Папратен Рид

27.08.2015 18:32

Кога бев така млад и безгрижен под јаболкниците
Околу распеаната куќа и среќен среде зелени треви,
Ноќта над долчето ѕвездородна,
Времето ме пушти со клици да се јазам
Позлатен во џагорот на неговите очи,
И меѓу запрегите славен, јас принц бев јаболкоградски
И пред памтивек дрвје и лисје ми буеја гордо
Среде јачмен и темјанушки мирисни
Низ реки ненадно дарувани зраци.

И кога бев млад и немарен, јунак кај амбарите
Во веселиот двор и распеан што фармата ми беше дом,
На сонцето што еднаш само е младо,
Времето ме пушти да си играм така
Позлатен во неговата милост,
Та зелен и златен, јас ловец бев и пастир, јунци
Ми пееја на рогот, в ридјето се јаснеше студен лисичји лаеж
И недела се камбанеше бавно
Во чакалот на светите стерни.

Преку сончевина тоа трчаници, краснотија, ливадите
Никнале до над кров, од оџаците свирки, саде воздух
И игра, тоа красно и накиснување
И оган зелен ко трева.
А ноќе под јасните ѕвезди
Дури в сон јаздев, утовите фармата ја креваа со себе
И под месецот, меѓу шталите блажен, ги слушав
Ластовиците кај со стоговите едрат
И коњите кај што искрат во мракот.

И тогаш се будам и ете ја фармата вратена, ко скитник
Исплакнат в роса и со петлето на рамо: па тоа саде
Сјај, тоа Адам и дева,
Небото одново се прибра
И сонцето токму тој ден се вкружи.
Мора да беше откако јасната светлина се роди
Во првото вително место, маѓосаните коњи
Топли врвеа од забревтаната штала
Кон полињата литаниски.

И честит меѓу лиските и селаните кај ведрата куќа
Под новородени облаци и среќен колку што срцето се пружа,
В сонцето сè наново доносуван,
Немарните дни си ги трчав,
Желбите џагорливи ги летав низ куќи,
И, смајан со сини небесии, не берев гајле што времето,
На сите милозвучија, малку такви утрински песни дава
Пред децата зелени и златни
Од милоста со него патот да го фатат.

Не берев јас гајле, тие јагнобели дни, што времето
За сенката од ракава ќе ме одведе в ластовичја вишност
По месечина што везден изгрева,
Ниту дека, дури јаздам в сон,
Ќе го слушам кај што лета со високите ливади
И ќе се будам без фармата неврат замината од бездетната земја.
О, кога бев млад и безгрижен в негова милост,
Времето за рака ме држело да венеам зелен
Иако в прангите како морето пеев.

Препев: Огнен Чемерски

Дилан Томас (Dylan Marlais Thomas; Swansea, 1914. - New York, 1953.), англиски поет. Живеејќи еден неуреден, боемски живот, починал во 39-та година, за време на турнеја во Њујорк. Остварувајќи изворна и импресивна верзија на надреализмот, со доживувањата од детството во средиштето, со својата лирика го зазема едно од првите места во модерната англиска поезија.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото