За национализмот

19.03.2010 10:23
labirintus3.jpg

Национализмот, пред сè, е параноја. Колективна и поединечна параноја. Како колективна параноја, таа е последица на зависта и стравот, а над сè, последица од губењето на индивидуалната свест; па според тоа, колективната параноја не е ништо друго освен збир индивидуални паранои доведен до пароксизам.

Ако поединецот, во рамките на општествениот проект, не е во состојба да се „изрази“, или ако тој општествен проект не му оди од рака, не го стимулира или го спречува како како индивидуа, т.е. не му дозволува да дојде до својот ентитет, тој е приморан својот ентитет да го бара вон идентитетот и вон т.н. општествена структура. Така тој станува припадник на една слободноѕидарска група која си ги поставува, барем навидум, задачата и целта на проблемите од епохална важност: опстанокот и престижот на нацијата или нациите, зачувувањето на традициите и националните, фолклорните, филозофските, етичките, книжевните и други светости.

Со товарот на таквата, тајна, полујавна или јавна мисија, Н.Н. станува човек од акција, народен трибун, привид на индивидуа. Кога веќе сме го свеле на таа мерка, на неговата вистинска мерка, бидејќи сме го издвоиле од стадото и сме го симнале од слободноѕидарската ложа во која самиот се сместил, или каде другите го сместиле, пред себе имаме поединец без индивидуалност, националист, роднина на Жил.

Тоа е оној Жил на Сартр кој е семејна и општествена нула, чија единствена особина е да умее да пребледе при споменувањето на една единствена тема: Англичаните. Тоа бледило, тоа треперење, таа негова „тајна“ да умее да пребледе кога ќе се споменат Англичаните е неговото единствено општествено битие и тоа го прави значаен, постоечки: немојте да го споменувате пред него англискиот чај, бидејќи сите на масата ќе почнат да ви намигнуваат, да ви даваат знаци со рацете и нозете, бидејќи Жил е чувствителен на Англичаните, да му се невиди, сите го знаат тоа, Жил ги мрази Англичаните (а ги сака своите, Французите), со еден збор, Жил е личност, тој станува личност благодарение на англискиот чај.

Ваквиот портрет, применлив на сите националисти, може слободно, а по своја шема, да се развива докрај: националистот, како општествено битие, и како поединец, по правило, е никој. Вон ова определување тој е нула. Тој го запоставил семејството, работата (главно чиновничка), книжевноста (ако е писател), општествените функции, бидејќи тие се премногу ситни во споредба со неговиот месијанизам. Треба ли да се каже дека тој, по определување, е аскет, потенцијален борец, кој го чека својот час.

Национализмот е, да го парафразирам ставот на Сартр за антисемитизмот, целосен и слободен избор, глобален став кој човекот го прифаќа не само кон другите нации, туку и кон човекот воопшто, кон историјата и општеството, тоа е истовремено страст и концепција на светот. Националистот по дефиниција е игнорант (незнајко). Национализмот, значи, е линијата на помал отпор, удобност.

На националистот му е лесно, тој ги знае, или мисли дека ги знае, своите вредности, своите национални или вредностите на нацијата на која и’ припаѓа, етичките и политичките, а за останатите не се интересира, не го интересираат, другите се пекол (другите нации, другите племиња). Тие не треба ни да се проверуваат. Националистот во другите исклучиво се гледа себе си – националисти. Позицијата е удобна. Страв и завист. Определување, ангажман кои не бараат труд. Не само што другите се пеколот, во рамките на националниот клуч, се разбира, туку и сето она што не е мое (српско, хрватско, француско...) ми е туѓо. Национализмот е идеологија на баналноста. Национализмот, не само по своето етимолошко значење, е последната идеологија и демагогија која му се обраќа на народот.

Писателите тоа најдобро го знаат. Затоа под сомнеж за национализам се наоѓа секој писател кој изјавува дека пишува „од народот и за народот“, кој својот индивидуален глас демек им го потчинува на возвишените национални интереси.

Национализмот е кич: во српскохрватската варијанта, тој е борба за превласт околу националното потекло на ЛИЦИТАРСКОТО СРЦЕ. Националистот, во суштина, не знае ниеден јазик, не ги познава другите култури (не го засегаат). Но работата не е толку едноставна. Ако знае некој јазик, како интелектуалец кој има увид во културното наследство на некоја друга нација, голема или мала, тоа знаење му служи само за да воспоставува аналогии, се разбира, на штета на оние другите.

