Гнилеж во темелите (Десетта година на груевизмот)

26.08.2015 14:37
Гнилеж во темелите (Десетта година на груевизмот)

ГНИЛЕЖ ВО ТЕМЕЛИТЕ

Живееме во брутализирана култура. Станавме робови на црните хроники. Жртви и пиони во политичко-маркетиншки игри. Адреналинот што го поттикнуваат туѓите несреќи не само што создава зависност, постојано барајќи зголемување на црната понуда, туку и ја анестезира сопствената несреќа. Таквата патолошка атмосфера може да се одржува некое време, можеби дури и пар години, но долгорочно балонот е осуден на пукање. Што сега баш и не е некоја утеха...

Ми се чини дека брутализацијата на нашата култура се засили по првата година од мандатот на Љубчо Георгиевски, 1999-та, пред сè со насилничките избори кои ги доби Борис Трајковски, т.е. коалицијата меѓу ДПМНЕ и ДПА; врвот на брутализирањето на политичкиот контекст го доживеавме 2001 година, низ воениот конфликт меѓу регуларните државни оружени сили и одметнатите албански бунтовници.

Тогаш македонското општество прими една многу силна порака: мошне е исплатлива радикализацијата на отпорот! Колку си понасилен и поедностран во барањата - толку ти се поголеми шансите за општествено признание! Али Ахмети стана симбол на метеорски политички успех: му требаа само неколку месеци да го изоди патот од терорист до мошне влијателен државен фактор.

Се разбира, не сакам да кажам дека главната причина за грубоста на нашата современост се Љубчо Георгиевски и Али Ахмети. Општеството почна понагласено да се брутализира уште во почетокот на деведесеттите, кога ресурсите стануваа сè поскудни, а апетитите на поединци сè поголеми. Брутален е богами и самиот капитализам, особено неговата сурова неолиберална варијанта што обично загосподарува со вакви кревки и сиромашни држави каква што е нашата. Без, значи, да ги амнестирам другите важни фактори кои придонесуваа и придонесуваат Република Македонија да стане опасно, налудничаво и несигурно место за живеење (тука пред сè мислам на СДСМ и Бранко Црвенковски), сепак ми се чини дека најголем придонес за зовриените страсти, за омразата и нетолерантноста, дадоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Се разбира, тие две партии имаат сериозни и длабоки (пред сè , емотивни, психолошки, што значи делумно ирационални) причини зошто ја мразат сопствената слика за македонското општество: зашто тоа со децении не било доволно инклузивно и зашто било неправедно, т.е. устроено по дамнешните дискриминаторски социјалистички механизми. Таа своја самосожалива социјална фрустрација ВМРО ни ја зашлакува и ден денес, иако веќе 17 години таа партија во огромна мера влијае на сите општествени текови, и државни и граѓански, и официјални и неофицијални, и културни и економски и полициски и криминални... ВМРО практично по трет пат формира влада и денес е сосема стеснет просторот и понатаму да се негува митот за попреченоста на општественото признавање на вмровските националисти. (Впрочем, повеќето националисти солидно поминуваа и во социјализмот; тие и тогаш имаа значајно влијание во политиката, како што и повеќето "умерени" националисти имаа влијание во републичките политики во рамките на СФРЈ; затоа и беше донесен "конфедералниот" устав од 1974 година...)

Но, секако дека поважна од некогашната партизација е онаа која ни се случува денес и која ја спроведуваат сите партии што стапнале во македонското собрание и во локалната власт; таа партизација изминативе седумнаесет години попречи десетици илјади главно млади луѓе да ја стекнат сопствената општествена верификација. Цели речиси две децении успехот, особено економски, до тој степен беше партизиран што дури и од тој аспект еднопартискиот социјализам изгледа како општествена идила на инклузивноста и толерантноста.

Така веќе не можеме да продолжиме. Во моментов не е потребен голем политички ум за да се види дека продолжувањето на ваквото политичко насилство нема да нè одведе во ЕУ туку во латентна граѓанска војна, секој против секого!

