Америка на Набоков

27.08.2015 14:51
Америка на Набоков

На трети февруари 1954 година, Владимир Набоков му напишал писмо на Џејмс Лауглин, основач на издавачката куќа New Directions: „Дали би ја објавиле темпираната бомба што токму ја завршив?

Станувало збор за Лолита, приказна за средовечен педофил кој сексуално искористува дванаесетгодишно девојче. Се покажа дека Набоков прецизно го најавил својот роман.

Поради заканата дека ќе биде забранета, а нејзиниот автор и издавач ќе завршат во затвор, книгата го чекала американскиот издавач речиси пет години. Кога Лолита конечно се појавила во Америка, во ноември 1958 година, навистина експлодирала како темпирана бомба: главниот критичар на Тајмс, Орвил Прескот, напишал гневна критика во која романот го нарекол „одвратна... интелектуална порнографија“. Лолита веднаш станала бестселер и го соборила рекордот на продажба во првата недела, кој го држел романот „Однесено од виорот“. Што е уште поважно, со тек на времето оваа книга на Набоков му го обезбеди угледот на мајстор на англиската проза во која само Џојс е ненадминлив.


Во предговорот на Лолита, Набоков, под име на докторот по социологија, Џон Рај, пишува дека „големото уметничко дело, секако, секогаш е оригинално и затоа доаѓа, повеќе или помалку, како шокантно изненадување“. Речиси шеесет години подоцна таа книга сè уште е шокантна, не само поради темата. Подеднакво необичен е фактот дека тој роман толку веродостоен во евоцирањето на подробностите од животот на американската средна класа во средината на векот, толку прецизен во репродуцирањето на каденците на американскиот говор – од њакавиот тинејџерски сленг на Лолита, до отменоста на членовите на книжевниот клуб од предградието на Шарлот Хејз и високопарното ломотење на директорката на училиштето за прогресивно образование – го напишал некој руски емигрант кој во земјата не поминал ни две децении.

Набоков пристигнал на тој брег без скршена пара и без планови, во 1941, кога имал четириесет години, а почнал да пишува на англиски кратко време пред да се качи во авион за Америка. Како една толку целосно – толку одредбено – американска книга, можела да настане во толку неповолни околности, од навидум толку малку веројатен извор?

Многу елементи за Лолита, меѓутоа, веќе биле поставени во времето кога Набоков пристигнал во Америка. Роден во аристократско руско семејство, побегнал од Санкт Петербург кога имал осумнаесет години (кога богатството на неговото семјство од 140 милиони долари преминало кај болшевиците) и се сместил во Берлин, каде во текот на дваесеттите и поголем дел од триесеттите години напишал низа романи кои се доказ за неговите извонредни камелеонски способности, т.е. неговата способност да ги согледа и усвои нијансите на секоја средина во која ќе се најде. Романот Крал, кралица, џандар напишан е од повеќе лични перспективи: на богат берлински бизнисмен, на неговата предизвикувачка жена и на нивниот неугледен и несмасен внук. Во Смеење во темница Набоков проговара со гласот на германски историчар на уметност, на германски карикатурист-садист и на нивната заедничка fräulein, а во Очајување беспрекорно се камуфлирал во растроениот лик на руско-германски произведувач на чоколади и убиец. Во тие рани романи, како и во Лолита, Набоков покажа склоност кон сексуално скандалозните теми и кон растроените и опсесивни наратори во прво лице (Херман Херман, разочараниот протагонист во Очајување е директен предвесник на Хамберт Хамберт). Фактот дека тие книги се напишани на руски јазик во извесна смисла е случаен, бидејќи Набоков кој научил англиски во раното детство и поминал четири години на Кембриџ, знаел англиски еднакво добро како и руски.

Но, како што Роберт Роперт забележува во својата нова биографија „Набоков во Америка: на патот кон Лолита“, првите седум години на Набоков во Америка биле пресудни за развивање на „смелоста“ и „американската дрскост“ кои ќе му овозможат, во летото во 1948 година, да почне да го пишува исклучително храбриот и провокативен роман – Лолита.

Пред официјално да зачекори на тлото на САД, Набоков и неговата избрана земја имале многу заеднички нешта. И покрај подоцнежното мрзоволие, Ропер вели дека овој руски писател бил вечно дете, разигран, провокативен, жив и спонтан – особини кои се исклучително важни за атмосферата во Лолита.

Кога пристигнал на американската царина, со сопругата Вера и четиригодишниот син Димитриј, на последниот брод од Франција која била окупирана од нацистите (како Еврејка, Вера била посебно загрозена), Набоков доживеал симпатична средба со службеникот на граница кој, додека го прегледувал багажот на семејството, здогледал пар боксерски ракавици, па шегувајќи се почнал да се боксува со колегата.

Во својата книга „Владимир Набоков: годините во Америка“, биографот Брајан Бојд пишува дека „многу години подоцна, додека Набоков ја прераскажувал таа приказна, и понатаму фасциниран од американската лесна, пријатна и опуштена атмосфера, воодушевено повторувал: „Каде на друго место би можело тоа да се случи? Каде би можело тоа да се случи?“

Во новата земја Набоков го следеле добро расположение и среќни околности. Иако пристигнал без пари и без цврсти изгледи за вработување, набрзо добил привремена работа како предавач по компаративна книжевност на „Велсли“. Во 1948 година го прифатил полниот професорски ангажман на „Корнел“, каде што предавал руска книжевност.

