечните дни од календарска хроника и окови, пак без сигурна и крајна цел. Минатото има свој живот, зборовите се негова инкарнација. Но тајните се согледуваат без лирика и со суви факти: тројцата самураи беа претставници на јапонски кинкалериски дампинг, засилено забрзан во евтинијата на игли, монистра, копчиња, лажен накит, вази и будилници, кон заземање простори на трговските пазаришта сегде, и на Балканскиот Полуостров, и во нашиот европско-азиски град со рамнотежен број на цркви и џамии, сегде, за да се судри со отпорот на моќните трговци на слична стока и со стравот на фабрикантите на седефни копчиња, спремни во конкуренцијата дарежливо да ги купат душичките на чуварите на секаквите печати - пандурски, даночни, црковни, општински. Бессилието го одбра оружјето на силата. По трговската пропаст на тројцата Јапонци, изгубени во тажната замагленост на просторите, дојде и големата игра за да не се оствари библиското пророштво. Не знам, и никој мој познат не знае дали навистина тие биле протерани или се преселија во друг некој град. Црвените петли навистина повлекоа по себе штрајкачки, бунтарски и најпосле герилски хорови за една милионгрлена Интернационала од која Круповите топови оглушуваа.

Во овие априлски дни, илјада деветстотини шеесеттата, земјата на жолтата раса, толку многу загадочна и безбожна во детството, плива во бои и звуци: од кабуки-театарот, тоа древно гнездо на јуначки легенди, лесно се влегува во друг, уличен театар, во кој шинтуистичката процесија како живо виножито во својата облека го слави родениот ден на Буда, сега празник на црешите. Храмот пред кој станува ритуалот, денес, по најголемиот пораз на оваа земја во Втората светска војна, е шарен, малку преголем декор за кукли од приказна. Презаситен од многу средби со религиски празнувања по земјите на Азија, тешко го следам чинот на шинтуистите за кои царот веќе не е сонце пред чие чело се затвораат очите за да не се ослепи; тие знаат што знаат, и знаат што знаеме и ние - животот е на земја, небото им припаѓа на далечните мртовци.

Седумгодишен Јапонец, неверојатно сличен на кукла, привлечен од нашата филмска камера, упорно нѝ повикува со птичји глас (ки-ку-ки) во дворот на својот дом. Ѕирнувам и веќе знам - Јапонците се волшебни мајстори на минијатурата: на мал простор, на кој не може да се смести ни дел од нашиот куќен мебел, не додавајќи ги тука многуте тегли со туршија, тој балкански гастрономски аквариум од чушки, мали дињи и краставици, лежат џинчести борови и јаболка, мала река меѓу нив и романтични мостови, на кои само со гуливерската гротескност може да легне европската шими-стапалка. Малиот Јапонец со широк гест ми го покажува тој свет, но што ли мисли за мене и какви се легендите во неговата глава за прекуморската бела раса?

По неколку дни ќе отпловам со бродот „Авала“ за Борнео. Пред да им речам на островите на Изанаги Сајонара Нипон, ќе го доразбудам во себе со ракијата саки далечниот настан и, најпосле, еднаш засекогаш, ќе се решам да ги видам гејшите за кои, еве, не остана ни една страница во оваа книга. Но знам, таму на Балканскиот Полуостров една белорека долина, и неколку белокори стебла под лилавото небо, со бамбусова рибарска трска в раце крај неа убаво се размислува за сè. Ќе се вратам, ќе сонувам нови патувања и ќе ги прашам призрациите на минатото каква им била целта - по секоја цена да создаваат библиска хроника или само просто, заради игра, да ја стресуваат мовта од грбавите плеќи на секојдневието, во оние дни во кои и љубовта и омразата биле преврели на усвитената калдрма.

Слики: Paco Pomet
Извор: Скопски раскази, Темплум, Скопје, 2004.
 

ОкоБоли главаВицФото