Вијагра за жени

25.08.2015 11:59
Вијагра за жени

Малку ѝ падна притисокот, ѝ се сврте во глава, изгуби свест, и сè заврши со потрес на мозокот. Не, причината не беше жештината, ниту некоја тешка болест, туку – женската вијагра, лекот флибансерин кој би требало да им помогне на жените да им се зголеми либидото или, едноставно кажано, да бидат „подготвени за секс“ и тогаш кога ги „боли глава“. Секако, после таквото искуство легитимно е прашањето, дали вреди големата желба за секс, поради неа да се ризикува и да се добие можеби потрес на мозокот или проблемот може да се реши на поедноставен начин, на пример со добар разговор?

Откако на пазарот се појави малата сина машка пилула вијагра, која може да го реши проблемот со половата немоќ, односно импотенцијата кај мажите, сега се прават напори да се дојде и до малата розова пилула која би им овозможила на жените почесто да имаат секс. За некој ден, поточно кон крајот на август, американската Агенција за храна и лекови (FDA) би требало да одлучи дали ќе го пушти на пазарот флибансеринот, лек на фармацевтската компанија Sprout Pharmaceuticals, за кој нејзината советодавна комисија во јуни даде зелено светло. Меѓутоа, таа препорака не ги обврзува FDA, така што и агенцијата не мора да го пушти лекот во продажба, па неизвесноста ќе потрае барем уште петнаесетина дена.

Женско либидо

Инаку, на тој пазар, потенцијалните блокбастери веќе се обиделе да провлечат и некои ситни производи како што е тестостеронскиот гел за кој се покажало дека не е поефикасен од плацебо, т.е. фластерот Intris кој потенцијално го зголемува ризикот од рак на дојката. И флибансеринот досега двапати бил одбиен од FDA поради „неефикасноста и нуспојавите“. Дел од американските стручњаци кои се занимаваат со сексуално здравје, сметаат дека пласирањето на лекот за зголемување на женското либидо на пазарот, не е ништо друго освен обид за билдање на заработката на фармацевтската индустрија.

Женската сексуална дисфункција ги мачи наводно 43% од Американките, а само во САД има 68 милиони потенцијални купувачи на малите розови таблети. Слично е и во Хрватска, бидејќи за податоците за сексуалните проблеми и пречки кај жените, проф. д-р Александар Штрулхофер вели дека секоја втора Хрватка има проблем со сексот и дека најчесто станува збор за недостиг на сексуална желба. Токму на тоа се жали секоја петта жена на возраст од 18 до 23 години и секоја трета на возраст од 30 до 35 години.

Одамна се водат полемики околу тоа дали на жените им се потребни таблети за зголемување на интересот за секс или тоа е само обид на фармацевтската индустрија да ја зголеми својата заработка на сметка на сексот. Машкиот и женскиот сексуален „механизам“ функционираат потполно различно.

Поради тоа, жените би требало да го земаат флибансеринот секојдевно, додека вијаграта се користи само за време на самиот сексуален однос. Поентата е во тоа дека малата сина пилула делува така што го зголемува протокот на крв во пенисот, додека флибансеринот делува на разни хемиски споеви во мозокот, зголемувајќи го допаминот и норадреналинот, намалувајќи го серотонинот. Токму тоа е причината за сериозните нуспојави кои би можеле да влијаат на нормалното секојдневно функционирање кај некои жени кои би го конзумирале лекот.

„Во суштина, најважниот сексуален орган е мозокот“, вели психијатарот од KBC во Загреб, проф. д-р Јаковљевиќ. Тој нагласува дека зголемувањето на допаминот и норадреналинот може да го зголеми возбудувањето, но таа комбинација може да биде и потенцијално опасна за корисникот.

„Најдобри се природните лекови, а главно емоциите се оние без кои нема добар секс“, вели Јаковљевиќ. Тој додава дека човечката биологија е многу сложена, бидејќи, на пример, на мажот природно во бракот му опаѓа нивото на тестостерон, а сето тоа за да ѝ остане верен на сопругата. Секако, не секогаш, па затоа оние на кои нивото на тестостерон и допамин и понатаму останува високо „шараат“ наоколу, односно, бараат возбудување надвор од бракот. Инаку, истражувањата покажале дека флибансеринот некогаш може да резултира со многу сериозни проблеми, како што се поспаност, низок крвен притисок, несвестици, тегобност, вртоглавица..., кои не можат однапред да се предвидат и можат да го загрозат животот на жената, ако на пример, ја затекне пред воланот во автомобил. Ситуацијата се влошува доколку се конзумира алкохол.

