Македонецот се радува на палмите како чесна сестра на вибратор!

27.08.2015 13:17
Македонецот се радува на палмите како чесна сестра на вибратор!

Ги гледам палмите пред хотелот "Русија". Потпрени на по три стапа умираат бавно и исправено. Како Исус на крстот. Ја гледам смртта во живо. И умот ми лета накај Сахара: во мислите гледам филм во кој некој луд бедуин потпрел дваесетина вмровци на стебла од палми и чека да почнат да даваат млеко! Така му рекол некој пророк, дека давале пет пати повеќе млеко од камилите, а јаделе само говна!

Палмите не се донесени во Македонија од некој трговец, морепловец или офицер со роза; тие се политичка инсталација на туѓото. Како што е Скопје 2014 или Внатрешната македонска револуционерна организација како таква. Како што е новиот историски геном и разулавената агресија на примитивноста. Како што е апашанатот. Сè се тоа туѓи работи кои не се дојдени тука низ некаков процес на размена на вредности, ориентации и аспирации туку како еднократна и беспоговорна инсталација со исиловска насилност во однос на автохтоните вредности и констелации. Како Лајбах во Пјонгјанг со Ким Јонг Ун како фронтмен. Како кисела вода во Дом Перињон!

Палмите или зградите и фасадите на Скопје 2014 не се поставени зашто се убави или нови или зашто се плодни или функционални, туку затоа што го шокираат амбиентот, го принудуваат на повлекување и преиспитување човекот во неговите вообичаени контексти, го изместуваат, му прават хаос, кој потоа тој се обидува да го смири во себе велејќи си дека тој што тоа му го прави е семоќен и ја заслужува неговата покорност. Вообичаени рефлекси на ропските души. Македонецот оди и чекор понатаму и во јавниот процес што во најдобрата традиција на сталинизмот му го приредува вмрото, тој е принуден да признае дека под комунистите ја предал националната кауза така што дозволил да биде оформен, всушност, да се роди како национален субјект. Не требало да дозволи да биде зачнат, требало да го задави комунистичкиот сперматозоид или да предизвика рак во матката на историјата или во крајна линија да се абортира самиот себе. И уште повеќе: самиот почнува да бара да биде демакедонизиран, десубјективизиран и подложен на сите можни казни кои никогаш нема да можат да го достигнат нивото на неговиот грев, независно од тоа дали ќе се реди како егзалтиран посетител пред Музејот на жртвите на комунизмот, односно на себе си како жртва на комунизмот или ќе им се радува на палмите и на фонтаните како, што би рекол Анте Томиќ, чесна сестра на вибратор!

Сакам да кажам дека садењето палми и сета таа диригирана хистерија (сите садат палми, уште малку па нема да можеш да отвориш бутка за весници или вечерно училиште за неписмени, ако пред објектот немаш палма), не се материјал за заебантските рубрики по медиумите туку се многу важен аспект на националното прашање.

Тој ритам на менување на агрегатната состојба на Македонецот во гасна состојба, односно во ништо, ги прави прилично бесмислени дебатите околу имплементацијата на договорот од Пржино. Дали Македонија ќе биде една изборна единица или нема да биде една, дали на претстојните избори ќе се оди со мнозински или со некој пропорционален или комбиниран изборен систем, дали и со какви квоти на изборите ќе учествува дијаспората, дали избирачкиот список ќе се чисти или наново ќе се пишува, па дури и прашањето за специјалниот обвинител така како што е поставено во споменатиот договор и како што се третира во досегашниот тек на расправата во работните групи, се пичкини димови во однос на реалните проблеми со кои се соочува Македонија! Тенденција, и тоа диригирана интенција, е така да се гледа и на тоа дали на тие избори ќе победи Курто или ќе победи Мурто, да се спушти малку таа напнатост, да се избрише важноста на изборот и пред гласачките кутии да се излезе како пред слот машина без пари.

Македонија има проблеми со изборите, со избирачкиот список или со изборниот модел и со учеството на дијаспората, но тие проблеми немаат совршено никаква врска со изворите и со природата на македонската калварија. Специјалниот обвинител што ќе го изберат четирите автори на катастрофата може да биде само некоја специјална будала, дури и со совршено решени законски прерогативи тој ќе заврши како глупава жаба во зовриената вода на примитивната политика. Пред десетина денови во "Слободен печат" имаше наслов: И власта и опозицијата оптимисти во врска со специјалниот обвинител! Тоа е можно, како што му е познато на секој колку-толку нормален човек, но не треба да се заборави дека во тој случај граѓанството ги има сите причини да биде крајно песимистично во врска со развојот на самата идеја за специјалниот обвинител.

Всушност, се покажува и тоа многу убедливо се покажува, дека договорот од Пржино немаше намера да ја реши македонската криза туку само да го спречи обидот за нејзино решавање преку сенародно востание што беше почнало да се тркала по улиците и плоштадите ширум Македонија, а обидите да се имплементира тој договор е обид да ѝ се обезбеди на кризата траен карактер.

Ние имаме власт која во однос на националниот организам се однесува како рак на белите дробови, политичкиот систем и културната матрица се амбиент во кој канцерот се шири и метастазира, а опозицијата обожава да ја игра улогата на расолница која ѝ се самопрепорачува на нацијата како лек со кој таа ќе го победи ракот! Тонот со кој се обраќаат и власта и опозицијата го растерува чадот од бомбите како вентилатор пред пувеж од кисела зелка. Смрди во Македонија, смрди та корне, како што може да смрди во земја која е меѓу дваесетте земји на планетата што се наоѓаат во најдлабока криза; луѓето, а посебно нивните политички претставници, со помош на меѓународната заедница, се трудат во таа смрдеа да препознаат некои линии на "хермес медитеран" или, дури, на "маст од картие".

Ние можеме да имаме однос кон така поставените општи работи само како кон нешто што треба да се урне. Драматично да се урне, без пардон, без жал! Сè! Или, ако се фатиме во немоќта да урнеме што било, да го оставиме да скапува во киселината на нашата игноранција и ароганција. Сè друго од луѓето прави будали: од следењето на расправите во работните групи, до можното убиство на последните остатоци на самопочит на некакви избори. Подобро е да ѝ ја отстапиме Македонија на Европа: таа ќе знае да направи тука убав бегалски камп, од Триумфекалната капија убава лулашка за децата бегалци, а од Муузејот на смртта шок соба за пациентите со тешки психички трауми!

Ќе одам на одмор. Ќе одам таму кајшто одат оние што нема што да кријат! Моите тајни да поспијат. Јас, уствари, не сум за таа лепота. Невработена будала со пари без власт. Ах Сивота, ах Сивота!

Слики: Александар Јосифовски - Ноќта на живите мртовци

Извор: Слободен печат