Насилството во школите, на пример, е само барометар колку општиот контекст е силеџиски... Моите генерациски пријатели и познаници кои работат како наставници и професори се шокирани од грубоста и незаинтересираноста на новите генерации ученици и студенти... Дури и на (некогаш) најелитните скопски факултети доаѓаат арогантни, празни и нељубопитни младинци... Ученичките тепачки и убиства се само симптоми на подлабоко заболеното општествено ткиво... А оној што најсуштински ја генерира атмосферата на насилство веќе го спомнав; најчесто станува збор за власта која сè побрзо и побезмилосно низ гола моќ сака да ја ефектуира победата на изборите. (А примарната задача на власта е сосема обратна: таа треба да биде мека, обединувачка и праведна...)

Во поново време, неизбежен фактор за брутализација на целокупната култура станаа медиумите. Просто е неверојатно до каде оди падот на професијата! Ретко кој ги проверува информациите! Полицијата и капиталот станаа главни уредници на речиси сите весници и телевизии во земјата! Перверзната воајерска публика, низ тајните камерчиња на "полициските соработници", секоја вечер ја прима својата џанкерска доза интриги и сплетки (а за тоа време, одново раководени од матни политички и параполитички структури, течат спектаклите за лустрација и кобајаги се ловат стари кодоши, сè со цел да се пумпа адреналинот, нон-стоп!). А како капак на сè , истата зависничка публика (т.е. самите ние, сè помалку наѕирајќи сè себеси во матните екрански рефлексии...), раководена од своите новинарски макроа-дилери со жестоки вести, божем се згрозува пред сликите на тинејџерски петинг! Леле леле! Адолесцентите што го откриваат сексот всушност ги загрозувале вишните морални темели на едно подгниено општество...

ПРОТИВ ГЕБЕЛС!

Кога гледам колку безочно и пропагандистички новинарите и политичарите морализираат и манипулираат со сликите на стварноста, ми доаѓа на ум разликата меѓу детето и адолесцентот, за која зборува Фројд. Според него, детето не го меша светот на своите игри со стварноста, за разлика од адолесцентот, кој верува во своите претстави. Следејќи ја аналогијата, на таа скала на регресија би можеле да го придодадеме политичарот/новинар кој ем верува во своите игри како во стварност, ем манипулира со перцепциите на другите, ем одвратно морализира, како во случајот со "разузданите" адолесценти што се снимаат со мобилни телефони.

Уште во триесеттите години на 20 век, Рудолф Арнхајм, големиот теоретичар на културата, предвиде дека човечкото суштество ќе ги испомеша сетилно согледаниот свет со мисловно интерпретираниот свет и дека гледањето ќе се претвори во разбирање. Арнхајм напиша дека "телевизијата ќе биде еден од најтешките испити за нашето осознавање. Таа ќе ни го збогати духот, исто онолку колку што ќе го умртви".

Современите медиуми, значи, играат токму во хаотичниот простор помеѓу гледањето и знаењето, помеѓу гледањето и разбирањето. Во диктатурата се служат со цензура; во демократијата - со манипулација. Ако тоталитаризмот спроведуваше "цензура", сега ни се случува сензура, како што вели Бернард Ноел, одземање на смислата, тортура на "сенсот".

Современикот на Арнхајм, големиот и несреќен полски писател Бруно Шулц, во 1934 година го изложи својот концепт на манекенот. Доаѓа време на ликови без густина и карактер, вистински морални ништожници. Стварноста ќе стане тенка како новинска хартија и во сите пукнатини ќе зрачи со својата имитативност. Доаѓа друга генерација суштества, евтини кукли. Суштества заглавени во мономанијата на духот. Човекот е деградиран на улога на манекен. Маѓепсан е со безвредноста, евтиноста, шупликавоста.

Како Гебелс да ја навести нашата епоха, со своите политичко-маркетиншки стратегии: "Не зборуваме за да кажеме нешто, туку за да постигнеме одреден учинок". Целата современа политичка сцена, на чело со ЕУ-манекените (и нормално, со нашите политички кукли, на опашката од карневалската процесија) наликува на банда мрсулковци построени пред дијаболичниот учител на политиката сфатена како пропаганда (а и самата ЕУ, додуша во една мошне разблажена и испрана варијанта, наликува на хитлеровските фантазии: пак ја имаме светоста на Европа како ариевска тврдина, пак имаме ксенофобија и доминација на начелото "крв и почва" кое предизвикува "мек" фашизам спрема малцинствата /во Грција и Бугарија, на пример/, пак имаме закани од варварите и потрага по проширен империјален простор...).