„Жените кои би го користеле овој лек ќе мораат да размислат дали сакаат да испијат неков пијалок или не“, вели Стенли Алтхов, директор на центарот за брачно и сексуално здравје во Јужна Флорида. Навистина, ова истражување е спроведено на мал број испитаници. Но, извршната директорка на американската Национална здравствена женска мрежа, Синди Персон, вели дека скромните резултати за влијанието на овој лек на сексуалното здравје кај жените говори во прилог на тоа дека не се исплати ризикот за сметка на сериозните нуспојави. „Во клиничките испитувања за ефектот кој го има лекот, флибансеринот одвај помина. Само 10 до 20 % од жените кажале дека имале корист од лекот“, рекла Персон.

Рамноправност

Но, не се сите феминистички групи наклонети на тој став. Некои сметаат дека FDA треба да ја одобри розовата пилула бидејќи мажите одамна имаат фармацевтска можност за решавање на импотенцијата. Велат – време е и жените да имаат избор! Тие сметаат и дека оваа прва таблета би можела да покрене и нови истражувања. Од друга страна, се нагласува дека тн. рамноправност меѓу половите ја занемарува сигурносната разлика помеѓу флибансеринот и одобрените лекови за машка сексуална дисфункција, бидејќи е потполно различна индикацијата за употреба и начин на дозирање, па на овој лек треба да му се пристапи повнимателно.

Накратко, кога станува збор за жените, нивното либидо е, велат стручњаците, „пофлуидно“ отколку она на мажите, па според тоа и потешко разбирливо, особено во хемиски поглед. За разлика од мажите, на жените како поттик за секс им се потребни повеќе емоции. Освен тоа, на нив значајно влијае поширокото и поблиското опкружување во кое живеат.

„Сексуалната желба кај жените е чувствителна на околината“, вели Едуард Лауман, социолог од универзитетот „Чикаго“. Исто така, тој ги наведува разликите меѓу мажите и жените.

„Мажите често размислуваат за секс, односно тоа го прават еднаш дневно, а жените помалку. Исто така, мажите сакаат секс почесто отколку жените, а тоа важи и за хомосексуалците“, вели Лауман. Тестирањата на сексуалното возбудување кај жените и мажите докажале дека женскиот сексуален нагон е посложен од машкиот, односно дека мажите многу полесно се возбудуваат од жените. Но, не постои дилема дека на жените, а и на мажите по правило за добар секс им се потребни емоции, а не лекови.

Тоа го потврдува и докторката, инаку семејна, брачна и сексуална терапевтка, д-р Дениса Легац, која вели дека лековите нема да ги решат насобраните проблеми во некоја врска кои кога тогаш ќе резултираат со опаѓање на сексуалната заинтересираност.

„Како терапевт, кога станува збор за сексуалноста, не правам разлика помеѓу мажите и жените. Сметам дека сексуалните потреби се исти и кај едните и кај другите. Имаме различни физиолошки реакци кои секако се потврдени со различните полови органи – вагината, односно пенисот – но, психолошки не постојат разлики“, вели Легац.

Таа објаснува дека и мажите и жените реагираат на позитивни дразби. „Таа сака да слушне едно благодарам за измиените садови или – драга, навистина си убава. Тој пак, сака да слушне – убаво изгледаш, имаш убав задник! Сите копнеат за допир, прегратка, бакнеж... Кога човек е десет години во брак сето тоа се подразбира. По дваесет пати исчистена бања, а никогаш да не се каже фала, може да ја убие желбата за секс кај жената, а тоа ниту една таблета нема да го реши“, објаснува Легац.

Подобар секс

Легац истакнува дека долготрајното молчење на тема секс и за проблемите на заедничкиот живот воопшто, тишината од едната или од другата страна, или од двете страни, може да ја загрози желбата за секс и кај мажот и кај жената.

„Ако нема разговор, координација, сочуство...опаѓа сексуалната желба, а тогаш тоа неретко се решава со прељуба. Некои ќе се скараат, некои и физички ќе се пресметаат, некои ќе се разведат, а оние кои сакаат да ја спасат врската сфаќаат дека треба секојдневно да му даваат значење на партнерот, што без дилема, бара постојана концентрација. Дури и кога правиме едноставни работи, кога џогираме, на пример, треба да бидеме сконцентрирани на површината на која трчаме. Во спротивно – ќе паднеме, а така е и во машко-женските односи. Таблетите за „подобар секс“ нема да го решат проблемот, бидејќи намалената желба не е продукт на физички или физиолошки недостатоци, туку повеќе различни лоши „компоненти“ кои се насобрале во текот на бракот или врската и воопшто во животот, а за тоа нема хемиски лек“, тврди Легац.

Со други зборови, само лекот за душа е патот до добриот секс, а тоа сигурно не се ни малата сина, ниту малата розова таблета, туку меѓусебната посветеност на партнерите, колку и патетично тоа да звучи и без разлика колку фармацевтската индустрија е глува за тој факт.

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото