Интервју со Тарик Али: Сириза би можела да заврши со тотална капитулација

28.08.2015 12:24
Интервју со Тарик Али: Сириза би можела да заврши со тотална капитулација

Тарик Али е еден од најзначајните левичарски интелектуалци на денешницата, за кој и Ролинг Стоунс („Street Fighting Man“) и Џон Ленон („Power to the people“) напишаа песни. Роден во 1943 година во Лахор, Тарик многу брзо стана политички активен, учествувајќи во протестите против воената диктатура во Пакистан.

За да го заштитат, родителите го праќаат во Англија, на Оксфорд, каде што студирал филозофија, политика и економија. Таму брзо се придружува кон студентското движење и станува една од главните фигури на британската 68-ма. Повикан од страна на Жан Пол Сартр и Бертранд Расел, заминува во Виетнам за да сведочи против американските злосторства. Во тој период го запознава Малком X, а во 1967 година се нашол во Боливија, недалеку од местото каде што е фатен Че Гевара, за да го следи судењето на Режис Дебре.

Владата го обвинува дека е кубански револуционер, а Тарик им одговара: „Можете да ме мачите цела ноќ и ако до утре проговорам шпански, ќе ви бидам благодарен до крајот на животот“.
Иако веќе влезе во седумдесеттите, Тарик Али сè уште е активен. Во својата најнова книга „Екстремен центар“ тој се занимава со прашањето за екстремните позиции во политиката, насочувајќи го вниманието не кон екстремната десница или екстремната левица, туку кон политиката на т.н. „екстремен центар“.

Покрај политичкиот ангажман, Али неодамна напиша и сатиричен драмски текст насловен „Новите авантури на Дон Кихот“. Тоа е драма, неодамна објавена и во Сараево, која го чека моментот кога ќе заживее на театарската сцена. Приказната ги следи Дон Кихот и Санчо Панса кои одеднаш се наоѓаат во 21 век на рецепцијата во Европската централна банка и во војната во Сомалија. Кога пред две години поминал еден месец на островот Вис, напишал и сценарио за филм за Ленин, кој своето филмско отелотворување - доколку некој режисер се одлучи на таков радикален чекор – би требало да го добие во Холивуд. Оливер Стоун, со кого Тарик често работел, не доби финансиски средства за филмот за Едвард Сноуден, па беше принуден да снима во Минхен. Филмот за Ленин би можел да има слични проблеми. Неодамна Тарик Али ја посети Атина.

Како и многумина поддржувачи на левицата, од почеток ја поддржувавте Сириза на многу начини. Доаѓавте во Грција, учествувавте на трибини, пишувавте текстови, поврзувавте луѓе итн. Меѓутоа, последниве неколку месеци станавте мошне критичен спрема водството на партијата. Можете ли да објасните зошто?

Сè уште ги поддржувам иницијалните настојувања на Сириза и солидарен сум со нив кога се борат против Европската унија и нејзините институции. Кога тоа се случува, јас сум со Сириза, но прашањето е како точно се борите против ЕУ и институциите. Поради тоа станав критичен. Ако погледнете што се случи откако Сириза дојде на власт, ќе видите дека ја напушти својата „Солунска програма“, која и самата не беше претерано радикална. Може да се опише како блага и умерена форма на социјалдемократија: минимални плати, синдикални права, борба против приватизација, обрана на пензијата, итн.

Но, нели е сепак тоа, за жал, денес радикално?

Секако, сето тоа денес е радикално бидејќи живееме во ваков ограничен свет. Пред дваесет години тоа не би се сметало за радикално. И што се случува? Сириза доаѓа на преговори на 20-ти февруари во Берлин, а Германците и водачите на Европската унија велат дека таквата програма не доаѓа предвид. И наместо да се вратат во Грција, на својот народ му кажат како стојат работите, „не можеме да ја имплементираме нашата програма“, тие се враќаат и зборуваат за големата победа, а Тројката се преименува во „институција“. Се плашам дека ако продолжат вака, ќе завршат со тотална капитулација. И тоа ќе биде деморализирачки не само за грчкиот народ, туку и за останатите европски земји кои се противат на мерките за штедење. Затоа, станува збор за една по друга капитулација, и секогаш кога би капитулирале, еврогрупата би поставила ново барање, само за да ги понижи. И против тоа не можете да се борите, па затоа велите „ние сме стратешки дел од европскиот проект, ние сме Европејци“. Тоа е во ред, но не смеете да дозволите да бидете понижени.

Како, во тој контекст го толкувате исходот од референдумот?

Во своите текстови и настапи во последните пет месеци предлагав референдум, бидејќи тоа е единствениот начин на кој можете одново да го мобилизирате народот.

Но, баравте референдум за излегување на Грција од еврозоната, зарем не?

