Конески, Јаневски, Урошевиќ - Бегства (четири раскази)

29.08.2015 11:28
Конески, Јаневски, Урошевиќ - Бегства (четири раскази)

Како нов поттик за испраќање раскази на конкурсот Бегство, издвоивме четири куси раскази од класиците на македонската книжевност: Блаже Конески, Славко Јаневски и Влада Урошевиќ.

Блаже Конески
На спореден колосек

Нашиот весел воз запира на станицата во Криволак. Тоа е возот што рано во 5,43 тргнува од Скопје за Гевгелија.
Го викам весел, затоа што тој ги носи риболовците по долината на Вардар. Некои слегуваат веќе кај Зелениково, некои пред и зад Велес, а најамбициозните одат понатаму.
Нашиот весел воз стои веќе доста време на станицата во Криволак. Стои премногу долго, за да почнат да се нервираат и да пцујат риболовците што треба со време да стигнат во Клисура.
Најпосле, со силен тресок покрај нас мине интернационалниот, како да е облечен во раскошна ливреја.
Тој не фрла ни поглед на нас провинцијалците, стиснати на спореден колосек.

Влада Урошевиќ
Незабележлива опасност

Зад станичните складови проаѓа автобус. Низ сувата улица ќе помине труба прав, ќе го допре плочникот, ќе ја снема. Ќе се укаже потоа малку подалеку, децата трчаат и ускокнуваат во таа мала вртелешка на ветрот, таа ќе им избега, ќе исчезне, ќе отскита понатаму. Децата трчаат по неа и викаат. Жената што поминува мрмори, не обрнувајќи се никому: „Луди деца. А тоа е најопасно. Најопасно”.
He објаснувајќи понатаму, како да кажала премногу од забранетото, таа заминува. Чудната ветрена вртушка се јавува пак на крајот од улицата, како мамка.

Славко Јаневски
Необјаснивост

Дождот го следеа молскавици и громови. Во тоа време, ноќни птици испилени од огнено јајце го гонеа ѓаволот над надојдениот Вардар.
Еден патник неочекувано слета со својата сребрено-сина кола од лизгав пат, за среќа, не во бездна туку во мека нива со детелина, и тогаш тресна со гради во воланот. Преживеа. Остана при свест. Додека седеше згугуравен во колата, напати погледнуваше кон стаклото пред воланот. Наеднаш му се стори дека очите се одвојуваат од него и ја истражуваат ноќта надвор од колата. Се сепна. За да знае дека не е слеп, ги вклучи фаровите. Во густината на дождот, светлоста откри човечка фигура. Се згрчи. Се препозна себе си пред колата, неподвижен, жолт како никотин на палец. Побрза да ги згасне фаровите. Остана соѕидан во мрак. Со претпазливо движење ги провери вратите – беа затворени.
Тоа само ми се стори, мислеше. Не можам да сум во колава и во исто време да сум подалеку од себе.
Не, не, не, продолжуваше со логика да ѝ се спротивставува на апсурдноста, сега под дожд, згрчен, со прашање кој е оној во колата. Јас ли? се прашуваше. И пак, од колата: Јас ли сум оној надвор? Од обете страни сфати дека е на две места.
Три молскавици пред гром. Сега тој се виде себе си неподвижен под дожд и се виде уште еднаш во колата. Заспа на две места.

Славко Јаневски
Град врз темели на магла

Побел од излупено јаболко, градот се издигаше врз темели на магла. На неговите покриви лежеше светлоста на сите векови, но секогаш на едната негова половина, на онаа што го минала работ на мракот. Градот, насреде пресечен со границата на денот и ноќта, се вртеше без прекин како да е поставен на голем воденички камен.
Долу, во маглата под градот, луѓето не се препознаваа меѓу себе. Изморени од барањата на својот идентитет, се разминуваа без поздрав или, скоро слепи, се судираа, се тргаа еден од друг без извинување, продолжуваа бесцелно да чекорат. Изгледаа исти, не се разликуваа. Оние што се одвојуваа од тој еднообразен свет, живееја во некој друг свет до кој низ маглата тешко се наоѓаше пат. Нигде немаше патоказ, нигде зрак. Само облици на згради и силуети во разминување. Ништо друго.
Градот, не оној над маглата, другиот во неа, не се наоѓаше на ниедна географска карта. Од која страна и да му се пријдеше, остануваше еднодимензионален.
Од рабовите на другиот град, оној врз темели на магла, висеа нишки на спас. Помладите можеа по нив да им се доближат на височините со силата на своите мускули. Постарите со мисла. Во нив немаше ни трошка копнеж по сончев зрак.
Магла. Темел на недостижен град. Под градот, едноличност, неизмерлива и бескрајна, вечна.

Слики: Ben Kehoe

ОкоБоли главаВицФото