Но, за да не заглавуваме во погрешна тема и за да излеземе од јаловите апокалиптични споредби, ќе изложам интересен пример за медиумско образование, она што нам ни треба неспоредливо повеќе од верско образование, на пример.

Станува збор за проект спроведен во едно од најпроблематичните и најсиромашните јавни училишта во Лос Анѓелес (опишан во книгата "Слободна култура" од Лоренс Лесиг). Откако учителите сфатиле дека "класичните образовни методи" немаат никаков ефект врз учениците, на помош дошле професионалците од Институтот за мултимедиумска писменост. Тие воспоставиле програма која на децата им овозможила со помош на филмот да го изразат она што најдобро го познаваат - насилството и огненото оружје. Таквиот тип настава доживеал невиден успех: учениците не можеле да ги истераат од училиште! Со помош на едноставни алатки, собрани од Интернет, децата учеле како да ги спојуваат сликата, тонот и текстот. Медиумот со кој работеле, како и блиската тема, создале мошне висок степен на експресивност, тешко остварлив во исклучиво "текстуалното" или вербално образование. Учителите сфатиле дека образованието во прв ред треба ги учи децата како да ја конструираат мислата, а не само механички да научат да читаат и пишуваат. Еден од мултимедиумските учители објаснува:

"Намерата ни е на учениците да им покажеме начин на којшто ќе можат конструктивно да мислат. Ако им дадете само текст, ништо нема да направат. Зашто не умеат. Земете го, на пример, Џони, кој може да погледне видео, да изигра некоја видео-игра, да исцрта графити по ѕидовите... Единственото што не може е да го прочита вашиот текст. И вие му велите: "Џони, ти си неписмен, сè што правиш е безначајно." Тогаш Џони има избор: може да ве отфрли вас или себеси. Ако егото му е барем малку здраво, тој ќе ве отфрли. Но, ако наместо тоа вие кажете: "Со сите овие работи кои умееш да ги правиш, ајде нешто да создадеме: отсвири ми нешто за што мислиш дека ќе ја долови темата за која зборуваме, или покажи ми слики, или просто насликај ги." Значи, не само да се даде камера и низ забава да се прави филм, туку да му се понуди на детето да ги земе сите елементи што ги разбира, кои се негов јазик, за врз основа на тоа да може да "конструира смисла" за некоја тема. Тоа на децата им дава голема сила. Она што потоа се случува, се случувало отсекогаш: тие се судираат со сопствената самосвест: "Имам потреба ова да го објаснам и затоа морам нешто да напишам." И како што еден од наставниците ни рече, потоа учениците преправале еден пасус по пет, шест, седум пати, сè додека не го напишат како што треба. Зашто тоа им е потребно. Имало причина. Имале потреба нешто да кажат, наместо само да скокаат низ вашите обрачи. Морале да се послужат со јазикот што не го знаеле добро. Но, најпосле ја сфатиле сопствената моќ употребувајќи го овој јазик."

РЕДОСЛЕД НА ЧЕКОРИ

Најавените реформи во образованието (задолжителното средно, деветолетката, воведувањето веронаука, компјутеризацијата и изградбата нови училишта) веројатно се најрадикалниот политички потег од осамостојувањето навака. Владата заслужува почитување заради храброста да воведува крупни реформи во едно со години занемарено поле чијашто важност речиси не може да се прецени; развиеноста на образованието е правопропорционална со вкупната развиеност на едно општеството.

Во тој поглед, како премиер спремен да преземе ризици, Груевски навистина, барем на почетокот на неговиот мандат, изгледа револуционерно во однос на толку зихерашката и статична политичка практика на неговите претходници. Главна карактеристика на сите досегашни влади беа инертноста и воздржувањето од подалекусежни промени (освен од оние кои беа наметнати однадвор или од кои полза имаа исклучиво силните лоби групи стратегиски распоредени околу секоја власт). Таа инертност на владеењето веројатно е една од главните причини за сегашната општа апатија во која, се чини, секојдневно тонеме сè подлабоко. Тонеме и покрај радикалноста и, повремено, дури, и револуционерноста на новата влада.