Да, реков дека референдумот треба да има само едно прашање: „Дали треба да останеме во еврозоната по секоја цена? А тоа не значи излегување од Европската унија. Добро е тоа што референдумот се одржа, меѓутоа тој референдум може да се толкува на различни начини. За европската елита „Не“ значи желба грчкиот народ да излезе од еврозоната. Ципрас рече, ако гласате со „Не“, тоа значи дека сме во право за одбивањето на последниот договор. Сметам, да бидам потполно искрен, дека Сириза беше по малку изненадена со ваквиот исход на референдумот, со дури 62% кои гласале „против“. И тоа не е само поддршка на владата, туку воедно и притисок.

Како тогаш ја толкувате првата работа која се случи наредното утро после референдумот, а тоа е оставката на министерот за финансии, Јанис Варуфакис?

Мислам дека Варуфакис е жртвуван. Веќе го критикував тоа како тактички глупав потег, бидејќи Варуфакис, како што и самиот кажува, одлучил да даде оставка бидејќи неговиот лик во Брукселс е неприфатлив. Тоа значи дека европските водачи рекле дека нема да ги продолжат преговорите со Варуфакис. Зошто? Затоа што е препаметен за нив. Зборува на ист јазик како и нив, не можат да го замајуваат со високопарни зборови бидејќи Варуфакис е сјаен економист, има многу пријатели во САД кои го поддржуваат, итн. Од самиот почеток Варуфакис тврдеше дека прашањето за дологот е клучно прашање: не можеме овде да попуштиме, мора да се дојде до реструктурирање на долгот. А за Германците тоа е неприфатливо. Французите сега по малку се менуваат. И во таа смисла, да се вратиме на референдумот. Европската елита сакаше да ја подели Сириза, тоа беше план, да се исфрли левицата од партиите, да се присили Ципрас на коалиција со PASOK, а можеби и Самарас. Наместо тоа, ваквиот неочекуван исход од референдумот, всушност ја подели Тројката. Сите разлики на Тројката само се зголемија.

Да, од друга страна, произведоа контраефект.
Таканаречената „лева платформа“, односно радикалното крило на Сириза, сега се приближува на водството на партиите, дојде до кохезија во внатрешноста на партијата, Самарас даде оставка, итн.

Точно. И она што ви е потребно во таква ситуација се одлучни преговарачи. Би требало да им се каже: „ние сега сме вооружени со 62% поддршка од нашиот народ, а вие собирајте гласови кај вашиот народ“. Варуфакис беше способен да каже такво нешто. Мислам дека тоа е тактичка грешка. А она што ме загрижува е дека тоа е во склад со попуштањето и концесиите на Ципрас. Варуфакис е уште една концесија.

Што ќе се случува после тоа?

MMF многу јасно излезе со документите кои покажуваат дека мора да дојде до откажување на долгот, додека Шојбле и останатите рекоа дека тоа е неприфатливо. Јасен е расколот во внатрешноста на „институцијата“.

Кој не постоеше пред референдумот?

Да, постоеше, но беше под тепих, а референдумот го изнесе на површина. MMF и ECB не се независни играчи кои паднале од небо. MMF претставува американска ризница, а ECB ги брани интересите на германските и француските банки. Според мене, Варуфакис внимателно би го искористил тој раскол, и кој и да оди во преговори мора да инсистира на отпишување на долгот. Истовремено, исходот од референдумот беше шамар во лице на сите тие мали држави кои стојат до Германија, од Португалија до Шпанија. Станува збор за голема криза на еврогрупата.

Неодамна се сретнавте со Пабло Иглесијас. Мислите ли дека референдумот во Грција ќе има влијание на Подемос во Шпанија?

Грција е многу важна за Шпанија. Досега, 90% од медиумите во Шпанија велеа „гледајте што се случува во Грција, криза до криза, секојдневна паника... дали го сакате истото и во Шпанија? Во ред, тогаш гласајте за Подемос!“ Досега беше така. Сега, со 62% поддршка за грчката влада, тоа е истовремено ветар во грбот на Подемос. Иглесијас секогаш истакнува дека Шпанија е четврта економија на еврозоната. И еврогрупата нема да може да се занимава со тоа како со Грција. Мислам дека влијанието на референдумот ќе се почувствува и во Ирска.

Дали мислите дека сето тоа претставува криза на т.н. „екстремен центар“?

Тоа навистина е криза на „екстремниот центар“. Јадрото на „екстремниот центар“ е еврогрупата и тие се многу одлучни во тоа да ја одржат својата сила. Дури и Оланд рече дека не може да го игнорира исходот од референдумот. И доколку MMF дојде со план за отпис на долгот, тоа би бил позитивен исход. Да речеме дека со новите преговори ќе дојде до некаков компромис, од една страна до отпишување на долгот, а од друга на мерките за штедење за Грција, тогаш дебатата би се преселила во грчкиот парламент кој мора да гласа за тоа.

Извор: Globus

ОкоБоли главаВицФото