Кичот и фолклорот, или фолклорниот кич, ако така повеќе ви се допаѓа, не се ништо друго освен замаскиран национализам, плодно поле за националистичката идеологија. Замавот на фолклоризмот, кај нас и во светот, не е од антрополошка природа, туку од националистичка. Настојувањето на фамозниот couleur locale (локален колорит) исто така е, ако е вон уметничкиот контекст (значи, ако не е во служба на уметничката вистина), еден од видовите национализам, прикриен национализам.

Значи, национализмот е негативитет, национализмот е негативна категорија на духот бидејќи тој живее на негирањето и од негирањето. Ние не сме она што тие се. Ние сме позитивниот пол, тие се негативниот. Нашите вредности, националните, националистичките, имаат функција дури во односот на национализмот на оние другите: ние сме националисти, но тие се уште поголеми; ние колеме (кога се мора), но тие колат уште повеќе; ние сме пијаници, тие се алкохоличари; нашата историја е исправна само во однос на нивната, нашиот јазик е чист само во однос на нивниот.

Национализмот живее од релативизмот. Не постојат општи вредности, естетички, етички итн. Постојат само релативни. И во таа смисла, во прв ред, национализмот е назадување. Треба да се биде подобар само од својот брат или полубрат, а останатото не ме интересира. Тоа е она што го нарековме страв. Останатите дури имаат право да нè состигнат, да нè престигнат, тоа нам не нè интересира. Целите на национализмот секогаш се достижни цели, достижни бидејќи се скромни, а скромни се бидејќи се подмолни. Не се скока, не се фрла со камен од рамото за да се постигне својот сопствен максимум туку за да се надиграат тие, единствените, слични, а толку различни, поради кои играта и е започната. Националистот не се плаши од никој, освен од својот брат. Но од него се плаши со егзистенцијален страв, патолошки; победата на избраниот непријател е негов апсолутен пораз, укинување на неговото битие.

Бидејќи е страшливец и никој и ништо, националистот не си истакнува себе си повисоки цели. Победата над избраниот непријател, оној другиот, е апсолутна победа. Затоа национализмот е идеја на безнадежноста, идеологија на можната победа, загарантираната победа, никогаш конечен пораз. Националистот не се плаши од никого, „од никој до бог“, а неговиот бог е богот по негова мерка, бледиот роднина. Жил, некаде на друга маса, неговиот роден брат, исто толку немоќен колку и самиот тој, „гордост на семејството“, семеен ентитет, свесен и организиран дел од семејството и нацијата – бледиот роднина Џим. Рековме, впрочем, да се биде националист значи да се биде индивидуалец без обврски.

„Тоа е кукавица која не сака да го признае својот кукавичлук; убиец кој ја потиснува својата склоност кон убиство, немоќен сосем да ја пригуши, а кој, сепак, не се осмелува да убие, освен во тајност или во анонимноста на толпата; незадоволник кој не се осмелува да се побуни од страв од последиците на својата побуна“ – слика и прилика на цитираниот антисемит на Сартр.

И од каде, се прашуваме, е тој кукавичлук, тоа определување, тој замав на национализмот во нашиот период? Притиснат од идеологии, на маргините на општествените движења, збиен и изгубен меѓу конфронтираните идеологии, недораснат на индивидуалната побуна бидејќи таа му е скратена, индивидуалецот се нашол во пукнатина, во празнина, не учествува во општествениот живот, а општественото битие, индивидуалноста му е ускратена во името на идеологијата, и што друго му преостанува освен своето општествено битие да го бара некаде другаде?

Националистот е рефулиран индивидуалист, национализмот е рефулиран (колективен) израз на тој и таквиот индивидуализам, таквата идеологија и анти-иделогија...

(1973)

Илустрации: István Orosz

Други текстови на Окно од истиот автор:

Горчливиот талог на искуството

Совети за младиот писател

За Маркиз де Сад

http://www.youtube.com/watch?

 Одличен текст!

 Одличен текст!

"Национализмот е кич" и страх

"Национализмот е кич" и страх , и комплекси за малоценност. Обичай ближния си... 

Слични содржини

Општество / Теорија / Историја
Општество / Историја
Општество / Gif / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Историја

ОкоБоли главаВицФото