Првпат откако го изгубил наследството во руската револуција, стекнал финансиска сигурност. Во текот на двегодишниот егзил во Европа, живеел речиси во сиромаштија и едвај го издржувал семејството давајќи приватни часови по тенис, јазици и бокс. Роперт - и самиот романсиер кој добро знае дека паричникот на писателот може да влијае на неговата/нејзината работа – истакнува дека новонастаната финансиска сигурност која ја стекнал во Америка му пружила на Набоков душевен мир неопходен за да се фати во костец со Лолита, романот кој немал големи шанси за објавување.

Лолита не е првиот обид на Набоков да напише приказна за педофил заљубен во дванаесетгодишно девојче кој се жени со нејзината мајка за да биде поблиску до предметот на својата љубов – и кому девојчето му паѓа в раце веднаш по прераната смрт на нејзината мајка. Првиот обид е кратката новела „Волшебник“, напишана на руски јазик, кратко пред заминувањето во Америка. Таа новела, која во 1986 година постхумно ја објавиле Вера и Димитриј Набоков, покажува колку атмосферата во Америка била важна и придонела Лолита да стане толку значајно дело.

Додека „Волшебник“ е необично мрачен и неодреден текст, Лолита е голема, весела енциклопедија, полна со детали за Америка и ја опфаќа целата американска географија, од исток до запад, од север до југ; додека Хамберт беснее на своето патување со автомобилот и со својата малолетна сексуална робинка (патувањето ги следи истите патишта - извесно, многу помирните - на патувањата коишто Набоков ги повторувал секое лето со сопругата, минувајќи го времето во лов на пеперутки).

Енергијата во романот во голема мера произлегува од љубов/омраза односот на Набоков спрема повоената американска култура на евтини телевизиски програми, лоши вестерн филмови, врескави џубокси - опојното ѓубре кое ја проникнува приказната за сексуалната опседнатост на културниот Европјанин со американското девојче во чорапчиња или како што ја опишува Хамберт, „идеална консументка, субјект и објект на секој беден плакат“.

Набоков секогаш ја одбивал етикетата на сатиричар и да се каже дека Лолита просто го сецира американскиот материјализам од педесеттите години би било вулгарно поедноставување; низ целата книга се провлекува чувството на хипнотизирачко чудење и ведрината на веселиот конзумеризам на земјата и нејзините жители. Набоков нескриено уживал во наведувањето на примери за тој конзумеризам кој грижливо го вградил во текстурата на Лолита. Алфред Апел во својата прекрасна книга „Анотирана Лолита“ го пренесува огласот за фустанот Viyella кој Хамберт го споменува кога за себе вели дека многу наликува на црнокосиот машки модел од огласот.

(Моделот навистина наликува на актерот Џејмс Мејсн, кој подоцна ќе го игра Хамберт во Кјубриковата адаптација на Лолита – што добро ја предочува конкретноста на Набоковото имагинарање на ликовите и начинот на кој будалестите американски ефемерности ја разгореле неговата имагинација.) Во тој дух, во постхумно објавената книга на Набоков „Предавања за книжевноста“ препечатен е баналниот оглас кој писателот им го покажувал на студентите на „Корнел“ како пример за еден вид исончан американски материјализам и кич (на руски: пошлост): тоа е оглас за есцајг на кој млада домаќинка, со склопени раце и очи што блескаат, ја набљудува кутијата со приборот за јадење. Тој оглас, кој Набоков го нарекол „Обожавање лажици“, одиграл важна улога во создавањето на ликот на вдовицата од предградието, Шарлот Хејз. Од трогателното ѓубре се родило ремек-дело.

Кога говори за американските извори во Лолита, Роперт забележливо изостава некои елементи. (На пример, не го споменува откритието на Михаела Мара дека Набоков можеби го „позајмил“ заплетот на Лолита од приказната на Хајнц вон Лихберг, напишана на германски во 1916 година, за сексуалната фасцинација на средовечен човек од многу млада девојка по име... Лолита.) Тој настојува да состави список на американска литература која можела да влијае на Лолита, и на кој, за чудо, се нашле и некои класици. Меѓу нив и „Моби Дик“ и романите на Вилијам Фокнер, за кои Набоков рекол дека ни малку не му се допаѓаат или дека воопшто не ги прочитал. Но, тезата на Роперт е интересна, а мислам дека е и точна: тој вели дека живата и ведра непосредност на вистинската Америка во средината на XX век – а не правливите застарени класици – му дала поттик на Набоков и од руски имигрант кој се чувствува како риба на суво, го претворила во самоуверен американски колос кој ја напишал Лолита.

Како во бајките, големиот комерцијален успех на тој роман, на Набоков кој тогаш бил на прагот на шеесеттите години, му го вратил богатството кое го изгубил како тинејџер. Истиот успех на крајот трајно го иселил од Америка. Во 1961 година Вера и тој се сместиле во хотелот „Палас“ во Монтре, на брегот на Женевското езеро, каде Набоков целото свое време го посветувал на пишување. Во интервјуата зборувал дека тој и Вера имаат намера да се вратат во Америка. Меѓутоа, поради напредувањето на староста и некои семејни причини (неговиот син живеел во соседна Италија), не го направиле тоа. Меѓутоа, до смртта во 1977 година, Набоков за себе зборувал како за американски писател.

Извор: pescanik.net

Како настанала Лолита?

ОкоБоли главаВицФото