Таа апатија, всушност неверувањето на граѓаните дека земјава реално може релативно брзо да се промени кон подобро - е главната пречка со која се соочува секоја власт. А како оди времето, впечаток е дека само расте недовербата на граѓаните како во власта така и во своите сопствени потенцијали.

На тој план, на обединување на граѓаните во еден снажен фронт кој има консензус околу клучните развојни насоки, владата на Груевски секојдневно прави сериозни и речиси непоправливи грешки. Не е работата да се пумпа рејтинг и притоа да се поларизира општеството. Груевски нема да ја подигне земјава со 25% од гласачите кои го поддржуваат.

Нам ни треба консензус, макар мек, макар воопштен, консензус кој ќе го покаже единството на интересите на сите граѓани во Република Македонија. Промоцијата (или одбраната) на демократијата во голем дел лежи во тој однос на поврзаност, којшто треба да се открива и долу, во секојдневието, а не само низ државотворната реторика. Груевски не прави ништо на тој план. Напротив, по стариот вмровски обичај, општеството се поларизира, често околу сосема неважни работи.

Еден од примерите за несуптилноста на владата е токму образованието. И покрај храброста и добрите намери, нереално е една година по обелоденувањето на идејата за задолжително средно образование, таа да влезе во примена. Еден толку крупен зафат, дури и во многу поразвиени општества, се подготвува со години и се внимава на цела низа детали, кои баш и не се детали, кога ќе се префрлат на реалниот терен, надвор од декларативните заложби на власта.

Најпрвин, во волку руинирано образование, тешко дека приоритет треба да биде негово ширење. Слободан Милошевиќ имаше слична политичка тактика, обично катастрофална според последиците: секој проблем го решаваше на начин да направи поголем проблем, во кој ќе го стопи помалиот. Не ни чини основното образование? Нема проблем! Ќе направиме задолжително средно! Насилството во училиштата ќе го решаваме со морализирање и веронаука! А актуелната класна сегрегација ќе ја решаваме со верска сегрегација! Во нашите училишта не се застапени понови програмски содржини од низа извонредно важни области: од медиумското, преку политичкото до сексуалното образование. Целиот образовен концепт ни е непоправливо застарен!

Современите образовни политики во поразвиените земји одат во сосема спротивна насока од онаа која ни се нуди нам, меѓу другото и низ веронауката: во светот, на пример, се напушта "светоста" на школскиот учебник, "безгрешноста" на знаењето на професорот, "схоластичките" методи во пренесувањето знаење... Се преиспитуваат дури и основните цели и мисии на образованието! Во образовните системи сè постојано се менува: местото на различните дисциплини, нивната вредност изразена преку коефициенти, училишните програми, образовните потреби, односите во училиштата итн. Но, се менува со усул, стратегиски и со максимална вклученост на сите засегнати и упатени.

Упатените кај нас велат: задолжителното средно образование е одлична идеја, но поставена во перспектива! Прво, на пример, да се среди опфатот во основното образование! Во европски рамки, ние веројатно сме земја која има најнизок опфат на деца во основното образование! Илјадници (пред сè ромски деца) детството го поминуваат на улица...

Компјутер за секое дете - да, но пред тоа треба да има клупа, столче, да му биде топло, да не биде гладно, да има тоалет и фискултурна сала.

Сто нови училишни згради? Супер, но прво да се завршат тие десетина што сега се градат. И да се види како ќе функционираат. Како може локалната власт да изгради нова зграда ако во моментов нема пари за нафта за греење на старата зграда?

Со еден збор, владата не знае да направи редослед на потези и хиерархија на приоритети. Повторувам: импонира ентузијазмот на новиот премиер. Но, фрапира неговото неснаоѓање. Со низа потези (како со најновиов, да се читаат неговите писма на наставничките колегиуми) премиерот државава ја третира како сопствена партија. А притоа како да не знае дека дури ни на партиско ниво политиката веќе не се спроведува преку декрети и "народна" волја, туку преку стратегии, процедури и низ буџет! Ако образованието треба да биде приоритет (а треба, за тоа често сум се залагал во колумнава) треба да се понуди одржлива стратегија која, меѓу другото, ќе се потпира врз зголемените ставки за образование во државниот буџет.

Слики: Свирачиња
Извор: Утрински весник, март 2007.
Гнилеж во темелите
Против Гебелс!
Редослед на чекори